20 годишни девојки остануваат без шанса за мајчинство поради карцином на грлото на матката, лекарите алармираат за вакцини против ХПВ вирусот

Добивај вести на Viber

Иако вакцинацијата против човечкиот папиломен вирус (ХПВ) е бесплатна и достапна за сите 12-годишни девојчиња, а од минатата година и за момчињата, опфатот во Македонија останува далеку под посакуваниот.

„Веќе пет години наназад опфатот се движи околу 50 проценти, но има големи регионални разлики – во некои општини достигнува и до 90 проценти, додека во Скопје, Охрид и Битола е исклучително низок“, посочува проф. д-р Кети Ставриќ, имунолог. Таа предупредува дека главна причина за ваквата состојба се дезинформациите што кружат меѓу родителите, најчесто преку социјалните мрежи. 

„Важно е дилемите да не се решаваат на интернет, туку во разговор со лекарите кои работат на вакцинација – тие се обучени да дадат точни и проверени информации,“ додава Ставриќ.

ХПВ вакцината се користи повеќе од две децении ширум светот, а кај нас веќе петнаесет години. Досега се аплицирани над 252 милиони дози, што, според д-р Ставриќ, е доволна потврда за нејзината безбедност. 

„Несаканите реакции се ретки и минливи – мала болка и црвенило на местото на апликација, замор или покачена температура кои исчезнуваат за два до три дена,“ објаснува таа.

Од 2024 година, Македонија ја воведе деветвалентната ХПВ вакцина, која штити од девет типови на вирусот, вклучувајќи ги и оние што најчесто се поврзуваат со малигни заболувања како рак на грлото на матката, анусот, пенисот, вагината и орофаринксот. Вакцината се дава во две дози за 12-годишници, а три дози по 15-тата година, и е бесплатна до завршување на средното образование.


„Со вклучувањето и на момчињата, не само што го намалуваме ризикот тие да се инфицираат, туку и го спречуваме пренесувањето на вирусот,“ додава имунологот.

Гинекологот д-р Антонела Манасиевска потсетува дека ХПВ вирусот е одговорен за околу 99 проценти од случаите на рак на грлото на матката и дека во последните години се регистрираат сè повеќе млади пациентки. 

„Имаме случаи и кај девојки од 20 години кои завршуваат со вадење на сите репродуктивни органи, со хемо и радиотерапија, и со трајно нарушен квалитет на живот,“ предупредува таа.


„Она што е најзагрижувачко, додава Манасиевска, „е што се почесто гледаме дека овие болести се појавуваат кај млади, репродуктивно способни жени, што значи дека губат можност за потомство, а тоа е трагедија што може да се спречи.“

Таа потенцира дека вакцинацијата е единствениот начин да се спречи вирусот пред да доведе до канцерогени промени

„Превенцијата и скринингот се нашата најсилна алатка. Земјите кои имаат висок опфат со вакцинација, како Австралија, Велика Британија и Шведска, веќе бележат пад на нови случаи на рак за повеќе од 80 проценти. Тоа е најдобриот доказ дека вакцината спасува животи,“ вели таа.

„Родителите треба да знаат дека ова не е само заштита од инфекција – ова е заштита од болест што може да го одземе животот,“ нагласува д-р Манасиевска. „Ако размислат од перспектива на родител, одговорот е јасен: секое дете заслужува шанса за здрав живот.“

Според Светската здравствена организација, сите достапни ХПВ вакцини обезбедуваат заштита од најопасните типови – 16 и 18 – кои се причина за речиси сите случаи на карцином на грлото на матката. Но во Македонија, и покрај јасните докази и достапната бесплатна вакцина, само секое второ дете на возраст од 12 години е вакцинирано, што е далеку под европскиот просек.

„Колку порано се вакцинираат младите – пред контакт со вирусот – толку е подобар имунолошкиот одговор и заштитата“ истакнува проф. д-р Ставриќ.

Двете докторки се согласни: решението е во едукација, доверба и правилна комуникација. „Секој родител треба да ја има на ум сликата на млад живот уништен од болест што може да се спречи со една вакцина,“ порачува Манасиевска. „Тоа не е прашање на избор, туку на одговорност.“


ИРЕНА СТАВРОВА