Солзи и почит за Панчо
Во полуосветлениот амбиент на скопскиот локал „Three Bar Kitchen“ синоќа се собраа луѓе што не ги поврзуваше само музиката, туку и болката по човекот кој остави длабока трага зад себе.
Настанот во чест на Владимир Блажев -Панчо, организиран од „Sure shots“ агенцијата, беше повеќе од обичен собир. Беше враќање кон животот на човекот што го живееше со полни гради.
За Дарко Ајри Скреч, од организаторскиот тим, Панчо не беше само партнер со кој работеа на диџејската и промотерската сцена, туку и постар брат.

-Кога почнав да пуштам музика пред повеќе од 15 години, тој беше првиот што ми даде толку голема шанса и бескрајно сум благодарен за тоа. Во однос на диџејската работа, Панчо беше воркохолик во позитивна смисла. Се трудевме да промовираме квалитетна музика и култура. Со текот на времето, станавме и многу блиски пријатели. Тој нé спои сите нас и бескрајно сме му благодарни за се што нé научи. Во приватниот живот беше доста поразличен отколку во работата. Нон- стоп се шегувавме. Се слушнавме неколку пати додека лежеше во болница. Беше позитивен и ќе го памтам како таков. Го апдејтирав како работиме, бидејќи сакаше добро да ни оди работата. Со овој настан сакавме да му оддадеме почит и да се потсетиме уште еднаш на сите негови успеси, пред сé во неговата диџејска кариера. Нормално, ДНК и Панчо се неразделни. На видеобимот се емитуваа и фотографии со Андреј – ни изјави тој.
По масите и ѕидовите беа наредени неговите лични предмети: јакни, капчиња, исечоци од интервјуа, неговиот диџејски сет и стариот компјутер со кој ги создаваше првите мелодии. Нивното присуство ја исполни просторијата со чувство дека тој е тука некаде, зад некој агол, подготвен пак да ја расположи публиката.

Тоа чувство го имаше и Каролина Гочева.
-Не можам да прифатам дека го нема. Уште му го слушам гласот како ми вели: „Сестре, ајде да те извадам од дома, да направиме ручече, имам еден куп работи да ти раскажувам“. И на секое гледање муабетевме со часови. Требаше да се видиме и во четвртокот пред несреќата, но, не успеавме поради обврски и не можам тоа да го прежалам. Бидејќи поминаа неколку месеци во тешка борба, се надевав дека ќе биде добар. Периодот пред да нé напушти, добивме информација за тоа што се случува, но, не сакав да ја прифатам таа реалност и до последен момент како и за Сара, се надевав на чудо- ни откри Гочева.
Ана Костадиновска, придружен вокал , која го преживеа пожарот во „Пулс“, достоинствено со солзи во очите го проследи настанот. Голема е празнината што ја чувствува по големата загуба.
- Се чувствувам празно, се чувствувам многу тажно, премногу ми недостасува неговата енергија, неговото смирение, начинот на којшто умееше негативното да го претвори во позитивно, неговиот вечен оптимизам и љубов за секого – ни рече Костадиновска.
Вечер полна со солзи, но достоинствен омаж за човек чија светлина продолжува да трепери преку сеќавањата. На настанот во негова чест зборуваше и Марина Стојановска поранешена пр и менаџерка на ДНК.

- Многу ми е тешко за ДНК и за Панчо да зборувам во минато време. Панчo беше најголемиот професионалец што постои на естрадата, а приватно беше многу голем другар, поддржувач за сé во секое време. Многу голем човек. Да не беа Пано и Андреј јас немаше да бидам тоа што сум денес. Тој беше несебичен од првиот момент кога ме виде. Кога почнував како пиар, тој ми ја даде цела листа на телефонски броеви и на мејлови на новинари, нешто што во денешно време се плаќа. Тој ми беше водилка. Вечно ќе сум му благодарна каде и да е. Духот негов е тука присутен со сите нас - вели Стојановска.
Во еден агол беа наредени дресовите на Панчо, кој беше голем љубител на спортот. Меѓу присутните беше и неговиот пријател кошаркарот Перо Антиќ, кој не ја сокриваше болката.

Поранешниот фудбалер и тренер Славчо Георгиевски бил дел од животот на Панчо уште од школските денови.
-Тешко ми е. Тешко го преживеавме тоа што се случи сите што бевме заедно во училиште. Многу ни недостасува. Иако патиштата ни се раздвоија секој во својата бранша, другарството остана засекогаш. Голема болка и немам зборови со коишто можам да ја опишам. За мене тој е се уште жив, затоа што секој ден меѓу нас ги кажувавме сите анегдоти што ни се случуваа во училиштето и после тоа. Тој се уште живее меѓу нас. И нé гледа од горе -истакна Георгиевски.





Беше тоа вечер на тивка почит кон еден живот што засветка силно, а згасна порано.
Соња Алексоска Неделковска