Носталгијата на продажба: Колекционери онлајн продаваат ретро новогодишни честитки, цените се за секој џеб

Добивај вести на Viber

Во времето кога детството имаше поинаков ритам, а радоста се мереше со мали гестови, новогодишните честитки беа неизоставен дел од секоја празнична сезона. За една цела генерација деца, тоа не беше само обичај – туку вистински ритуал исполнет со возбуда, љубов и искрена желба да се направи некого среќен.

Традиционално, секоја зима внимателно ги пишувавме честитките за другарчињата, роднините и соседите. Желбите за здравје, среќа и исполнување на соништата беа рачно испишани со најубави букви. Ако честитката не требаше да патува поштенски, наместо марка со гордост ќе напишевме шеговита реченица:

„Марката ја нема – Дедо Мраз ја зема.“

И токму тие мали шеги ја носеа целата магија.

Секој од нас со тивка возбуда ја оставаше честитката пред нечии врати. Тивки чекори по скалите, задржан здив и потоа трчање за да не нè фатат. А веднаш потоа – насмевка. Затоа што знаевме дека утредента нашиот другар ќе ја најде честитката и барем на момент неговиот ден ќе биде посветол. Таа топлина го грееше и нашето детско срце.

Во тоа време пазарите беа преполни со новогодишни честитки. Различни од денешните, тие изгледаа како рачно насликани – со бои, снегулки, сребрени детали и ликот на Дедо Мраз. Генерациите од 60-тите, 70-тите и 80-тите добро се сеќаваат на новогодишниот панаѓур на плоштадот Македонија, каде што се продаваа честитки, балони, жижици и илјадници мали радости кои ја правеа празничната сезона посебна.

Денес, тие носталгични честитки повторно оживуваат – но на сосема поинаков начин. На социјалните мрежи, во групите на колекционери, се продаваат автентични честитки од минатото. На една фејсбук страница, основачот објавува примероци од 60-тите, 70-тите и 80-тите години, по цени од 20 до 100 денари, како мал мост кон времињата кога најголемата магија беше испратена во форма на едно мало, шарено парче хартија.

И можеби денес живееме во дигитално време, каде честитките стигнуваат со еден клик, но спомените што ги носат хартиените честитки остануваат неповторливи. Тие се потсетник дека радоста некогаш се ширеше тивко, преку скришни чекори и детски насмевки.

Носталгијата по тие мали моменти не е само спомен – тоа е желба повторно да ја почувствуваме чистата, искрена магија на новогодишните денови, онаа што ја градевме со раце, со срце и со љубов.

И можеби токму затоа старите честитки повторно живеат – затоа што во нив е зачувана најубавата празнична топлина.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук