Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот
Во време кога екологијата сè уште често се сведува на декларативни заложби и празни фрази, Милијана Богданоска ја живее поинаку – тивко, доследно и со личен пример. Правник за животна средина во Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, таа не ја доживува својата професија како работно време, туку како начин на размислување и секојдневна одговорност.
Од европските искуства со еколошкото право, до малите навики дома и големите пораки испратени преку настани како „Еко-трампата“, Милијана зборува за екологијата низ човечки приказни, емоции и реални промени што започнуваат од поединецот. Во разговорот што следува, таа открива зошто малите чекори значат многу, како заедницата реагира кога ќе ѝ се понуди искрена иницијатива, и зошто активизмот не е жртва, туку пат кон лична и општествена исполнетост.
ЖМ: Кога првпат сфативте дека екологијата не е само професија, туку начин на живот?
- Дека ова е начин на живот и начин на размислување, а не само професија го согледувам секојдневно од денот кога започнав да се занимавам со оваа професија. Колку повеќе учам и навлегувам во тематиката сѐ повеќе самата се преиспитувам за моите постапки и навики кои и не биле баш одржливи а несвесно сум ги правела. Така, пробувам да ги сменам и прилагодам на моето секојдневие. Секако во крајна линија, нормално е нештото кое што го зборувате да бидете и самите пример за истото.

ЖМ: Кој момент во животот ве натера да изберете кариера како „еколошки правник“, професија која звучи ретка, но и многу моќна?
- Во Сплит, Хрватска имав можност да завршам дел од моите мастер студии по право каде се запознав со постоењето на една од водечките невладини организации за животна средина во Хрватска – „Sunce“. Нивниот оддел за еколошко право ме привлече да аплицирам на едногодишен волонтерски ангажман кај нив. Искуството со нив и работата со европско законодавство од областа на животната средина беше пресудна да се определам за правецот на мојата кариера. За мене оваа професија има длабоко значење затоа што и секоја најмала победа во некоја еколошка област има директно влијание врз човековото здравје и благосостојба.
ЖМ: Што е првото нешто што го правите дома за да живеете поодржливо – нешто што не ви е обврска, туку навика што ја обожавате?
- Одвојувам отпад колку е тоа можно иако свесна за начинот на не/управување со отпадот кај нас, користам повеќекратни ќеси за пазарење, користам повеќекратно шише за пијалоци. Исто така го обожавам купувањето second hand облека.
ЖМ: На еко-трампата видовме премногу емоции во еден настан: смеа, возбуда, љубопитност… Кој момент вас лично најмногу ве допре?
- Беше навистина големо уживање да се набљудуваат сите учесници и нивните задоволни лица. Момент што најмногу ме допре беше една слика која ми се појавува често во мислите. Тоа беше повозрасен брачен пар кој дојде на почетокот и седеше до самиот крај. Цели три часа пиејќи го своето кафе сопругата го чекаше својот сопруг да и донесе нешто од новоизложените парчиња, да ја праша за мислење дали и се допаѓа, и потоа да го врати. Тоа беше дејствие кое се повторуваше. Покрај сите учесници, тој момент ми остана врежан затоа што знам дека бабата и дедото имаа момент не само за размена на предмети туку и меѓусебна размена на љубов и разбирање.
ЖМ: Што ве најмногу изненади од луѓето што дојдоа? Генерации? Енергија? Предмети?
- Искрено ме изненади бројката на луѓето кои дојдоа како учесници но и генерацискиот јаз меѓу нив. Навистина имаше учесници 6 до 66 години. Но, пријатно изненадување беше спремноста и иницијативноста за размена без предрасуди. Среќна сум што добивме многу комплименти и поддршка за продолжување на иницијативата „Еко-трампа“.

ЖМ: Ако еко-трампата беше филм, како би се викала?
- „Враќање кон основата“
ЖМ: Што е тоа што луѓето најчесто го носат за размена, а што би сакале повеќе да носат?
- Се носи буквално сѐ што повеќе луѓето не го користат или што го заборавиле дека го имаат па им е вишок дома (книги, мали електрични уреди). Но, со оглед на тоа дека модната индустрија е една од најголемите загадувачи на светско ниво, би сакала да гледам повеќе облека, обувки и модни додатоци.

ЖМ: Што научивте за нашата заедница преку овој настан?
- Покрај сите негативни аспекти на живеењето во Македонија моментално, заедницата повеќе од било кога е желна за настани од овој тип. Луѓето трагаат по насмевки, мотивација и сплотеност. Ваквите настани тоа го постигнуваат.
ЖМ: Дали е тешко да направите луѓето да веруваат дека малите промени – навистина – значат многу?
- Со актуелната апатија помеѓу луѓето денес, би рекле тешко е. Но, не и невозможно. Мене токму таа апатична состојба во заедницата ме мотивира да им го покажам спротивното. Со мали промени, како Еко-трампата на пример. Токму во преплавеноста на негативни вести околу нас, сигурна сум дека ваквите настани како Еко-трампата ја испраќаат пораката дека мали промени значат многу. Тоа впрочем ни се потврди преку сите комплименти и коментари на поддршка од граѓаните кога се одржуваше настанот..
ЖМ: Што следно планира „Еко-свест“ – нешто што можеби првпат ќе го откриете за нашите читатели?
- Повеќе настани од типот на Еко-трампата...

ЖМ: Кое е најголемото „еколошко“ прашање што ќе мораме да го решиме во Македонија во следните 10 години?
- Има многу, но, затоа што мојата омиелена област е управувањето со отпад, сакам да верувам дека Македонија ќе добие модерен и одржлив систем на управување со отпадот во наредните 10 години.
ЖМ: Ако имате моќ да промените само една навика кај граѓаните – која би била таа?
- Почесто да се преиспитуваат за нивните постапки, длабоко да размислат која е причината позади нив и да бидат поискрени со себе. Во една реченица – повеќе да работат на откривање на себеси со постојана едукација и отворен ум.
ЖМ: Дали мислите дека Скопје може да стане зелен град – или само мислиме дека може?
- Се зависи колку мојот одговор на претходното прашање некој би го сфатил озбилно.
ЖМ: Кој е најтешкиот дел од тоа да бидеш еколошки правник? Работа со институции? Закони? Или луѓе?
- Комбинацијата на закони, народот и капацитетите на институциите е тешка сама по себе. Игор Џамбазов има една многу изјава „on point“ која вели:
„Овие што ги спроведуваат законите или што треба да ги донесат а се однесуваат на животната средина и природата.. тие имаат свои поколенија, деца, внуци? Тие кој воздух го дишат? Некој увезен или? “
Епа, работата со сите „ОВИЕ“ е еден од најпредизвикучавките задачи.
ЖМ: Кој е најубавиот комплимент што сте го добиле за вашата работа?
- „Фала што се обидуваш да направиш нешто за сите нас“ .
ЖМ: Кога последен пат нешто ве натера да кажете: „Еј, ова вреди да се направи за планетата“?
- Последниве 2 години константно работам на иницијативи што сметам дека вреди да се направат за планетата. А, и работата во организација која се бори за заштита на животната средина и природата е нешто кое те потсетува секојдневно дека правиш постојано нешто што „вреди“.
ЖМ: И за крај – што сакате младите девојки да знаат за активизмот? Дека е тежок, дека е убав, или дека вреди?
- Мене активизмот ми овозможи постојан раст, брза елиминација на тоа што не е за мене, и ми го покажа правецот кој сакам да го одам. Истиот, целосно ми го промени животот и ме донесе до таму каде што сум сега, а моето моментално чувство е чувство на целосна исполнетост. Во ваков систем на функционирање сметам дека е од голема корист за поединците па дури и неопходно за државата. Конекциите и вмрежувањата кои се остваруваат се непроценливи за понатамошниот наш развој. И профеионален и приватен. И не само на девојките, активизмот го препорачувам на секој човек.
Ирена Ставрова