Живот помеѓу слонови, фламинга и спомени: Приказната на Војо Иванов – човекот кој ѝ го посвети животот на скопската Зоолошка
Војо Иванов, едно од најпрепознатливите лица во скопската Зоолошка градина, веќе повеќе од две децении живее меѓу животните – буквално и филозофски. Неговата приказна не почнува со вработување, туку со љубов од детството. Како дете од Тафталиџе, секој викенд го минувал токму таму, меѓу кафезите, природата и единственото место во градот каде животните и луѓето се среќавале толку блиску.
Кон крајот на 90-тите, уште како тинејџер, почнал да волонтира. Но, како што раскажува со типичниот свој хумор, „со секоја нова менаџерска постава се карав“. Сè до 2018 година, кога, неколку недели пред роденденот, добил повик од тогашниот директор Галетановски. Половина час разговор бил доволен – да си подадат рака, Војо да даде отказ на старото работно место и веднаш да почне со работа.
„Буквално спиев на работа,“ вели тој. Особено кога дојдоа слониците, а потоа и фламингата. Една колешка која заминувала во пензија дури го бркала дома – толку многу време минувал во Зоолошката што не било ни законски.

Магични моменти и тешки денови
Работата во Зоолошката, вели тој, не е обична работа – тоа е „жива установа“ во која ниеден ден не е ист. Некои денови носат возбуда и радост, како кога пред публика ги раскажувал приказните за животните, или кога го добиле првото јајце од пингвин и првото бебе – момент кој го смета за вистински успех.
Но, има и денови кои засекогаш го менуваат човекот. Еден од најтешките бил кога со полиција, „превентивно“, пред нив биле отстрелани сите птици на езерото – подоцна се утврдило дека немале птичји грип. А најголемата болка ја носи од загубата на слоницата Дуња. „Денови ми требаше да се вратам во нормала“, вели тој.
Пријателствата со животните
Војо верува дека животните го чувствуваат човекот. Најсилната врска ја имал со Дуња – „умница“, како што ја нарекува. Во 60 години сè видела: шатори, камиони, претстави, илјадници лица. Имала поглед што „те замрзнува“. Била многу напатена, а дури и од нејзината смрт луѓе правеле циркус – нешто што тој никогаш нема да го прости.
Карло, бактријанската камила, е „неговиот“. Роден во ЕУ, живеел во Љубљана, а во Скопје дошол како дел од програмата за одржување на видовите. Денес е дедо, заедно со својата чешка сопатничка Мирај.
Од домашни миленици, има една мачка – Мици. „Најаристократската кантарка на Илинденска“, се смее тој. Иако работи меѓу животни, не сака тие да бидат зависни од човек: „Пасија ми е да живеат во своите стада, јата… да има подмладок.“

Што е најубаво, а што најтешко за Војо и неговото секојдневие во ЗОО Скопје
„Викендите со публиката ми станаа траума,“ вели со искреност. Толку многу емоции, луѓе, коментари – не секогаш е лесно. Но затоа утрата се магични, особено летните зајдисонца, кога целата зоолошка навидум се смирува.
Состојбата во Зоолошката – поглед одвнатре
Војо отворено зборува за проблемите: недостасува емпатија, дисциплина, трудољубивост и посветеност. „Фали пасија“, нагласува.
Најмногу го боли кога „тераат политика на наш грб“ – луѓе кои немале врска со животните носат одлуки што директно влијаат врз нивниот живот.
Вели дека животните не ја чувствуваат состојбата како луѓето, но дека Зоолошката има „стара колекција“ и животни од циркуси и лаборатории. Затоа, природно е да има повеќе смртност, помалку принова – и тоа е дел од процесот кој требало да се разбере, но наместо тоа бил злоупотребен за политички поени.

Љубов и жртва – основата на професијата
На прашањето што најмногу недостасува во Зоолошката, тој одговара без двоумење: човечност. „Љубов, одговорност, жртва.“ Еден човек – директорот – може да промени сè.
Работата го троши емотивно. Многу. Но се потсетува на Станко Караман, човекот кој пред 100 години ја создаде Зоолошката. „Си велам, ако тој успеал со истиов народ, ќе успеам и јас да ја одржам.“

Зошто останува?
Иако многумина го прашуваат зошто не си оди од Скопје ЗОО, неговиот одговор е поинаков: магијата што го држи таму е истата магија што го држела и градот низ поплави, земјотреси и катастрофи. „Чим постои – значи некои ја одржале. Веројатно јас сум во новата клапа од тие што ќе ја одржат низ новите катастрофи.“
Кога последен пат видел вистинска радост во очите на животните – нешто што
му дало надеж дека вреди...
„Не барам радост – доволно е да има мир.“ Ниту едно животно таму не е родено во природа, а неговата задача е да им создаде што повеќе природни моменти во неприроден простор. Понекогаш тоа е глина и кал – грди на човеково око, но рај за фламинигата.
Најемотивниот момент што го доживеал Војо во зоолошката е Дуња...
Како што кажува, сè се враќа на Дуња – во живот и во смрт.

Пораката до граѓаните
„Не се сомневам во чувствата на публиката – тие се реални. Важно е како се комуницираат.“
Се надева дека повторно ќе дојде време кога ќе можат отворено да зборуваат, без цензура.

Зоолошката што ја сонува
„100-те години да ги затвориме во минатото и на Скопје да му дадеме нова приказна – Скопје Биопарк.“ Место каде животните ќе живеат во мир, а луѓето ќе бидат само набљудувачи, излегувајќи од таму мотивирани за заштита на природата.


Порака до оние што носат одлуки
„Треба да ги поминат оградите и да нѐ слушнат. Ние сме месинџер на јазикот на животните.“
Ирена Ставрова