Корени и крилја - женската љубов, што го следи синот

Добивај вести на Viber

Во животот на еден маж постојат два погледа што го следат. Едниот е погледот што го научил да чекори, а другиот е погледот што ќе му биде поддршка додека чекори. Мајката и сопругата.

Тоа се тие две љубови, што многу лесно можат да станат ривалитети, а многу потешко - две сојузнички.

Тоа е така, затоа што жените не се мерат по формула, туку по чувство. А чувствата не знаат за правила. Затоа се опасни.

И знам дека секоја жена барем еднаш во животот си помислила „Дали сум му јас доволна и до кога ќе биде “мамин син“?“

Кога си снаа таа мисла е тивка сенка.

Кога си пак свекрва, веројатно имаш мисли полни со страв од типот дека готово „го загубив синот“.

Јас сум во пресрет на тоа да бидам и едно и друго. Веќе сум снаа, а за некое време ќе бидам и свекрва.

И веројатно затоа денеска пишувам поинаку, не само како жена, туку како двојна улога.

Сфатив дека љубовта не се дели на моја и твоја, туку на „порано“ и на „подоцна“, односно „понатаму“.

Мајката е љубов, што го држела синот за рака, а сопругата е љубов што ќе му ја држи душата.

Еднаш сосема спонтано мојата свекрва ми рече:

„Знаеш, јас кога го родив, не помислив дека еден ден ќе треба да ти го дадам син ми“.

А јас и одговорив: „А знаете ли дека, јас откако го сретнав - ниеднаш не помислив дека еден ден треба да ви го земам синот“.

Двете замолчивме. Не затоа што не знаевме што да кажеме, туку затоа што сфативме дека љубовта не прашува чие е срцето. Љубовта прашува само дали има доволно место во срцето. И за едната и за другата љубов.

Во секој однос има миг кога жената мора да избере помеѓу љубомора, или зрелост. Едната ја стеснува љубовта, другата ја проширува. Кога ќе станеш свесна дека љубовта не е натпревар, туку продолжување, тогаш сфаќаш дека не си губитник ако попуштиш, туку дека си интелигентна жена што знае кога се премолчува од слабост, а кога од мудрост. И ова сеедно дали си снаа, или свекрва.

Верувам дека мажот не треба да бира помеѓу мајката и сопругата. Глупаво е ова. Ниту пак дека треба да биде мост меѓу нив. Мостот сме ние жените.

Мајката треба да ја отпушти рачната кочница, а сопругата не треба да го стегне премногу ременот.

Затоа што само во слобода мажот може да покаже што научил како син и каков маж сака и треба да биде.

Секоја од нас порано, или покасно може да ги игра и двете улоги. Денес сум снаа, утре можам да бидам свекрва. И можеби затоа љубомората ми се чини премногу евтина, а довербата - највредната инвестиција, во која можеме да вложиме.

 Свекрвата не губи син. Таа добива шанса да сака уште едно дете. Снаата не зема ништо. Таа само сака свое место,  и ако и дозволиме, таа не преселува љубов, туку само ја продолжува.

Можеби токму во тоа е тајната што сите ја бараме. Не да се одбере најважната жена во животот на еден маж, туку да се препознае дека љубовта има различни форми и дека секоја форма има свое време.

Мајката е минатото што го изградила, а сопругата е иднината што ќе ја гради. И ако сме доволно зрели - во сегашноста има место за двете.

А можеби и љубовта и не се дели на улоги. Можеби е само прашање што сите си го поставуваме кога никој не не слуша. „Дали сум доволна“?

А одговорот, ако прашаме тивко и во себе, ќе дојде сам. „Да, доволна си, ако љубиш без да бараш престол“.

Затоа што во кралството на љубовта нема две круни. Има само два пара отворени раце. Едни што пуштаат, други што прифаќаат. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: