Сеќавање на Кире Костов низ очите на неговата сопруга Кармен: Кога ќе слушнам нешто негово, ми станува топло, како да е тука, дома

Добивај вести на Viber

Во просторот исполнет со музика, спомени и тивка носталгија, прво Битола потоа и Скопје, се поклонија пред делото и ликот на незаборавниот Кире Костов. Промоцијте на монографијата посветена на неговиот живот и творештво беше повеќе од културен настан – беше вечер на сеќавање, љубов и благодарност. Во секоја изговорена реченица, во секоја нота што одекна, се чувствуваше присуството на човекот кој со својата музика остави неизбришлива трага во македонската уметност. „ Летај галебе“, „Кога те нема“, „Тајно моја“, се дел од неговото богато творештво.

Монографијата „Летај низ солзи мои, галебе мој тажен“ и нејзината радио-промоција на Радио Буба Мара ја оживеаја неговата приказна на еден уникатен, искрен и човечки начин – токму таков каков што беше и самиот Кире. А публиката ќе го почувствува тоа на концертот во негова чест кој ќе се одржи на 11 ноември во Националната опера и балет, насловен „Летај галебе“ во организација на „Баги комуникации“. На настанот ќе се пеат најголемите хитови на Костов, со голем оркестар во изведба на пеајчи со кои Кире соработувал низ годините, а и млади надежи кои ги пеат неговите песни на нивните настапи. 

Кармен Костова,  неговата сопруга и најголем животен соработник, со длабока емотивност зборува за човекот зад нотите – за Кире како сопруг, татко, уметник и човек кој веруваше дека „музиката е живот, а животот е музика“. Верување што и денес продолжува да инспирира генераци.

ЖМ: Што би му кажале денес, ако можеше да ве слушне, по убавата  но и  трогателна промоција на монографијата особено во Битола? 

- Би му кажала дека луѓето не го заборавија. Дека неговата музика се уште живее – во секоја изведба, спомен и секоја приказна што допрела до некого. Промоцијата во Битола беше навистина посебна – едноставна, искрена и полна со љубов. Сите што беа таму, зборуваа за него со таква топлина што тешко се опишува. Битола му се поклони достоинствено, со насолзени очи и долги аплаузи.

Би му кажала дека тоа беше вечер што не се заборава – вечер во која музиката и луѓето станаа едно, токму како што тој знаеше да ги спои. Би сакала да ја споменам и радио промоцијата на Монографијата – реализирана во соработка со тимот на радио Буба Мара и секако емитувана на оваа радио фреквенција. Оваа уникатна емисија – прва радио промоција на книга во нашата земја е оригинална, единствена и несекојдневна – токму онаква како делото на Кире.

 ЖМ: Неговата посветеност кон музиката беше голема. Чувствувавте ли дека таа некогаш ви го „крадеше“, или токму преку неа ви беше најблиску?

- Да, музиката му беше живот. Знаеше понекогаш цел ден да го нема – ќе се затвори во соба и ќе работи, како да не постои ништо околу него. Ќе му оставам ручек, ќе се излади, ама нему не му беше до тоа. Кога ќе добиеше инспирација, ништо друго не постоеше. Знаев дека така мора. Тоа беше неговата работа, ама и неговата љубов. Не можеш да се лутиш на човек што живее за тоа што го создава. Имаше моменти кога ќе излезе од соба, ќе седне со нас, ќе се пошегува или ќе пушти некоја нова песна и ќе праша: „Што мислите, добро ли е?“ – и тогаш знаев дека е среќен. Мене музиката не ми го украде, напротив – преку неа го имав покрај себе и после него. Кога ќе слушнам нешто негово, ми станува топло, како да е тука, дома.

 ЖМ:Спомените ја распарчуваат душата, но истовремено и го топлат срцето. Кој е најдрагиот момент што го паметите од заедничките музички вечери или настапи?

- Имаме многу спомени и секој од нив има посебно место во моето срце. Но, најмногу ги паметам вечерите кога дома, по некој настап, ќе седневме сите заедно. Тој ќе земеше гитара, Ана и Нина ќе му се приклучеа, и како да немаше свет околу нас. Тоа беа моменти кога музиката не беше работа, туку семејство. Кога и тишината звучеше убаво.

 ЖМ:Како изгледаше еден обичен ден со Кире – кога не беше на сцена, туку само сопруг, татко, пријател?

- Кога не беше на сцена, Кире беше наш човек – сопруг, татко, пријател. Ќе стане рано, ќе направи кафе, ќе пушти радио и така почнуваше денот. Ќе праша што треба да се заврши, ќе оди да пазарува, ќе среди нешто дома. Сакаше обични работи – добра музика, ручек со нас и мир во куќата. А вечерите често завршуваа со музика, ама овојпат не за публика – само за нас четвроица. Животното мото на Кире и денес често го споменуваме „музиката е живот, животот е музика“ !

 ЖМ:Кои аспекти од неговото дело најмногу сакате да ги запамети јавноста?

- Би сакала луѓето да го запомнат не само како голем композитор, туку и по тоа што никогаш не се задоволуваше со талентот сам по себе. За Кире, талентот беше само почеток – дар што треба секојдневно да се надградува со образование, работа и истражување. Тој секогаш велеше дека музиката бара дисциплина исто колку и инспирација. И тоа го живееше. Не постоеше ден без труд, без љубопитност, без желба да научи нешто ново. Тоа беше неговиот најголем пример, особено за младите музичари.

 ЖМ: Има ли некоја песна или композиција што сметате дека најдобро го претставува Кире – како човек и како уметник?

- Во сите негови песни има дел од Кире. Тешко е да се издвојат, затоа што секоја носи нешто негово – нежност, сила, радост, меланхолија. Во „Летај галебе“ е неговата слобода, во „Кога те нема“ неговата длабочина и тивка емоција, во фестивалските песни неговата енергија и љубов кон публиката. Тој секогаш вградуваше дел од себе во секоја нота. И можеби токму затоа неговата музика толку допира – затоа што е вистинска, човечка и жива. Кога ја слушам, ми се чини дека и понатаму е тука, зад пијаното. Но, и во многу други песни го има истиот тој негов белег – меланхолија со светлина, тага со надеж. Тоа беше тој.

 ЖМ: Во што веруваше најмногу Кире кога стануваше збор за музиката и за младите таленти, особено музичари? Што би сакале да научат од него – не само технички, туку и човечки?

- Кире секогаш велеше дека најважно е да го сакаш тоа што го работиш – со цело срце. Без таа љубов, нема ниту вистинска музика, ниту радост во создавањето. Но, исто толку веруваше дека љубовта сама по себе не е доволна. За него, трудот и постојаното надградување беа начин на живот. Младите често ги советуваше да учат, да истражуваат, да слушаат различни жанрови, да не се затвораат во едно. Велеше: „Музиката е голема школа, ама најважно е да не престанеш да учиш.“

Од него можат да научат дека вистинската вредност на уметникот не е само во талентот, туку во скромноста, дисциплината и љубопитноста што ја носи цел живот.

 ЖМ: Можеме ли да очекуваме и дополнителни проекти во иднина поврзани со неговото дело – архивирање, дигитализација, музички настани?

- Желбата постои, и таа е голема. Монографијата беше првиот чекор – начин неговото дело да се сочува и да се прикаже со почит, онака како што заслужува. Многу труд и љубов вложивме во оваа публикација, затоа што Кире заслужува трага што ќе остане и по нас. Сега следи концертот „Летај Галебе“, а понатаму се надеваме дека ќе има и други проекти – дигитализација на неговите ноти и снимки, музички вечери, можеби и други настани инспирирани од неговото творештво. Времето ќе покаже кога и како ќе се остварат сите тие идеи. Најважно е сè што ќе направиме да биде со истата љубов и достоинство со кои тој ја живееше музиката.

Соња Алексоска Неделковска