Во близина на Престон мириса на зелник, мекици и гурабии: Пекарата на Даниела Раткова стана омилено место на Англичаните
Даниела (35) и Никола (36) Раткови никогаш не биле пекари, но љубовта кон македонската традиција и желбата да создадат нешто свое ги натерала да ја почнат својата нова приказна со брашно, труд и многу срце. Почнале од дома, па ја отвориле пекарата Dany's Kitchen во селото Тарлетон, блиску до градот Престон. Денес нивните специјалитети се барани по маркети низ повеќе градови во Англија.

Даниела ја раскажува приказната за нивната потрага по егзистенција во Англија и за почетоците во бизнисот.
ЖМ: Кога решивте да започнете ново поглавје во вашиот живот во Англија?
- Во 2016 година сопругот се досели во Англија. Во почетекот кратко живееше во Волсол, во близина на Бирмингем. Потоа се пресели во Престон. Бидејќи беше зима, период во кој е тешко да најдеш работа, маката го однесе во Бартон на Трент, во близина на Дарби. Во 2017 година се доселив и јас. Почнавме нов живот далеку од дома. Работевме во фабрика за здрава храна, а потоа и во други фабрики, генерално поврзани со храна. Зедовме станбен кредит и купивме куќа каде живееме околу 5 години. Секогаш потајно вљубени во убавините на Престон и околината, одлучивме да ја продадеме куќата во Бартон на Трент и да се преселиме во Тарлетон, село во близина на градот Престон. Тука живееме од 2022 година до денес. Моментално немаме дечиња, но би сакале да имаме во иднина. Сега го имаме нашето милениче лабрадор Џек.

ЖМ: Кој беше моментот кога си рековте: „Ајде, ќе пробаме, нема што да изгубиме“ и станавте пекари?
- Сопругот од мал имал желба да има свој ресторан или пекара. Додека пак јас уште од малечка се плеткав низ кујната со баба ми и мајка ми и учев да готвам. Моментот кога си рековме „Ајде ќе пробаме нема што да изгубиме“ беше кога останав без работа. Вљубени сме во традиционалната македонска храна. Секојдневно готвевме, а фотографиите од нашите јадења ги споделувавме со нашите пријатели кои се воодушевени од македонските специјалитети. Потајно имав желба да имам своја пекара. Кога останав без работа, сопругот ме охрабри и во октомври 2023 година започнав сопствен бизнис Dany's Kitchen или во превод на македонски „Кујната на Дани“. Името на пекарата е по заслуга на сопругот, бидејќи тој сакаше да биде поврзано со мене. На почеток ја нудевме нашата храна во селото каде што живееме и околината, а потоа и во маркетите. По еднагодина пробно отворивме и дуќан на шест месеци. Моментално сконцентрирани сме на маркети во околината и вршиме кетеринг услуги за секоја пригода. На прагот сме за влез во Британски High End супермаркет.

ЖМ: Колку е важно да се биде упорен кога се започнува нешто ново, особено во туѓа земја?
-Според нас упорноста е најважна. Патот до успехот не е постелен со рози, напротив е многу тежок и мачен.Ние сеуште не сме ни до половина од патот на успехот, особено во земја како Велика Британија. Надвор од Лондон, луѓето многу малку се запознаени со македонската кујна. Од пецива правиме повеќе видови на зелник, мазник, пастрмајлија и мекици. Исто така правиме македонско макало со лук, селско месо, тавче гравче, битолски чомлек итн. Од слатки и торти правиме: пиварки, гурабии, ванилици, раванија, повеќе видови на баклава, Медена торта, Охридска торта, бајадера, повеќе видови на бомбици, повеќе видови на обланди итн. Најпопуларни се зелник, Охридска торта и пиварки, а незаостануваат многу зад нив и гурабии, ванилици и манџите.

ЖМ: Како реагираа кога првпат пробаа зелник?
- Зелникот вообичаено ги асоцира на спанакопита, бидејќи често патуваат во Грција. Кога бевме во маркет во околината на Ливерпул прв пат Англичанец пробуваше зелник и беше воодушевен од вкусот. Реакцијата му беше „мммм ова е превкусно“.

ЖМ: Дали чувствувате дека преку храната ја чувате душата на Македонија во Англија?
- Да, тукму е тоа чувството што не обзема, зашто храната е едно од најголемите богатства на Македонија и македонскиот народ.

ЖМ: Кои се плановите, како македонските пецива ќе ја освојат и цела Англија?
-Плановите се преку нас Британците да ја запознаат Македонската кујна. Да овозможиме влез на нашите производи во барем еден ланец на супермаркети и да ја претставиме Македонија и македонската кујна на барем еден национален Британски медиум.
Соња Алексоска Неделковска