Кога системот молчи, неговата уметност зборува – приказната на Бубе од Велес кој државата го остави без поддршка

Добивај вести на Viber

Иако животот уште од најрана возраст го ставил пред предизвик со слухот, 31-годишниот Бубе Дуков од Велес е пример како љубовта кон природата и животните може да создаде мир, смисла и убавина во секој ден.

31 година, ова прекрасно момче живее со тешко оштетување на слухот. Бубе е роден како сосема здраво бебе, но токму тој ден, сите три мајки што се породиле во исто време во болницата, се соочиле со истата трагедија – новороденчињата се заразиле со бактерија. Како последица на тоа, Бубе останува без слухот.

Но , Бубе денес зборува, комуницира и е прекрасно, воспитано дете со многу таленти. Најмногу сака да црта, да се грижи за цвеќињата и да помага околу пчелите. Единствената тешкотија е што целиот финансиски товар за неговите слушни помагала паѓа врз неговото семејство.


„Секој ден гледам да бидам благодарен за тоа што го имам“ раскажа Бубе за Женски магазин. 

„Природата ме исполнува, а животните ми даваат мир. Кога сум меѓу пчелите, цвеќињата и мојата шарпланинка Стела – заборавам на сè друго. Се трудам да гледам убавина во малите нешта и да создавам од срце.“

Љубовта кон пчелите ја наследил од своето семејство, кое со години го негува пчеларството во семејниот пчеларник „Дукови“. 


„Пчелите ги чувствувам како дел од семејството,“ истакна Бубе. „Од мал сум во пчеларникот со татко ми, мајка ми и брат ми. Учев колку тие мали суштества се паметни и трудољубиви. Најмногу ме фасцинира нивната посветеност – секоја има своја задача и сè прави со љубов и ред.“

Неговиот ден започнува мирно, меѓу јагодите, бавчата и цвеќињата . Кога е на пчеларникот во Подлес, Бубе денот го почнува вака:

„Станувам рано, ја шетам Стела, ги наводнувам јагодите, садaм нови цвеќиња. Понекогаш ја цртам или фотографирам природата – секој поглед од пчеларникот е како слика“ ни раскажа со насмевка Бубе. „Секој што доаѓа кај нас вели дека погледот вреди милион долари – тоа ме радува.“



Од пчелите, вели, научил најважна животна лекција – трпение. 

„Тие не се жалат, работат тивко и создаваат нешто прекрасно – мед. И јас така учам да бидам посмирен и посилен.“

Бубе негува и љубов кон уметноста. „Почнав да цртам како дете. Тоа ми беше начин да се изразам, бидејќи не секогаш можев да се објаснам со зборови,“ откри тој. „Цртам портрети, пејзажи, животни и пчели – тоа ми е најблиску до срцето.“


Сонува еден ден да направи изложба и преку своите слики да ја пренесе љубовта кон природата. „Би сакал луѓето да ја почувствуваат мојата уметност. Ако можам да продавам свои дела и така да си помогнам околу слушните апарати, би бил навистина среќен.“


Семејството му е најголема потпора. 

„Без нив ништо не би било исто,“ нагласи Бубе. „Мајка ми е најхраброто суштество што го познавам, а татко ми и брат ми се мојата најголема сила.“

Но, зад насмевката се крие и реалноста со која секојдневно се соочува и Бубе и неговото семејство.


„Слушните апарати ми се како прозорец кон светот. Благодарение на нив можам подобро да слушам и да се вклучам во животот,“ објасни тој. „Сепак, тие се многу скапи – користам два, кои заедно чинат над 1.500 евра, а често се расипуваат. Од државата добивам само 5.800 денари месечно. Би било многу полесно ако имавме поголема поддршка.“

И покрај сè, неговите соништа се едноставни и полни со живот. 

„Сакам еден ден да имам свој мал уметничко катче и продавничка со мед, слики и сувенири. И се разбира – да има и многу цвеќиња,“ се смее.

За крај, Бубе им испраќа порака на сите млади кои мислат дека нешто ги спречува да ги остварат своите соништа:

„Да не се откажуваат. Секој човек има свој дар, само треба да го пронајде. Ако нешто е потешко, не значи дека е невозможно. Со љубов, вера и поддршка – сè може да се постигне.“


ИРЕНА СТАВРОВА