Ако срамот имаше лик ќе изгледаше вака: Југославија ни остави огромно наследство, а овие руини денеска се огледало на државната неспособност и негрижа (ВИДЕО СТОРИЈА)

Добивај вести на Viber

Огромните индустриски комплекси што и денес може да се сретнат во поголемите градови низ Македонија, се изградија во времето на поранешна Југославија. 

Тие беа симбол на економската моќ, развојот и трудот на илјадници работници. Денес, повеќе од три децении по распадот на заедничката држава, овие некогашни индустриски гиганти стојат напуштени, без судбина и без план, оставени тивко да тонат во заборав.

Овие објекти се меѓу најголемите и најмаркантните градби во своите градови, но наместо да бидат гордост, станале грда слика во урбаните пејзажи. Зад нивните распукани ѕидови и испразнети хали се кријат недовршени животни приказни – приказни на луѓе кои целиот свој работен век го поминале во нив, создавајќи нешто што денес речиси и не постои.

На самиот влез од Куманово, како тажен споменик на едно време, се издига некогашниот гигант на тутунската индустрија – „Тутунскиот комбинат Куманово“. Тука се произведуваа некогаш добро познатите брендови на цигари – MT, Вардар, 57, Дрина и многу други. 

Денес, од тоа време останаа само урнатини. Овој објект, кој некогаш вработуваше илјадници луѓе и беше гордост на градот, денес им посакува „добредојде“ на посетителите со својата запуштеност и распаднати фасади. 


Тој е жив доказ за неспособноста на институциите да се справат со наследството што го остави една држава, зад чии ѕидови останаа запечатени судбините на многу семејства.

Со распадот на Југославија се распадна и нејзиното индустриско наследство. Наместо овие објекти да се сочуваат, обноват или претворат во музеи, тие се оставени како неми сведоци дека со исчезнувањето на системот, исчезна и благосостојбата на илјадници работници кои го градеа тоа наследство.

На само неколку стотини метри од комбинатот, во срцето на Куманово, се наоѓа еден од најимпозантните индустриски објекти – „Жито Мел“ Куманово. Оваа зграда, која некогаш произведуваше леб за потребите на цела Македонија и делови од јужна Србија, денес е симбол на пропаст, негрижа и немарност. 

Од некогашната гордост остана само тивка рушевина – потсетник на времето кога трудот се ценеше, а производството имаше вредност.

Иако повремено се појавуваат најави дека овие објекти ќе се приватизираат или рестартираат, реалноста е дека времето работи против нив. Додека институциите размислуваат, ѕидовите се распаѓаат.

Целата сторија за индустриското наследство од Југославија, кое денеска пропаѓа пред нашите очи и ја загрозува безбедноста на граѓаните, погледнете ја во продолжение:



Магдалена Стојмановиќ - Контантинов