Сега веќе не плачам: Елена Вукановска, Македонка што го маѓепса светот со ориенталниот танц, ќе биде единствена учесничка од Балканот на светското првенство
Таа не танцува само со телото – таа танцува со душата.
Елена Вукановска, харизматичната Македонка која ја претвори својата љубов кон ориенталниот танц во животна мисија, е единствената танчарка од целиот Балкан што ќе ја претставува нашата земја на светското првенство во танц BE A DIVA STOCKHOLM кое ќе се одржи од 31 октомври до 2 ноември во Стокхол - Шведска.
Од првите чекори во мало локално студио, до сцените на меѓународни фестивали, нејзиниот пат не бил лесен – исполнет со предрасуди, солзи и безброј часови работа. Но, токму преку танцот Елена ја пронајде својата сила, духовност и вистинскиот дом.
Во свет каде што сите се обидуваат да бидат копија, таа избра да остане автентична, горда и неповторлива.

Вукaновска е основач и на една од најпосетуваните и најпрофесионални школи за ориентален танц на балканот „Студио Ориентал“, а нејзината посветеност и умешност придонесуваат за подигање на свеста и популарноста на овој уметнички жанр кај младите.
ЖМ: Кога за првпат го почувствувавте повикот кон ориенталниот танц? Дали беше љубов на прв поглед или патување што се откриваше со текот на времето?
-Љубовта кон танцот ја имам од дете, потсетував часови во едно тогашно локално студио. Пресудно беше моето прво патување во Египет од каде што е и потеклото на ориенталниот танц.
ЖМ: Кој беше најважниот момент што ве убеди дека ова ќе биде вашиот животен повик, а не само уметничко хоби?
-Ориенталниот танц е навистина мoјот животен повик. Јас сум дипломитран економист, сосема контрадикторно од уметноста. Но, како што истражував и слушав таков тип на музика, преведував текстови, едноставно знаев - го почувствивав тоа внатре во себе. Со посета и учество на меѓународните фестивали се чувствував како да е тоа вистинскиот свет и место каде што припаѓам.

ЖМ: Што за вас значи ориенталниот танц – уметност, духовност, начин на живот или нешто трето?
-За мене ориенталниот танц претставува начин на живот, односно сите три набројани работи со се уметноста и духовноста.Тоа е она што мене ме дефинира како личност. Мојот дом.
ЖМ: Како се подготвувате за настап – физички и емотивно?
-Подготовката за фестивали трае со месеци и бара многу месеци и часови поминати во студио. Енергијата ја црпам од начинот на кој некоја песна или музика делува длабоко во мене. Физичката подготвеност е неминовна, со еден збор посветеност.
ЖМ: Вашите настапи често се опишуваат како магнетски и длабоко емотивни. Од каде ја црпите таа енергија и на сцената?
-Благодарам за комплиментот. Емоцијата едноставно извира од мене, дури и кога имам лош ден или сум нерасположена. Музиката е таа која ми дава сила, емоција да преболам се што ми се случува на приватно ниво. Емоцијата доаѓа длабоко од внатре и од музиката.

ЖМ: Колку во танцот има техника, а колку емоција? Може ли едното без другото?
-Техниката е основа на сите работи, но без без да се пренесе таа емоција кон публиката не може многу далеку да се стигне. Има многу добри светски танчари кои имаат перфектна техника, но слаба емоција. А емоцијата е сѐ. Таа ме движи и понесува и мене а тоа секако се рефлектира на самата публика. Емоцијата е најважна. Ориенталниот танц е буквално како раскажување приказна преку движењата на телото.
ЖМ: Кои беа најтешките моменти на вашиот пат до успехот и што ве мотивираше да не се откажете?
-Менталитетот во нашата држава, а и на балканот си го прави своето. Навистина ми беше тешко на овој пат до успехот до кој што стигнав сега. Имаше различни невкусни коментари, соочување со неразбирање на танцот воопшто, до моменти кога буквално сум возела накај дома плачејќи. Љубовта кон професијата и поддршката од моите најблиски ме натераа да не се откажам.Тоа е мојот дом. Таму се пронаоѓам себеси и се трудам овој пат да биде само поуспешен, затоа што веќе најтешкиот пат помина. Веќе сум мегународно признат професионален танчар со пријателства ширум светот, со милионски прегледи и следбеници на Бели Денс (Belly Dance) страниците кои секојдневно ми пишуват и објавуват мои видеа. Сега веќе нема плачење, одиме напред.

ЖМ: Како успевате да ја одржите својата автентичност во свет каде што многумина се обидуваат да ја копираат вашата енергија?
-Автентичноста секогаш се издвојува кога е оргинална. Горда сум на тоа што многумина се обидуваат да ја копират мојата енергија, но, тоа е само доказ за мене дека тоа што го правам е успешно. Ме радува кога гледам дека барем се обидуваат да ме копират само нека биде тоа на вистискиот пат. Секој сака оргиналот да го копира (се смее).
Соња Алексоска Неделковска