Глас, став и стил: Тина Русева повторно ги остави без зборови во „The Voice“ токму на роденденот! ВИДЕО
Младата струмичанка Тина Русева, која со својот вокал ги освои срцата на жирито и публиката во германската верзија на музичкото шоу „The Voice“, повторно блесна на сцената. Токму на својот роденден, Тина имаше моќен настап со кој обезбеди место во следната фаза – „Teamfights“.
„Не можев да побарам подобар подарок за роденден. Официјално сум во Teamfights. Одиме понатаму! Благодарам на сите за честитките!“, напиша Тина на социјалните мрежи, видно возбудена по настапот кој ја издвои како една од фаворитките во шоуто.
Моден впечаток
На сцената, Тина покажа дека покрај гласот, има и одлично чувство за стил. Таа избра комбинација од бело сако и сребрен топ со блескави детали, кои совршено ја истакнаа сценската енергија и младешкиот дух. Црните панталони и елегантните потпетици и дадоа моќен, женствен изглед, додека правата коса и природниот make-up внесоа доза свежина и едноставност.
Во втората сцена, кога беше прогласена за победничка, нејзината насмевка и радоста беа најдобриот моден додаток – комбинација на самодоверба и чиста среќа.
РЖМ/Ирена С. - Фото: Фејсбук Тина Русева