„Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна“: Празнична солидарност на дело - Велешани со пример за цела Македонија
Предновогодишна солидарност: Сè повеќе хуманитарни акции низ земјава, убав пример пристигнува од Велес
Во пресрет на новогодишните празници, духот на солидарност и меѓусебна грижа сè почесто се претвора во конкретни хуманитарни дела. Низ повеќе градови во земјава се организираат акции насочени кон помош на социјално загрозените категории, а еден ваков позитивен пример доаѓа и од Велес.
Локална пиљара во овој град покажа дека хуманоста не бара големи ресурси, туку искрена желба да се помогне. Свесни дека има луѓе кои во текот на денот не можат да си обезбедат оброк, а во овие студени зимски денови и соодветна топла облека, од овој мал бизнис решија да преземат иницијатива со големо значење.
Пред нивниот локал поставија пано со закачалки, каде граѓаните можат да остават топла зимска облека, како и ќеси со прехранбени продукти кои на поединци би им обезбедиле оброк во текот на денот. Акцијата е отворена за сите – и за оние кои можат да донираат, но и за оние на кои помошта навистина им е потребна.
„Хуманитарна акција – закачалка на добрината, под мотото: „Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна; и кој има храна, нека постапи исто така“. Апелираме сите оние кои немаат и навистина им е потребно да се послужат од истата. Да ги направиме празниците убави за сите“, порачаа од локалната пиљара.
Иницијативата наиде на голем одѕив и позитивни реакции на социјалните мрежи. Корисниците на Фејсбук ја поздравија идејата, истакнувајќи ја нејзината хуманост и примерот што го дава за целата заедница.
„Браво деца, само така“, „Големо, хумано срце. Браво. Нека продолжи за пример“, „Браво за идејата“, се дел од коментарите под објавата.
Во време кога празниците често се поврзуваат со потрошувачка и изобилство, ваквите иницијативи потсетуваат дека вистинската вредност на Новата година и Божиќ е во солидарноста, емпатијата и споделувањето со оние на кои тоа им е најпотребно.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук