Македонски писател со генијална идеја: Ги враќа „Мечето Ушко“ и „Зимските приказни“ за новите генерации

Добивај вести на Viber

Писателот Ненад Јолдески на креативен и трогателен начин го „врати“ минатото за да  приреди дел од убавината на некогашното детство. Неговата идеја брзо привлече внимание, бидејќи сите добро се сеќаваме на времето кога најавната шпица од цртаниот филм „Мечето Ушко“ беше знак дека вечерта завршува и дека после неколку непроценливи минути – мора да се оди на спиење.

Во истата таа магија влегуваа и „Зимските приказни“, цртаниот филм кој беше редовен дел од Зимско рекреативната програма на Македонската телевизија, и кој за многумина претставува симбол на топлината, спокојот и празничниот дух на некогашните зими.

И токму на тие спомени се наврати писателот Ненад Јолдески од Струга, кој се сетил дека овие цртани класици би биле совршени – но само ако се „освежат“ за современата технологија. Тој ја презел задачата да ги реставрира видеата, да ја подобри сликата, а најважно – да ги зачува оригиналните гласови на легендарните Борис Мајсторов и Снежана Коневска, кои за многу генерации беа дел од најубавите моменти поминати пред телевизорот.


По „пеглањето“ на звукот и видеото, цртаните филмови повторно оживеале во полн сјај – подготвени да им ја раскажат својата магија и на денешните деца.

Ресинхронизираните изданија се достапни на профилот на писателот Ненад Јолдески, кој стои зад оваа прекрасна идеја. Преку овие цртани филмови, тој му подарува на Оли дел од убавината на едно минато детство – детство кое сега, благодарение на неговиот труд, може повторно да го почувствуваат и новите генерации.

Неговата иницијатива е потсетник дека најубавите приказни траат долго – особено кога некој ќе одлучи да ги оживее.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук