КОМПАНИЈАТА ЗЕГИН И ФОНДАЦИЈАТА Д-Р ВЕРИЦА МЕХАНЏИСКА СО ЗНАЧАЈНА ДОНАЦИЈА ЗА ГОБ “8 СЕПТЕМВРИ”- СКОПЈЕ
Компанијата Зегин и Фондацијата Д-р Верица Механџиска вчера донираа медицинска опрема на одделот за физикална медицина и рехабилитација во ГОБ “8 Септември” во Скопје со што остварија значаен придонес за македонското здравство и уште еднаш покажаа пример за општествена одговорност. Вкупната вредност на оваа значајна донација изнесува околу 140.000 евра.

Станува збор за хипербарна комора која ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги, особено во третманот на пациенти со изгореници, за третман и лекување на пациенти со хронични рани кои тешко заздравуваат, дијабетично стапало, како и за постоперативни третмани но и за спортисти при спортски повреди, за зајакнување на нивните спортски перформанси, а ќе им биде на располагање и на одделите за пластичната хирургија, пулмологија, дерматологија и останатите оддели.

Дополнително се донира и нов клима уред , две мултифункционални маси за физикална рехабилитација кои се применуваат при невролошка рехабилитација, ортопедска рехабилитација, детска рехабилитација, рехабилитација за лица со попреченост, геријатриска рехабилитација, рехабилитација по спортска медицина, ментална рехабилитација итн, како и лента за трчање.
На проектот за хипербарна комора се работеше пет месеци, а крајната цел е создавање на подобри услови за поквалитетно и поблиско здравство до сите граѓани кои имаат потреба од овие третмани.