„Еден ден сакам да ме има на големото платно“: Запознајте ја 9-годишната Марта која прави видеа што ги надминуваат и професионалците
Марта Конеска има само 9 години, но веќе ја освојува публиката со својот природен талент, развиена чувствителност и искрена љубов кон камерата. Таа е дел од новата генерација млади актерки и креаторки на културна и забавна содржина, кои покажуваат дека детската креативност нема граници кога е поддржана со љубов, посветеност и вистинско водство. Марта своите први чекори во актерството ги направила уште на петгодишна возраст, кога започнала да посетува часови по актерска игра, откривајќи дека сцената е нејзино природно место. Денес, преку својот Instagram профил, создава видеа исполнети со хумор, емоција и автентичен дух, инспирирани од секојдневни моменти, прошетки, семејни случки и убавините на Македонија.
Со беспрекорно чувство за имитација, свеж детски поглед и поддршка од родителите, Марта без напор го спојува актерството со создавањето содржина што ја разбираат и децата и возрасните. Најголема инспирација и се нејзините професори Тони и Александар Михајловски, како и актерот Стефан Николовски, кои ја охрабруваат да расте, да се смее и да истражува нови улоги.
Иако има многу обврски околу училиштето, Марта успева да најде баланс и да создава содржина што буди насмевки и поттикнува размислување. Многуте позитивни коментари што ги добива ѝ се поттик да продолжи по својот пат — кон сцената, светлата на театарот и големото филмско платно, каде еден ден, како што вели, сака да го остави својот белег.

ЖМ: Марта Кога и како првпат почувства дека сакаш да бидеш актерка и креаторка на видео содржини?
- Па, уште од мала возраст уживав да гледам серии за деца (па и за возрасни -се смее) и често знаев да имитирам некои од ликовите. Моите најблиски ми го препознаа талентот за актерството и така од 5 год. почнав да посетувам часови по актерска игра.
А, креаторка на видео содржини на Инстаграм сум скоро од неодамна, сметав дека можам и едноставно сакам да ги забавувам сите.
ЖМ: Од каде ти доаѓаат идеите за твоите Instagram видеа и објави — како ги осмислуваш?
- Идеите ги црпиме секогаш со мајка ми, од секојдневни приказни, настани, прошетки во природа, посетувајќи ги нашите градови низ Македонија, и така ни доаѓа идеја за сценарио кое подоцна го реализираме.

ЖМ: Кое е твоето омилено видео што го сними до сега и зошто?
- Едно од поомилените видеа, ми е видеото каде си ги имитирам родителите на плажа (се смее). Едноставно зошто е најоргинално, и сакав да си се видат во некои ситуации од страна како изгледаат тие на плажа. (се смее)
ЖМ: Како се подготвуваш пред камера — имаш ли некоја рутина или мислиш само слободно да создаваш?
- Немам некоја посебна рутина, најчесто се договарам со моите кој ден би имале најслободно време за снимање, и се пуштаме во акција.
ЖМ: Кој ти е најголем предизвик кога снимаш — сцената, камерата, или нешто друго?
- Понекогаш најтешко ми е да не се насмеам тогаш кога треба да сум сериозна.
ЖМ: Кои актери или креатори ти служат како инспирација ?
- Инспирација и поддршка ми се моите професори по актерска игра, Тони Михајловски и Александар Михајловски (познат на Инстаграм и како sin.nа.majka), актерот Стефан Николовски исто така, и некои други креатори на забавна и културна содржина.

ЖМ: Што сакаш да пренесеш со твоите видеа — каква порака или емоција?
- Со моите видеа сакам да пренесам убавина, емоција и дел од нашата македонска култура. Сакам преку видеата да покажам дека и децата можат да раскажуваат големи приказни. А, со забавните видеа, ако некој се насмее или се замисли – е тогаш сум успеала. (се смее)
ЖМ: Како се чувствуваш кога ќе видиш позитивен коментар или порака од твоите следбеници?
- Кога ќе видам убав коментар или порака секогаш се радувам. Тие зборови ме прават похрабра и ме мотивираат да продолжам понатаму.

ЖМ: Дали имаш желба или некоја улога што би сакала да ја одиграш во иднина?
- За некоја конкретна улога не сум размислувала, но имам голема желба да застанам на сцена со нашите најдобри актери.
ЖМ: Како балансираш меѓу училиште, активности, снимање и одмор?
- Па искрено и немам некој проблем, секогаш гледам да завршам се на време, некогаш од повеќе училишни обврски немам време за често снимање, но секоја слободна прилика ја користиме за да направиме некое добро видео.
ЖМ: Што би им кажала на други деца на твоја возраст кои би сакале да „станат“ креатори на видеа или актерки — каков совет имаш?
- На сите деца би им препорачала прво да веруваат во себе, во својот талент, во тоа што го сакаат ,секогаш да имаат поддршка од нивните родители, и ако сакаат да бидат дел од актерската игра, не себично би им ја предложила школата која јас ја посетувам „Актерска школа Михајловски“ каде едноставно со љубов, посветеност и внимание не учат да го надминеме секој предизвик.
Плус прашања....
ЖМ: Што е тоа што те прави најсреќна во текот на денот?
- Искрено, кога немаме домашна задача од училиште (се смее), кога сите заедно дома гледаме некој филм кој јас ќе го одберам.
ЖМ: Кога не снимаш и не настапуваш, како најмногу сакаш да го поминуваш времето?
- Па често знам да прочитам некоја книга од Вилијам Шекспир од едицијата за деца, а и знам да поиграм малку видео игри со другарите.
ЖМ: Имаш ли некоја навика или мал „ритуал“ што ти помага да се смириш пред да излезеш пред камера?
- Не секогаш имам трема пред камера, а кога тоа ќе се случи само дишам длабоко, мислам на убави работи, и кога ќе се вклучи камерата веќе сум своја и тремата ја снемува.


ЖМ: Кој е најубавиот совет што некогаш ти го дала мама или тато?
- Секогаш ми викаат да верувам во себе, да бидам праведна со сите и дека тие се покрај мене што и да одлучам да правам, доколку тоа е правилно.
ЖМ: Имаш ли некој посебен сон за иднината, нешто големо што сакаш да го оствариш кога ќе пораснеш?
- Па сакам да бидам позната актерка, да ме има на големото филмско платно, и се надевам со труд и учење ќе успеам во тоа.
Ирена Ставрова