Тивки херои го накитија Водно: Внесоа празнична магија во природата

Добивај вести на Viber

Во пресрет на новогодишните празници, Водно доби поинаков, потопол лик. Неколку елки долж планинските патеки беа украсени со лампиони, создавајќи празнична атмосфера која ги израдува бројните рекреативци, планинари и љубители на природата кои секојдневно го искачуваат скопската планина.

Иницијативата, зад која стојат ентузијасти што на социјалните мрежи се нарекуваат „тивки херои“, брзо привлече внимание и позитивни реакции. Без помпа, без најави и без очекување на признание, тие решија да внесат малку светлина и радост таму каде што многумина го наоѓаат својот мир – во природата.

Украсените елки, внимателно поставени и ненаметливо вклопени во амбиентот, станаа пријатно изненадување за рекреативците. За многумина, утринското или попладневното искачување доби нова димензија – прошетка низ тивка, зимска шума со суптилни празнични украси што потсетуваат на духот на заедништвото и грижата.

За оваа иницијатива на фан страницата „Когниција – Центар за невропсихологија, психотерапија и психодијагностика“, во својата објава ја истакна важноста на ваквите мали, но значајни дела:

„Постојат убави луѓе. Околу нас се. Можеби не ги гледаме, ама нивните дела не радуваат… Таков е gradinarot.mk, таква е и девојката која ни го разубави Водно, за сите да се радуваме… Тивки добротвори. Прават добро затоа што тоа им е вредно. Знаат дека мали дела прават голема разлика… ‘Невидливите херои’ прават добрина затоа што тоа е дел од нив, а не затоа што им носи награда.“


Токму во тоа се крие и силата на оваа приказна – во ненаметливата добрина, во љубовта кон природата и заедницата, и во пораката дека празничниот дух не мора да биде гласен за да се почувствува. Понекогаш е доволна една накитена елка среде шума, за да потсети дека човечноста и вниманието кон другите сè уште се присутни.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук