Не ја бидува само за пеење, оваа наша пејачка дури во Австралија ја приготвува највкусната посна баклава за Свети Никола

Добивај вести на Viber

Иако со години живее во Австралија, пејачката Татјана Лазаревска и понатаму ги негува македонските обичаи и празници, пренесувајќи ги на своите деца со истата љубов со која ги научила од дома. По повод празникот Свети Никола, кој е и куќна слава на семејството Лазаревски, Татјана на социјалните мрежи сподели видео-рецепт за посна баклава по рецепт на нејзината мајка, Снежана Лазаревска.

„Видеото не е професионално, но е направено со љубов. Децата ја пробаа и се одушевија“, напиша Татјана, а токму таа искреност и семејна топлина ја направија објавата блиска и препознатлива за многумина.

Баклавата, подготвена по традиционален домашен рецепт, е неизоставен дел од празничната трпеза за Свети Никола. Рецептот е едноставен, но проверен со генерации.

Рецепт за посна свети-николска баклава

За филот се потребни 300 грама мелена плазма (или други посни бисквити) и 300 грама мелени ореви. Состојките се соединуваат во сув фил. На секои две кори се става од филот на почетокот на кората, па се витка во ролна. Подготвените ролни се редат во тава, по што баклавата се сече на парчиња и се прелива со 250 грама растопен маргарин. Така подготвена, се остава да отстои околу 30 минути, а потоа се пече додека не добие убава бакарна боја.

За шербетот, се варат три чаши шеќер и две чаши вода додека шеќерот целосно не се растопи. По желба, може да се додаде и малку ванила. Пред крај се става малку ситно сечен лимон за да не се зашеќери шербетот. Баклавата треба да биде млака, а шербетот не врел – откако ќе отстои околу пет минути, се прелива врз баклавата.

Со оваа домашна баклава, семејството Лазаревски уште еднаш покажа дека традицијата нема граници. Без разлика каде живеат, празниците за нив секогаш мирисаат на дом, вера и сплотеност – токму онака како што налага духот на Свети Никола.


РЖМ/ИС  - ФОТО: Видео принтскрин