Вечера со луѓе што не се плашат да бидат живи

Добивај вести на Viber

Постои еден тивок, речиси срамен и притаен страв што ретко го признаваме. Стравот од “нова маса“! Од непознати луѓе. Од вечери што однапред  и замислуваме како долги, тешки и исполнети со разговори кои личат на повторување на вчерашните политички вести.

Токму со таа скепса, минатиов викенд со маж ми прифативме една покана на наши супер блиски другари Елена и Дејан, да им се придружиме на вечера со нивните пријатели кои ние не ги познаваме.

Сакаш!? -ме прашува маж ми.

Абе како да ти кажам, знаеш дека не љубам баш многу, многу бош и досадни муабети, ама ако веќе си се договорил ајде… Идеме!

Тоа се луѓе кои воопшто не ги познаваме. Луѓе за кои да бидам искрена не очекував ништо повеќе од коректност.

Се спремив за “учтиво присуство“.

За она внимателно климнувње со глава, за она „да, да, да…, не, не,не… И за она дискретно погледнување на часовникот.

Лелееее си реков, како ќе се снаоѓам, ако нема приказна, ако нема дразба, ако муабетот не игра на астал. Одмана веќе не правам компромиси по многу основи. Завршив со тоа. Немам време!

Сомнежот ми се сруши “док си реко пиксла“.

Како во филмовите на Фелини, реалноста реши да ме демантира. И одеднаш асталот, не беше астал. Беше сцена. Разговорот не течеше, разговорот играше заедно со нас на маса. Смеата не беше пристојна, беше заразна.

Бевме четири пара. Елена и Дејан, две Биљани и нивните Мишко и Симе. И плус како апансас во најдобра смисла на зборот Кире-американецот.

Американец е по адреса, а Македонец и по душа и по срце. Тука е на месец дена, а седнат е меѓу нас, како никогаш да не си заминал. Се е како во добрите, стари времиња кога луѓето не се договараа со недели однапред за да бидат заедно.

Во еден момент ги видов седнати заедно со нас на масата и среќата и радоста и блискоста и љубовта. Сите. Се раширија низ цела кафеана. Без никакви свечени покани, без никакви објаснувања. Просто дојдоа и седнаа. Е од тој момент, муабетот започна да игра заедно со нив. Во еден момент меѓу некое стото живели-живели се случи нешто што вреди да се запише.

“Е ова е тоа што ми фали во Америка“ - рече Кире-Американецот.

Не фали ова само во Америка-рече Биљана - ова веќе фали во цел свет.

Ај живели….

Се зборуваше и за се и за ништо. Истовремено.

За телото, за желбата за сексот, без срам и без надуеност. Се зборуваше како дел од животот, а не како доказ за живот.

За децата, ама без идеализција - нашите сопствени деца кои не беа поштедени од искрениот муабет.

За грешките што ги носиме како сопствен багаж, а не како алиби.

Никој не се фалеше. Секој со леснотија го пердашеше сопствениот погрешен став. И токму таму, во таа искреност без поза, без местења, душите ни беа на астал, присутни, разиграни, а сепак мирним бидејки немаа потреба да се бранат . Од никого.

Луѓе умни, успешни. Реализирани. Но пред се -неоптеретени.

Во време кога сме уморни од средби, од луѓе, од “ај да се видиме, ај да се чуеме“, оваа вечер беше тивок потсетник дека не сме уморни од другите - туку од празното. Од разговори без длабочина. Од дружења без присуство.

Ееее, кога ќе налеташ на луѓе што се свои, а не се напорни, што се отворени, а не се наивни…, што се радосни, а не површни…, е тогаш времето престанува да биде мерка.

Се зборуваше и за бракови, за нашите бракови што траат по дваесет и кусур години. Ама не со патетика, туку со смеа и самокритика. И некако како да гледав дека сите се засакуваме вечерва уште повеќе. Не затоа што бевме откриле нешто нови кај своте мажи, или жени, туку затоа што повторно се сретнавме како луѓе, а не како улоги.

Си заминавме со чувство дека сме биле дел од нешто ретко. Не од спектакл, по фенси и укочени модерни и скапи ресторани, туку од едно локало Дебар-маалско ресторанче, подзаборавено и сокриено таму негде меѓу сокаците, кое ни ја отвори вратата на човечката блискост која што не се глуми.

Никогаш не треба повеќе. Никогаш. Требаат само вистинските луѓе на асталот.

И ова не е колумна за вечерта. Ова е колумна за храброста да прифатиш покана. Да излезеш од сопствените претпоставки. Да им дадеш шанса на новите луѓе да те потсетат кој си кога си опуштен.

Затоа што понекогаш најубавите вечери почнуваат токму таму, каде што очекуваме здодевност.

И токму таму, меѓу непознатите лица, повторно се сретнавме со радоста, среќата, љубовта, нашите стари добри пријателки кои едвај чекаа да им наместиме место на нашиот астал.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: