Празничен сјај под Пелистер: Градот на конзулите како од новогодишна бајка (ГАЛЕРИЈА)
Битола, градот на конзулите и клавирите, градот кој живее и дише во ритамот на културата, повторно блесна во својата празнична убавина. Под погледот на величествениот Пелистер, кој како тивок чувар стои над градот, Битола се претвори во вистинска новогодишна сцена исполнета со светлина, музика и празнична магија.

Широк Сокак, пулсот на градот, свети со илјадници светилки кои ја претвораат пешачката улица во блескав тунел од топлина и празнично расположение. Низ старите битолски сокаци во чаршијата, светлите украси ја оживуваат духот на некогашната чаршиска традиција, спојувајќи ја автентичноста со современиот празничен сјај.

Во дворот на Офицерскиот дом доминира висока, впечатлива новогодишна елка – вистински украс на централната градска сцена, која ги собира погледите и ги повикува минувачите да застанат и да ја впијат магијата на декемвриската романтика.

И оваа година, Битола ќе биде центарот на „Зимската бајка“, празничниот фестивал кој веќе стана традиција и привлечна точка за посетителите од целата држава. Со повеќедневна богата програма исполнета со концерти, настапи на музички уметници, детски претстави и празнични содржини, градот ќе го слави доаѓањето на Новата година, а потоа и радоста на Бадник и Божиќ.

Битола уште еднаш докажува дека е град кој знае да ги негува своите вредности, да го прослави животот и да создаде празнична атмосфера која ја полни душата. Град кој под зимската светлина блеска исто толку силно колку и под летното сонце — град што секогаш ја раскажува својата приказна.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Фејсбук/ Општина Битола