„Моја најголема желба е целиот свет да ја запознае Македонија“: Анастасија, младата инфлуенсерка што освојува од Хамбург до Скопје

Добивај вести на Viber

Младата инфлуенсерка Анастасија Анастасовска, девојче кое уште со своето прво видео успеа да ја освои македонската јавност, денес е едно од најпопуларните млади лица на социјалните мрежи. Иако родена во Македонија, нејзината животна приказна ја води до Хамбург, Германија, каде што живее со нејзиното семејство.

Во интервју за Женски магазин, Анастасија со искреност зборува за своите почетоци, инспирацијата зад креативните видеа и силните пораки што сака да ги пренесе како млад инфлуенсер. Нејзината цел е јасна – да донесе нешто ново, свежо и вредно за следење, а нејзиниот профил да остане место каде што забавата и едукацијата одат рака под рака.

ЖМ: Анастасија, за почеток — раскажи ни нешто повеќе за себе. Каде моментално живееш и како изгледа твоето секојдневие во Хамбург?

-Живеам во Хамбург, Германија. Се преселивме тука кога имав само четири години. Сега одам во гимназија и сум во седмо одделение — ако бев во Македонија, ќе бев во осмо. Освен училиште, имам и онлајн школа за театар со Тони Михајловски два пати неделно, а уште два пати одам на фудбал. Морав да престанам со хип-хоп танцување поради училишните обврски, и тоа малку ме растажи.

ЖМ: Македонската јавност првпат те запозна преку видеото за Скопје кое стана вистински хит. Како дојде до идејата да го направиш тоа видео и што најмногу те инспирираше?

-Идејата за видеото прво беше сосема поинаква, но на крај стана еден многу убав проект. Мојот тато беше во контакт со неговата братучетка од Скопје, и таа ме замоли да снимам кратко видео на германски јазик за нејзиниот син — мој братучед — со неколку интересни информации за Македонија. Снимивме видео со материјали од Google, го пративме, и тие го гледале на училиште по германски јазик. Им се допаднало многу!

Вечерта дома решивме да го објавиме на YouTube, само да видиме како ќе помине — и веднаш добивме многу пофалби и охрабрувања да продолжам. Така почнав со второ, трето видео … и полека се опуштив, па наместо на германски, почнав целосно да зборувам на македонски јазик.

ЖМ: Денес твоите видеа опфаќаат најразлични теми — од урбани приказни, до културни и инспиративни содржини. Како одлучуваш за што ќе снимаш?

-Темите за видеата не ги одлучувам сама. Моите родители често следат што е актуелно и што би било интересно за снимање. Кога ќе изберат тема, град, локација или позната личност, прво ми објаснуваат сè за тоа, па заедно решаваме дали ќе снимаме. Ако има друга личност во видеото, секогаш прво стапуваме во контакт со неа и ја објаснуваме идејата. Понекогаш и други ни даваат препораки, па така уште полесно стигнуваме до луѓето што сакаме да ги вклучиме.

ЖМ: Што најмногу сакаш да им пренесеш на луѓето преку твоите видеа? Кој е мотивот зад твојата креативност?

-Моја најголема желба е целиот свет да ја запознае Македонија — но само во позитивно светло. Затоа во моите видеа никогаш нема нешто негативно. Сакам сите, и во Хамбург и во Македонија, кога ќе видат дека имам ново видео, веднаш да знаат дека следува нешто убаво.

View this post on Instagram

A post shared by Vladimir Makedon Dimitrovski (@makedondent)

ЖМ: На твојот Инстаграм профил можат да се најдат видеа и од Германија и од Македонија. Што мислиш, во што најмногу се разликуваат двете земји — и во животниот стил, и во можностите за младите?

-Разликата е навистина голема! Прво, цела Македонија има приближно колку жители колку што има само градот Хамбург. Второ, Хамбург нуди многу повеќе можности и има навистина интересни места што во Македонија ги нема. Но, искрено, гледам дека и Македонија секоја година станува сè помодерна и понапредна — особено кога станува збор за културата и традицијата.

View this post on Instagram

A post shared by Anastasija Anastasova (@mitanastasija2021)

ЖМ: Во Македонија си една од ретките која имала можност да оствари контакт со навистина познати личности — од пејачи и актери, па дури и до претседатели на држави. Како доаѓаш до тие средби и што најмногу си научила од тие искуства?

-Како што кажав и претходно, некои контакти ги добиваме преку моите родители — тие се како мој мал ПР-тим. Други доаѓаат преку пријатели, роднини или препораки. Ние никогаш немаме некој список со „сакаме со овој, а не сакаме со оној“ — едноставно, ако идејата е убава и може да инспирира, јас сакам да снимам. На пример, видеото со поранешниот претседател на Македонија, господинот Стево Пендаровски, беше моја идеја. Сакав да видам како изгледа еден негов работен ден и што правел кога тој имал 12 години. Моите родители испратија порака со мојата желба и кратка биографија, и тој веднаш прифати!

После три години, на истото место дојде жена - претседателка, што за мене беше голема гордост. И повторно, кога ја испративме идејата, веднаш не поканија на снимање. Навистина, секоја прилика за снимање ми е интересна — не можам да кажам дека нешто не би сакала. Сакам да учам од сите!

ЖМ: Колку е тешко да се биде млад креатор на содржина во странство, но при тоа да се задржи автентичноста и врската со татковината?

-Искрено, не е лесно — понекогаш е навистина тешко. Сакам да ги следам сите новости и од Хамбург, и од Македонија, и тоа знае да биде многу обврски заедно. Подготовките за снимање во Скопје ги почнуваме најчесто еден месец пред да дојдеме. Тоа значи дека околу 70% од видеата се однапред испланирани — веќе знаеме кој ќе биде концептот, каде ќе снимаме и со кого. Секако, секогаш оставаме простор и за нешто непланирано бидејќи често и тоа се случува. Понекогаш некое видео мора да се одложи за следната посета, но тоа ретко се случува.

ЖМ: Твоите видеа секогаш имаат поента и позитивна порака. Колку е важно според тебе инфлуенсерите да пренесуваат нешто повеќе од само трендови и естетика?

-Мислам дека е многу важно инфлуенсерите да не прикажуваат само трендови, туку и нешто што ќе направи луѓето да се чувствуваат подобро. Јас секогаш сакам во моите видеа да има некоја порака — нешто што ќе те насмее, ќе те научи или ќе те потсети на нешто убаво. Не ми е важно само да изгледа убаво видеото, туку кога некој ќе го изгледа, да каже: „Еј, баш ми беше убаво ова да го слушнам.“

ЖМ: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како млада девојка што се пробива во дигиталниот свет?

-Не се соочувам со многу предизвици затоа што моите родители ги контролираат сите мои профили на социјалните мрежи. Тоа значи дека кога пишувате, не комуницирате директно со мене. Сепак, имам личен ТикТок профил под друго име, кој го користам за свои интереси како танцување, патување и шминкање. Ова многу ме воодушевува, можеби затоа што сум девојка и ми е забавно да се изразувам на тој начин.

ЖМ: Што е она што најмногу ти недостига од Македонија и што најчесто го носиш со себе?

-Ми недостига сè! Почнувајќи од мирисот на Скопје, кој ми делува како да сум дома, па до сонцето и сите насмеани лица насекаде околу мене. Посебно ми недостигаат соседите во зграда – поздравувањата и кратките разговори. Ми недостига превкусната храна и сите македонски производи што обожавам да ги купувам, како и фамилијата и братучедите, на кои дел уште ги запознавам. Исто така, ми недостига автентичноста на многу места во Македонија. Со еден збор – сѐ ми недостига.

ЖМ: Каде се гледаш себеси во иднина — дали планираш да продолжиш во медиумскиот правец, можеби со нешто свое, како поткаст, документарни видеа или нешто друго?

-Порано ова ми беше само хоби, но имам голема желба да бидам учителка. Како ќе се развива понатаму, навистина не знам. Сепак, она што го правам сега ќе го продолжам и ќе видиме до каде ќе ме однесе. Следете ме затоа што интересни работи се на пат!

ЖМ: И за крај — која би била твојата порака до младите во Македонија кои сакаат да почнат да создаваат содржина, но се плашат дали ќе успеат?

-Мојата порака е да имаат верба и трпение, бидејќи кај мене веќе трае 4 години и ништо не се случува преку ноќ. Важно е да знаат како да ја искажат својата идеја до родителите и заеднички да одлучат што понатаму да се прави. Јас го направив тоа со моите родители и сум благодарна што секогаш ме поддржуваат колку што можат.

Габриела Додевска Глигоровска