„Не планирав да ѝ се вратам на поп музиката – публиката ме врати!“: Хрватската поп ѕвезда Весна Писаровиќ за Женски магазин
По подолга пауза од домашната поп-сцена, хрватската пејачка Весна Писаровиќ повторно се враќа под светлината на рефлекторите – и тоа со обновена енергија и ентузијазам. Нејзиниот изненаден настап на познатата студентска манифестација „Бруцошијада“ во 2018 година, по покана на хрватските студенти, беше повод да го почувствува стариот пулс на публиката и да открие дека нејзините најголеми хитови сè уште живеат, се пеат и се слават низ целиот регион. Овој силен емомотивен момент, вели Писаровиќ, бил пресуден да ѝ се врати на поп музиката, иако никогаш вистински не се оттргнала од неа.
Додека беше „во музичка илегала“ на хрватската сцена, Весна живееше во Берлин – градот што ѝ даде слобода да создава, студира и да се нурне длабоко во светот на џезот. Таму ја надгради својата уметничка визија и ја продолжи музичката приказна на еден поинаков, зрел начин.
Во интервју за Женски магазин, Писаровиќ открива како изгледа нејзиниот берлински живот, со кои македонски колеги е во контакт, како и што подготвува за големиот концерт најавен за 28 март во Македонската филхармонија во организација на „Евентум продукција“– концерт што ветува да биде вистинска музичка свежина за нејзините долгогодишни обожаватели.

Весна се присетува кога последен пат го почувствувала ритамот на Скопје и што најмногу ја поврзува со градот.
„Последен пат бев пред пандемијата во 2018 година, бев на сноубординг, потоа дојдовме во Скопје на три дена, имаме многу добри пријатели тука. Тогаш се прошетав низ Скопје, ја погледнав архитектурата, историја и секако храна, тоа е задолжително.“
Писаровиќ споделува дека иако живее надвор и ретко се појавува на регионалните сцени, постојат колеги со кои одржува блиски односи.
„Од музичката сцена во контакт сум само со Владо Јаневски, од кога го снимивме дуетот ние сме во контакт. Тој и често знае да дојде во мојот роден град Пожега од каде што сум јас. Настапуваше на фестивал во Пожега. Така што само со него сум во контакт и со мојот пријател архитект.“

Во пресрет на големиот концерт во Скопје, Весна зборува за тоа како се адаптираат аранжманите и што бара просторот од неа како изведувач.
„Аранжманите ќе мора да ги прилагодиме. Аранжманите треба да се адаптираат за моите стари хитови кои повеќе беа клубски, па морав да ги прилагодам за просторот во кој пејам. Тоа се простори кои не се многу добро прилагодени на звукот, за удобно слушање. Пеењето во Филхармонија ќе ми даде мотив да создавам аранжмани кои ќе бидат малку пософистицирани за звукот во кој ќе уживам и ќе ја искористам таа прилика.“
Иако салата е формална, Весна смета дека нејзините концерти секогаш носат динамика.
„Да бидам искрена, моите концерти, поп концерти повеќето се стоечки. И публиката сака да игра, верувам дека и во Филхармонија луѓето ќе играат. Ако е така, тогаш нема да има никаков проблем, затоа што песните се доста енергични. Секако ќе има и балади, но јас сакам само да играм. За мене тоа се жанрови кои можат да овозможат телото да игра и да размени енергија. За разлика од џезот каде што си фокусиран само на звукот и музиката.“
Писаровиќ искрено објаснува како дошло до нејзиното повлекување од поп музиката и како џезот станал нејзин свет.
„Да се повлечам во „илегала“ во однос на поп музиката... тоа убаво го кажавте. Ме натера самата музика, некако почувствував дека морам понатаму, да ја откривам музиката и себе си низ музиката. Студирав џез, некако оваа музика ми се чини како одговор на моето барање што и навистина е така. Мислев дека тоа ќе биде само една година, две или три, но тоа се претвори во 15 години и не престанува, јас и понатаму сум во тоа. Што повеќе вежбаш џез, толку повеќе ‘ти излегува од рака‘. Па тогаш посакуваш за таа музика да дознаваш уште повеќе, мислам дека еден живот не е доволен да совладаш се што би сакал за таа музика“.

„За враќање во поп музиката немав никаква намера, мислев дека никој повеќе не ги знае моите песни и да не знаат како изгледам. Во 2018 година ме поканија студентите да настапам на нивната ‘Бруџошијада‘, тоа е таа позната ‘Бруџошијада‘ во Загреб, каде доаѓаат голем број на студенти од сите факултети. Кога тие најавиле дека јас ќе настапувам, сите карти се распродале за неколку минути. Имаше и многу луѓе надвор кои не успеале да купат билет, и тоа беше навистина делириум. Дојдоа со касети, ЦД-а, маици, постери, сите пееја од почеток до крај. Јас во еден момент се запрашам дали ова е можеби некоја шега, навистина нереално. Јас самата не бев свесна, а веќе по три дена заминав за Белгија да снимам џез, а сето тоа ми беше како некоја дистракција, но луда дистракција, која трае од тогаш.“
Весна опишува како изгледа секојдневието во град полн со музика и уметничка слобода.
„Тоа е прекрасен град, јас сум таму како дома. Да речеме секој ден во тој град има околу 15 концерти на кои јас сакам да присутвувам, да ги слушам. Тоа е само слободна импровизација и авангарден џез, паралелно тука е поп сцената, електронската музика, поради која многу луѓе доаѓаат во Берлин. Јас морам да признаам дека живеам 15 години во Берлин и не сум била ниту еднаш во клуб, тоа само покажува колку сум опсесивна само со оваа музика и воопшто не можам да постигнам да видам таму се она што ме интересира. Тоа е прекрасен град, атипичен во рамките на Германија, таму зборувам исклучиво англиски, не ти дозволуваат да научиш германски јазик, затоа што сите зборуваат англиски јазик. Еден музички луна парк, јас би рекла.“

Писаровиќ прави искрена анализа на регионалната музичка продукција.
„Состојбата со музичката состојба во Хрватска искрено ме загрижува, ми се чини како да останал некаде длабоко во 90-тите и дека од некоја причина недостасува некој нов звук, но еве и да има нов звук мислам дека недостасуваат некои нови идеи и визии...Луѓето во светот на музиката повеќе се фокусирани на синглови и повеќе не гледаат албумот како некоја визија, концепт, туку повеќе работат на синглови кои ќе им донесат некој брз успех и профит.“
„Додека македонската продукција е поагресивна и прогресивна, гледа и следи трендови како и босанската. Пред некое време бев во Сараево на џез фестивал, па само на поминување комуницирав со некои музичари и мислам дека се подготвени да се отворат кон она што се случува надвор, да копираат и да создаваат. Исто така и српската сцена, а хрватската сцена мислам дека треба малку да се разбуди, што е добро за мене, затоа што моите стари хитови се уште се слушаат. Иако сум објективна и доста многу самокритична кон себе и кон музиката и моментално работам на нов албум, имам чувство како веќе да сум направила три како да сум ги фрлила во корпа. Потребно е навистина многу време да се дојде до некоја идеја за која ќе се фатам и ќе речам сега е „ок“ ќе туркам, и да тогаш настанува процес. Треба да ги најдеш вистинските луѓе, соработници кои исто мислат како ти и тогаш барате некој звук. Затоа што, сѐ е во звукот. Поп музиката е звук. Итото тоа се обидувам со моите стари песни, на моите нови концерти каков што ќе имам во Скопје, да добијам некој звук. А звукот е сѐ. Тоа е како кога ќе слушнете еден тон од некоја песна и веднаш знаете за кој пејач станува збор.“
Весна открива дека кај неа приватноста и кариерата се две сфери кои одамна се претопиле во едно.
„На ништо посебно не сум посветена настрана музиката, но како што рекол Жорж Брак „уметноста и животот стануваат во еден момент едно“, па тешко ми е да кажам што е приватно, а што кариера. Го сакам спортот, не знам дали повеќе го сакам затоа што моето тело го гледам како инструмент, или ми е издувен вентил. Тоа го правам за да се чувстувам добро. Но некогаш не знам дали добро се чувстувам додека се мачам на велосипед или додека се туширам на крајот. (се смее) Но сакам спорт. Сакам долги возења низ природа, сама. Тогаш сум со мислите, доаѓаат и заминуваат. Сакам да читам, тоа ме смирува и сакам добар филм, стар филм“.
На крај, Писаровиќ зборува за кревкоста на уметникот и за тоа што навистина значи самодоверба.
„За да бидете пејач и уметник мора да бидете сѐ, само не и да имате преголема самодоверба. Само моментот кога си на сцена мора да блескаш со самодоверба, но во процесот, се додека се подготвуваш мора да бидеш ранлив. Не постои затворен оклоп, се прифаќате себе си и своите проблеми, стравови, кошмари како дел од некој процес, не бегате од тоа. Зборот кој во денешно време многу се користи „конфорд зона“, тоа не постои. Тоа е лага, трае една секунда и потоа доаѓа мачнината. Таа „конфорд зона“ е кога ја јадеш омилената храна, а веќе во следниот момент ти е мака затоа што си претерал. Умерено исто така не постои. Јас би рекла дека самодовербата доаѓа со препуштање на процесот, затоа што постојано паѓаш и се креваш, растеш, учиш и си дозволуваш грешки, и си дозволуваш „конфорд зона“.
Весна Писаровиќ во 2002 година ја претставуваше Хрватска на Евровизија, а во 2004 се појави како текстописец на евровизиската „In the disco“.
Габриела Додевска Глигоровска