Ако патувате низ Србија и ви се оди во тоалет, ќе треба „дебело“ да платите: Нема веќе бесплатно WC на бензинските пумпи
Доколку патувате низ Србија, особено низ северниот дел на земјата, треба да бидете подготвени за ново правило кое изненади многу патници – влез во тоалет само со сметка од бензинската пумпа.
Во последните месеци, сè повеќе бензински станици воведуваат автоматизирани врати кои се отвораат само кога корисникот приложува фискална сметка со баркод, издадена во истиот објект.
Со оваа мерка, сопствениците на пумпите сакаат да спречат влез на луѓе кои не се нивни клиенти, но кај патниците тоа предизвикува мешани реакции.
„Не е проблем да се плати гориво или кафе, но некогаш застануваш само да се одмориш и да го искористиш тоалетот. Сега без сметка – вратата не се отвора,“ коментира еден возач кој често патува на релацијата Белград – Суботица.
Најчесто, системот функционира така што на фискалната сметка постои QR код, кој се скенира на автоматската брава пред вратата. Без тој код, пристапот до тоалетите е оневозможен.
Оваа пракса, според локалните медиуми, прво започнала на пумпите покрај автопатот Е-75, а сега се проширува и на помалите станици низ Војводина и околината на Нови Сад.
Иако дел од граѓаните сметаат дека мерката е оправдана поради злоупотребите и одржувањето на хигиената, други ја гледаат како непотребна компликација и ограничување за патниците.
Едно е сигурно – ако патувате низ Србија, бидете подготвени да си купите нешто од бензинска и да добиете сметка, бидејќи без неа – патот до тоалетот ќе остане затворен.
За волја на вистината не постои ниту најмала работа на бензинска која чини помалку од 1 евро.
М.С.К / Фото извор: EPA