Страста кон патувањето ја претворила во професија, вози мотор и страниците од биографиите на нејзините клиенти ги испишува со поминати километри

Пие по две кафиња дневно. Денот го започнува со кафе за себе и кафе кое го пие во друштво на својот тим.
Со второто кафе ја зачнува креативната симбиоза и размена на идеите. Кристина Николова, својата страст за патување ја претворила во професија. Работи вредно на создавање на спомени во биографиите на другите луѓе кои ги испишува со поминати километри од патувања.
Има несекојдневно хоби за една жена и храбро вози во рушење на предрасудите за тоа дека жените нешто не можат или не треба да направат. Денот го завршува со чаша вино и мисла каде може следно да организира патување.
Сѐ на сѐ, живот на жена која несекојдневно го живее своето секојдневие, со својата храброст да живее надвор од очекуваната рамка, отвора перспективи за многу други луѓе, пред сѐ е инспирација за жените.
Љубопитни бевме како започнува долгиот ден полн со активности на една успешна деловна жена.
-Мојот ден започнува некаде околу седум часот наутро, со длабок здив и благодарност за новиот ден. Прво проверувам дали има итни пораки од клиенти или партнери во различни временски зони - кога работиш со дестинации низ цела Европа, комуникацијата е клучна. Потоа следува моето свето време за кафе и кратка медитација пред да одам во канцеларија.
Најголемиот број од луѓето имаат свои утрински ритуали, низ кои може да се согледа колку тие внимаваат на својот изглед, здравјето, но и колку време одвојуваат за себе. За успешните луѓе, почетокот на денот, е важен за целокупната негова организација.
Почнувам со еспресо, направено во мојата италијанска машина за кафе - сувенир од едно од патувањата во Тоскана. Покрај кафето, најмногу уживам во свежи овошки - најчесто се грозје или праски од локалните пазари. Оваа комбинација ми дава енергија и ме потсетува зошто толку ги сакам европските утра и традиции кои ги пренесувам во нашите аранжмани.
Но, ниту еден успешен човек, страниците на својот успех не може да ги испише сам. Зад секоја успешна приказна стои цел тим, кој синхорнизирано и под добро водство работи на остварување на целите. Ниту една приказна не може да биде целосна, доколку во неа има само еден лик. Затоа второто кафе, Кристина го пие во друштво со својот тим и токму во тој момент се случува размена на идеи.
Второто кафе …во канцеларијата, со мојот тим. Ние сме како големо семејство и секое утро имаме краток состанок за планирање на денот. Тука разговараме за новите барања на клиентите, споделуваме идеи за унапредување на нашите понуди, а често и искуства од патувањата што ги имаме направено.
Најголема мотивација ми се очите на клиентите кога ќе се вратат од патување. Тие моменти кога ми раскажуваат како откриле скриена винарија во Португалија или како се влубиле во залезот на Санторини. Знаењето дека сум дел од нивните најубави спомени - тоа е она што ме тера да бидам секој ден подобра во она што го правам, вели Николова.
„Секое патување мора да има душа“
Таа истакнува дека патувањата се тие кои ги создаваат нашите спомени, ги градат нашите искуства, но и нас нѐ градат како личности. Најдобрата инвестиција е во себе, а најдобар начин да инвестирате во себе, е да организирате патување на кое ќе ги отворите можностите за нови искуства и возбуди.
Мојот фокус е да создавам совршени патувања што се вистински доживувања, не само дестинации. Секој ден работам на тоа како да ги направам нашите европски аранжмани попристапни и поперсонализирани. Дали е тоа гастрономска тура низ Франција или авантуристичко искачување на Алпите - секое патување мора да има душа.
Денот сепак го завршува со чаша добро вино и со планови каде следно ќе патува.
Кога ќе седнам со чаша добро вино и ќе планирам нови дестинации. Тоа е мое време за креативност - листам низ фотографии од местата што сум ги посетила, размислувам како да создадам нешто уникатно за нашите клиенти. Понекогаш го правам тоа на терасата, понекогаш во фотелјата со моето кутре покрај мене.
Жена моторџика
Возам мотор! Тоа е мојата страст и начин да се ослободам од секојдневието. Има нешто магично во отворениот пат - истата слобода што сакам да ја пренесам во патувањата што ги организирам. Од книги, читам книги за патувања и биографии на жени што го смениле светот. Од филмови - "Under the Tuscan Sun" е мој вечен фаворит.
Крајот од денот го завршува со алтруистичка мисла
Секој ден го завршувам со мислата дека утре ќе имам можност да му помогнам на некој да открие нова страна од светот. Во оваа професија, ти си дел од туѓите соништа - и тоа е привилегија што не ја земам здраво за готово. Благодарна сум што можам да го работам тоа што го сакам, со тим што го сакам, за луѓе кои ги сакаат истите работи како мене.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов
Фото извор: Приватна архива