„На 6 месеци постпартум случајно почувствував грутка на десната града, по биопсијата стигна дијагнозата“: Искрена исповед на Ирена Карамачоска за борбата со ракот на дојка
Животот често знае да нè изненади во моментите кога најмалку очекуваме. Така се случило и со Ирена Карамачоска (34) од Струга, која веќе четири години живее во Берлин со својот сопруг и нивната едногодишна ќерка Фрида. Како успешен програмер во германска компанија што развива мобилни игри, Ирена изгледала како да ги живее своите соништа – сè додека, само шест месеци по породувањето, не ја почувствувала грутката што ѝ го променила животот. Дијагнозата на рак на дојка ја затекнало младата мајка, полна со планови и љубов, но и со неверојатна сила да се бори.

Нејзината приказна е потсетник колку е важно да си посветиме време на себе, да го слушаме своето тело и да не го одложуваме оној, наизглед мал, самопреглед на дојките што може да ни го спаси животот.
Денес, Ирена ја води својата битка со болеста – храбро, отворено и со насмевка што инспирира.
- На 6 месеци постпартум сосема случајно почувствував грутка на десната страна, веднаш под пазувот. Прво што си помислив беше дека можеби станува збор за запушен млечен канал, бидејќи се уште бев во лактација, а тоа е многу честа појава во вакви случаи. Почнав да читам на интернет за симптомите карактеристични за оваа состојба, но кај мене не се манифестираше ниеден од нив.
Од друга страна, поради тоа што оваа болест веќе беше присутна во моето семејство, ми се појави сомнеж, па уште следниот ден се јавив кај мојот гинеколог и закажав преглед. И таа ми кажа дека најверојатно станува збор за затнат млечен канал, но поради фамилијарната историја ми даде упат за преглед во специјализиран центар за дојка.

ЖМ: Како и кога точно ја добивте дијагнозата - рак на дојка?
- Со упатот од гинекологот, веднаш се јавив да закажам нов преглед во центарот за дојка. Чекав две недели за преглед и уште една недела за резултатите. Беше почеток на месец Март, годинава, кога појдов на преглед. Ми направија ултразвук и уште тогаш докторката ми кажа дека најмалку две лимфни жлезди и изгледаат сомнително. Направив биопсија и по една недела стигна хистопатолошкиот резултат, кој потврди дека станува збор за трократно негативен рак на дојка.
ЖМ: Која беше вашата прва реакција кога ви беше соопштено, бидејќи сте биле тазе мајка, со што сѐ се соочивте во тие моменти?
- Човек никогаш не е подготвен да слушне лоши вести. Нашите планови беа поинакви, летото требаше да го поминеме во Македонија и се беше веќе договорено. Но, животот ни сервира нова реалност.

Најтешкиот момент за мене беше споделувањето на веста со семејството, особено со моите родители. Кога бев четири месеци постпартум, на мајка ми по втор пат и беше дијагностициран метастазиран рак на белите дробови, рецидив на првичниот рак на дојка од пред три години. Тие веќе ги знаеја нашите планови за патувањето и скоро секој ден ме прашуваа кога ќе одиме. Замислете колку е тешко да им соопштите ваква вест на луѓе кои веќе еднаш доживеале шок од слична ситуација. Чувствував обврска да бидам силна за сите нас, па немав многу избор и полека почнав да ја прифаќам новата ситуација таква каква што е.
ЖМ: Како изгледаше процесот на лекување?
- Пристапот кој се користеше во мојот случај се вика неоадјувантна хемотерапија, каде што целта е туморот да се намали, или целосно да се повлече, за да се олесни оперативниот зафат. Ваквиот пристап на лекување веќе е стандард во Германија и дава многу добри резултати. Моментално сум на половина пат од моето лекување. Досега имам примено 16 циклуси хемотерапија во комбинација со имунотерапија, а пред еден месец имав операција. На почеток на ноември ќе продолжам со радиотерапија и уште 9 циклуси имунотерапија. Имав целосен хистопатолошки одговор на хемотерапијата, а до времето на операција туморот беше целосно повлечен. Се надевам дека ќе имам уште подобри резултати штом завршам со целокупното лекување.

ЖМ: Како се справувавте со лекувањето додека во тие моменти ја имавте малечката Фрида, која била мало бебе? Имавте ли поддршка од семејството?
- Ова е навистина многу тежок и бурен период за сите нас. Нашите семејства живеат во Македонија и не се во можност физички да ни помагаат. Лекарствата од првите 12 хемотерапии ги поднесов релативно добро. Освен што чувствував замор на денот кога ја примав терапијата, во останатите денови функционирав нормално. Бидејќи беше период пролет/лето, дури често успевавме да излегуваме на кафе, на сладолед или на прошетки. Последните 4 хемотерапии беа навистина тешки, и тогаш ми требаа најмалку три дена за да се вратам во нормала.

За време на целото мое лекување, мојот сопруг вложуваше надчовечки напори за да постигне се, се грижеше за домот, за обврските и за нас двете во деновите кога бев болна после терапија. Веднаш штом ќе се чувствував подобро, гледав да се вратам колку што можам на секојдневните работи, бидејќи нормалата ми помагаше да се справам со моето ментално здравје.
Најтешко ми беше кога Фрида, како што растеше, почнуваше повеќе да бара внимание и да комуницира со мене, а јас морав да стојам на растојание за да не ја изложувам на токсините од хемотерапијата, особено во првите три дена.
ЖМ: Како изгледа лекувањето во еден град како што е Берлин? Дали редовната терапија ја имаат навремено и им е лесно достапна на заболените од канцер. Кое е вашето искуство?
-Ако ми дозволите, преку ова прашање, сакам да го изразам мојот револт кон македонскиот здравствен систем. Не знам во кое друго општество, освен во македонското, потребната терапија не им е достапна на заболените од рак. Со мајка ми се лекувавме во исто време, јас во Берлин, а таа на клиниката за онкологија во Скопје. Немам зборови да го опишам хаосот што владееше таму. Кратко пред да и се влоши состојбата, требаше да започне со радиотерапија. Со последните сили отиде на клиника, само за да и кажат дека апаратот бил расипан.

Можам да кажам дека кај мене, ете, било среќа во несреќа што се најдов во Берлин во тој момент, но не можев да се помирам со фактот што мајка ми не може да добие подобар третман.
Во Германија системот функционира беспрекорно и не може да се случи да се откаже терапија затоа што ја нема. Единствената замерка е што е навистина тешко да се влезе во тој систем ако не живееш таму.
ЖМ: Што ви беше мотив, водилка во тешките моменти?
- Најголемиот мотив ми желбата да бидам тука за мојата ќерка и да ја гледам како расте.
ЖМ: Вашето лично искуство го споделувате на социјалните медиуми, какви се рекациите, имате ли поддршка од жени, мајки кои знаат да ви пишат за поддршка и да се пронајдат во вашите објави?
- Почнав да објавувам на Инстаграм бидејќи сакав да допрам до други борци, жени кои го поминале овој пат, луѓе кои се соочуваат со истата ситуација или имаат некој близок што поминува низ истото. Уште од првиот пост, многу мои пријатели, блиски, а и луѓе со кои одамна немав контакт, ми пишаа за да ми изразат поддршка. Тоа многу ми значеше.
Во последно време почнав да добивам пораки и од луѓе кои не ми се следбеници, но случајно ги виделе моите објави и се пронашле во нив. Некои ги споделија своите приказни, па така си станавме утеха едни на други. Тоа за мене беше уште една потврда зошто вреди да се зборува гласно и дека ова низ кое поминуваме добива уште поголемо значење.

ЖМ: Како се менуваше вашата перспектива кон животот, мајчинството и секојдневните работи?
- За оваа болест секогаш слушавме од далеку. Секогаш некој близок или познаник на наш познаник се борел со рак, но никогаш не помислуваш дека може да ти се случи тебе. Се додека не се случи, прво кај мајка ми, а потоа и кај мене. Од тој момент почнав да ги гледам работите поинаку и многу повеќе да сочувствувам со луѓето за кои сум слушнала дека се соочуваат со оваа болест.
Почнав да правам анализа на мојот живот пред дијагнозата, на тоа што сум го правела дотогаш, дали нешто сум правела погрешно и тоа придонело за ова што ми се случува сега. Но, сфатив дека нема смисла да се преоптоварувам со такви мисли, бидејќи не постои една причина, туку има милион фактори кои можат да влијаат на развој на ваква болест.
Моето секојдневие не се промени многу, само почнав повеќе да го ценам животот и малите работи. Се трудам да јадам поздраво и секоја прилика кога сум слободна ја користам да зготвам нешто убаво и здраво за моето семејство. Си ги зачував и старите навики, пијам кафе секое утро, а слатките задоволства ги чувам за посебни пригоди.
Верувам дека тоа што не направив радикални промени, туку најдов некаков баланс меѓу животот пред и по дијагнозата, ми помогна најмногу да го зачувам моето ментално здравје.

ЖМ: Колку претходно знаевте за важноста на самопрегледот и редовните прегледи на дојка?
- Доволно бев информирана за важноста на самопрегледот и имав гледано многу кампањи за подигнување на свеста за редовни прегледи, но, не бев доволно информирана за возраста на која може да појави болеста. Бидејќи имав 34 години, сметав дека сум сеуште млада за да ми се случи тоа. Кога почнав да истражувам повеќе за трократно негативниот рак на дојка, каков што имав јас, сфатив дека овој тип е многу почест кај помлади жени, особено во триесеттите години од животот.
Најважно кај оваа болест е да се открие во рана фаза, бидејќи тогаш има подобра прогноза, а единствениот начин тоа да се постигне е преку редовни прегледи и самопрегледи. Тоа е нешто што сите го знаеме, но ретко го правиме, дури не е доцна.

ЖМ: Што би им порачала на младите жени, особено мајки, во однос на следење на своето здравје?
- Би им препорачала никогаш да не ги запоставуваат своите потреби и своето здравје. Живееме во време кога од нас се очекува многу повеќе отколку што нашиот организам може да поднесе. Сакаме да бидеме успешни на работа, посветени родители, партнери, пријатели, да имаме уреден дом, здрави домашни оброци, па дури и време за хоби или физичка активност. Во сиот тој хаос, ги игнорираме знаците кои ни ги праќа нашето тело дека нешто не е во ред.
Јас морав да научам на потешкиот начин дека не постои перфекција. Затоа, направете чекор назад и преиспитајте ги вашите приоритети. Вие и вашето здравје сте најважни. Кога вие сте добро и луѓето околу вас ќе бидат добро и ќе можете да се грижите за своите деца и за семејството.
Габриела Додевска Глигоровска