Ружица Милошеска Брчиоска: Верувам дека станав подобра личност занимавајќи се со музичката професија

Добивај вести на Viber

Ако ја запознаете Ружица Милошеска - Брчиоска, фронтменката на „ Ареа“ истовремено ќе бидете и збунети и одушевени. 

Нејзината комуникација е без филтри, без маски, со емоција без компромиси. 

Исто како и музиката на бендот.

Нејзиниот глас е силен, но топол. Женствен, но решителен. Таа комбинација ја направи „Ареа“ бенд што ја спојува страста со чувствителноста.

Текстовите што ги пишува се интимни приказни за љубов, загуба, копнеж и сила. Теми со кои секоја жена, секој човек, може да се поврзе.

Секоја нивна песна има своја вистина, секој концерт – своја душа.

И можеби токму затоа публиката ја чувствува нивната искреност, како нешто блиско и свое.

Вечерва „Ареа“ ќе ја одбележи 25 годишната кариера со голем концерт во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, на кој ќе го изведе „ Врати на имагинација“  во живо, како што е снимен, но со нова енергија и современ звук. Организатор на концертот е Авалон продукција. 

Овој јубилеј не е само нивна победа, туку и празник за сите што некогаш пееле нивна песна, што се пронашле во нивен стих или што со нивна мелодија заспале и се разбудиле. И не е само потсетување на минатото, туку и патување низ времето, враќање кон младоста. Но, и потврда дека „Ареа“ сè уште има што да каже.

Со овој настан ќе се одбележат и 25 години од легендарниот настап на „Скопски саем“, концерт што многумина го паметат како еден од најенергичните во историјата на македонскиот рок.

Во чест на годишнината, бендот најавува и винил-издание на албумот „Врати на имагинација“, со специјален дизајн и ремастеризиран звук. Тоа е убав потсетник дека добрата музика не старее – таа зрее. 

Овој вовед го заокружува  Ружица Милошеска Брчиоска, со нејзин пристап и размислувања за концертот, за музиката на „Ареа“. 

ЖМ:Како изгледа процесот на подготовка на еден ваков настан по толку години, дали е повеќе носталгичен или инспиративно предизвикувачки?

-Јас би рекла дека е повеќе инспиративно предизвикувачки, а помалку носталгичен, бидејќи и по толку години ние сме се уште активни и уште ја имаме публиката на наша страна. Тоа се верните фанови кои нé поддржуваа за целото време додека сме на сцената и за тоа сме им благодарни. Носталгијата е присутна по времето во кое имаше процут на македонската музичка сцена, времето кога интензивно се снимаа и изведуваа песни од страна на квалитетни македонски изведувачи. За процесот на подготовка на овој настан се одговорни Авалон Продукција, наша докажана и успешна промотерска куќа, за нив и не треба посебно да се зборува, јавноста добро ги знае по успешната организацијата на многубројните концерти во текот на годините наназад, како на странски, така и на домашни изведувачи, тие се наши долгогодишни пријатели, така што во тој поглед ние, „Ареа“, сме опуштени.

ЖМ: Што сакате публиката да почувствува кога повторно ќе ги „отвори“ вратите со вас?

- Па ние и не сакаме нешто посебно, едноставно на секој концерт, па така и на овој, сме водени од енергиите, како наши, така и на публиката во салата и оставаме сé да се одвива спонтано. Кој како ќе го доживее концертот и какви впечатоци ќе однесе со себе, тоа е негова лична работа. Ние сме тие кои ќе дадеме сé од себе концертот да биде успешен и позитивен.

ЖМ: Има ли нешто што денес го чувствувате посилно или поинаку кога ги пеете истите песни?“

- Јас за себе можам да кажам дека да, секогаш имам нови и различни чувства и понекогаш се многу силни. Од тука доаѓам до заклучок дека песната како песна воопшто, било која, не мора да е наша, не е само збир на емоции и сеќавања од некое минато време, туку и размена на енергии во моментот на изведба, тоа е нешто што се случува сега, на некое друго поинакво ниво од физичкото, ако ме разбираш...

ЖМ: Многумина велат дека „Ареа“ остави траен белег во домашната сцена. Каде сметате дека лежи тој „печат“ – во звукот, текстовите или во ставот што го носевте?

- Не би можела да кажам поради што е тоа така. Веројатно е поради сé заедно. Во секој случај ние отсекогаш сме барале свој сопствен израз во музиката, без никого да копираме, но од друга страна сепак сме ги следеле музичките трендови и сме се пробувале стилски да бидеме конкурентни на музичкиот пазар.

ЖМ: Кога размислувате за „имагинацијата“ денес, што значи тој поим за вас и како се менувал низ годините?

- Имагинација е имагинација и таа е различна за секој човек, бидејќи сите сме различни, можеш да ја имаш или да ја немаш и таа може да се менува со годините. Кога пишуваш песна можеш да бидеш воден од сопствената имагинација или од сопствената реалност. Понекои од тие имагинации (замислувања) со годините можат и да станат реалност. Затоа велат, пази што замислуваш, може да ти се оствари, (се смее).

ЖМ: Како Ве обликуваше ова 25-годишно музичко патување како жена, уметник и човек?

- Тоа патување ме обликуваше мене и јас го обликував него. Верувам дека станав подобра личност занимавајќи се со музичката професија.

ЖМ: Кои беа најтешките моменти низ годините и што ве држеше поврзана со музиката кога можеби беше најтешко?

- Секако дека имало и тешки моменти како и кај секој човек, но знаеш, кога е тешко во животот музиката може да ти помогне, се разбира ако ја избереш вистинската за тебе па дури и ако само ја слушаш. Еве Ивица на пример, вели дека свирењето гитара за него е најдобрата и вистинската медитација која му ги трга сите негативни мисли.

 ЖМ: Дали „вратите на имагинацијата“ се уште отвораат нешто ново за „Ареа“?

- Би требало во иднина да има и нови песни. Сепак не се врзуваме сега со никакви ветувања, ќе му дадеме приоритет на времето, тоа ќе покаже.

Соња Алексоска Неделковска
Фото: Дуле Дамјановски