Пешаците конечно на црвен тепих

Добивај вести на Viber

На улиците во Скопје одамна е хаос како во лудница.

Сѐ некој свири, пцуе, искача од кола да се тепа, претрчува на сред улица, се прекачува преку огради, поминува, или претчува на црвено… Скопје одамна е град со отсуство на сообраќајна култура. И не само на сообраќајна.

Но…, сега во Скопје има нова порака на телефонот…

Не е СМС од другарка, или дечко, ниту пак е нотификација од Инстаграм. Тоа е камерата што ти вели: “убаво возиш, ама ќе платиш“.

Отсега па натаму, за секој +1 километар над дозволеното, ќе ја чувствуваме државата блиску до нас. Односно, блиску до нашиот новчаник.

Во некои земји државата ја нарекуваат мајка, а кај нас државата одамна е маќеа. За нас обичните. За оние од власта кој знае што е. 

И тука нa сцена сега стапува дилемата: „Дали е ова навистина мерка за безбедност, или само нов член во семејниот буџет - државниот секако“?

Пешаците конечно се чувствуваат како ѕвезди на црвен килим. Прв пат можат да поминат на пешачки без да им се молат на сите светци. Супер, заслужено. Триста маки видовме сите како пешаци во овој град.

Возачите пак, возачите сега ќе треба да одат на курс по преживување:

- Како да возиш толку бавно, а да не заспиеш?

- Како да броиш километри, а да не ги изгубиш нервите?

- Како да гледаш у шал таблата, и да не чукнеш некого пред тебе?

- Колку порано да излезеш, за да стигнеш на време на ручек, на состанок, на концерт? 

Сега ние возачите сме како во детска игра: Не гази по линијата, не пречекорувај, не вдишувај премногу, мајка ти ќе плати казна.

А Ѓоре со џипот!?

ДА, тој е тука. Во муабети на кафански астали, меѓу луѓе на улица, Ѓоре е ликот кој сите не бургија.

Легендарниот лик Ѓоре, кому братучет му, му работи во МВР.

Дали и Ѓоре ќе плати казна? Не знаеме. Само велиме дека народот го следи Ѓоре со повеќе интерес отколку што ги следи новите цени на гориво. Зошто!? Затоа што ние не се жалиме на казни, туку сме трауматизирани од нешто друго: од живот со селективна правда.

Можеби овој пат ќе биде фер. Можеби и Ѓоре ќе добие казна и ќе каже: добро бе ред е ред, за сите!

Замисли наслов: „Ѓоре плати казна“. Па мислам дека тоа ќе биде поголема вест за нас, отколку победа во ракомет.

Во меѓувреме, градот е катастрофа. Луѓе возат по 2-3 саата до дома. Во градот деновиве повеќе и побрзо се движат мислите отколку автомобилите.

Вака Скопје може да стане првиот град во Европа каде што ќе има сообраќајна медитација. Вдиши 48км на час, издиши 49 км на час.

Да нема забуна. Не сум против ред, ама сакам ред кој не прави луѓе, а не статистика.

И пешакот и возачот сакаат едно исто: да не живееме во хаос, ама и да не плаќаме данок за човечка грешка. Нема проблем да има камери. Нека има! И треба да има! Само нека се чувствува дека целата работа е за безбедност, а не за собирање кеш во буџетот.

Не мора да избереме меѓу “само казни“ или “хаос без контрола“. Постојат и нормални опции. Се разбира дека ние не сакаме да возиме како да сме на трки. Ние само сакаме да не се чувствуваме како во риалити шоу, во кој “Велики брат“ ни вели: “Казната е твоја“.

Можеме да ги имаме најсовремените камери на балканот, но ако системот не улива доверба, луѓето ќе продолжат да им веруваат повеќе на легендите за “Ѓоре“, отколку на законите.

Камерите можат да спасат многу повеќе животи, ако ни дадат чувство дека сите важиме еднакво пред нив.

Со тоа ќе добиеме безбедност и убаво чувство. А не со пораките на мобилен од МВР и со казните.

До тогаш ќе возиме внимателно, ќе поминуваме улица комотно и ќе чекаме да видиме дали Ѓоре ќе стане инфлуенсер за казни. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: