Петтиот ден на FWSK31: Од булинг до убавина, модата како јазик на промена
31 издание на Fashion Weekend Skopje powered by UniBank, поддржан од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес, во петтиот ден ја претвори салата на Diamond Mall – Carat во сцена каде модата зборуваше за дизајн, свест и етика.
Од разговорите за прифаќање и различност до ревиите што го слават модниот дизајн, вечерта покажа дека модата не е само облека, таа е јазик на вредности и културна промена.
Денот започна со панелот „Fashion Freedom – Stop the Bullying“, организиран од SIEC – Social Innovation and Entrepreneurship Center, во соработка со Македонската модна асоцијација, Меѓаши, Greener Association, Нова интернационална школа, Средното текстилно училиште „Партиенија Зографски“, Peace Corps и Белгиската стопанска комора.
Модериран од Билјана Дуковска (Greener Association), панелот отвори важна општествена тема: како изгледот и стилот можат да бидат израз на слобода, но и причина за дискриминација.

Говорниците понудија повеќеслојни перспективи.
Логан Димитри Хислет од интернационалното училиште Нова зборуваше за потребата младите да ја препознаат различноста како вредност, а не како пречка.
Елена Цветковиќ и Елизабета Клинчаревска Младеновска ги споделија своите родителски искуства, потсетувајќи дека семејството е првиот простор на прифаќање.
Олгица Тренеска и Катерина Димитровска (Luna Aditeya) зборуваа за својата мотивација да промовираат редизајнирана и втора рака мода, и покрај предрасудите што сè уште постојат.
Хилде де Саделиер од Белгиската стопанска комора ја отвори темата за инклузивност во корпоративниот свет, а Џеки, волонтерка на Peace Corps, сподели примери од американските училишта каде дрес-кодовите се прилагодуваат на културните и родовите идентитети.
Панелот го заокружи Маја Велковска од Меѓаши, која ја претстави ALO BUSAVKO SOS линијата, повикувајќи на зголемена поддршка за младите кои се соочуваат со булинг. Заклучокот беше јасен: модата може да биде јазик на прифаќање и мост меѓу различностите.

Веднаш по панелот следеше U-DESIGN ревијата, организирана од SIEC во соработка со Нова интернационалното училиште и Средното текстилно училиште „Партиенија Зографски“.
Колекцијата „Re:Design the Decades“ ги оживеа децениите од 50-тите до 90-тите години преку редизајнирана и рециклирана облека — доказ дека втората рака може да биде првиот чекор кон етичка и одржлива иднина.
Од ретро елеганцијата на Олгица, преку уметничкиот бунт на 70-тите што го оживеа Ивана, до гринџ-енергијата и бохо стилот на младите дизајнери, ревијата ја претвори идејата за рециклирање во вистинско модно движење.
Со учество на ученици, волонтери и млади дизајнери, U-DESIGN стана ревија со порака и заедница со визија.
По дневниот блок, вечерниот дел донесе четири ревии што го обединија личното, културното и уметничкото во една универзална модна приказна.
Со колекцијата “VESTIGE”, дизајнерката Ева Таневска ја претвори модата во поетска археологија на чувствата.Во нејзиниот визуелен јазик, ткаенините се сеќавања, а кроевите се како тивки исповеди.Капутите и костумите, во тонови на тула, бетон и сина фармерка, се симбол на сила, додека органзата открива нежност и ранливост. „VESTIGE“ е приказна за она што останува, убавината на трагот и моќта на преживувањето.
Српската дизајнерка Ана Ивковиќ (Anu Handmade) ја продолжи вечерта со колекцијата “Mila”, минималистичка и емотивна ода на женственоста и традицијата.Изработена од 100% памук и автентично српско платно, „Mila“ ја слави едноставноста, удобноста и природната убавина на секоја жена. Во свет каде модата често бара внимание, оваа колекција го врати мирот како највисок облик на елеганција.

Son of Salome ја претстави својата F/W 25/26 колекција „The Fourteenth Day“ — поетски чин на љубов, тишина и прочистување. Десет силуети, изработени со прецизност и контраст, ја раскажаа приказната за болката што се претвора во убавина. Волна, тул и рачно обележани ткаенини создадоа естетика на спротивности — распаѓање и преродба, тежина и леснотија, темнина и светлина.Колекцијата беше поддржана од Министерството за култура и туризам.
Вечерта ја заокружи Олгица Ѓорѓиева, со колекција “THENOW” што ја потврди силата на индивидуалниот потпис и интимниот пристап кон формата.
Со силуети што балансираат меѓу структура и поетика, Ѓорѓиева уште еднаш покажа дека македонскиот дизајн може да биде истовремено личен, женствен и глобално релевантен.
Петтиот ден на Fashion Weekend Skopje 31 powerebyUNIBankбеше мост меѓу младите и искусните, уметноста и општеството, модата и одговорноста.Од панелите за самоприфаќање до ревиите што ги претвораат спомените, традицијата и чувството во форма, вечерта потсети дека модата не е само изглед, туку огледало на општеството.

Програмата на 31. Fashion Weekend Skopje продолжува и во следните три денови со акцент на уметноста, занаетот и општествената свест.Изложба „Fashion & Craftsmanship“, која ја слави врската меѓу традиционалните техники и современиот дизајн, а на 4 ноември следи модната аукција „Носи ја промената“, под покровителство на Амбасадата на Република Франција, во организација на КОНЕКТ и FWSK.
Fashion Weekend Skopje ќе заврши на 5 ноември со јасна порака: модата не е само прашање на изглед, туку и на став. Таа е култура и одговорност, иновација и соработка што го обликува општеството на иднината.
Со поддршка од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес и со УНИБанка како генерален партнер, FWSK 31 ја истакнува моќта на модата да создава вредности, да менува навики и да гради култура на одржливост.
Fashion Weekend Skopje 31 се одржува во Diamond of Skopje – Carat West Office, во соработка со Perwoll Renew, Martimex (со Michael Kors и Moschino), Pierre Cardin и СУГС „Димитар Влахов“, Венеција Мебел Прилеп, Eptisa, Green Land Group, Бадел, Musetticaffe, Пелистерка, ZIA Jewelry, Аманти паста, Bliss Hotel, 11i11saat и Patty B Bags.






Фото: Ѓоргји Ристоски