Интервју со Дора Акан Златанова, од „Диџеј Ахмет“: „Ликот на Аја уште од прва многу ми се допадна, нејзината храброст, бунтовност - во неа гледав дел од себе“

Со едноставна, но длабоко трогателна приказна и храбра визуелна изведба, „Диџеј Ахмет“, дебитантскиот долгометражен филм на режисерот Георги М. Унковски, стана вистински феномен на меѓународната филмска сцена. Овој филм ја следи судбината на Ахмет, млад овчар од рурална Македонија, кој соништата за електронска музика ги носи во своето срце и покрај секојдневната рутина далеку од музичките сцени. Со поддршка од својата шармантна сосетка Аја, Ахмет тргнува на пат исполнет со предизвици и надеж.
Дора Акан Златанова покрај Ариф Јакуп кој го глуми Ахмет, ја има главната улога како Аја, девојката во која младиот Ахмет ќе се заљуби и која ќе му биде поттик да си го оствари сонот, да стане диџеј.
Дора за Женски магазин зборува за нејзиното прво искуство на големото филмското платно, како се најде во приказната на Диџеј Ахмет и што значи ова за неа.
Во еден свет сè поотворен кон различностите, личните приказни кои го слават културниот соживот и богатството на идентитетот добиваат сè поголемо значење. Токму таква е и приказната на Дора Акан Златанова, млада девојка која низ својот живот и уметничко изразување носи спој на традиции, јазици и уметнички таленти.
Младата Дора има 20 години. Родена е во мултиетничко семејство, татко Турчин, од Истанбул, мајка Македонка – струмичанка. Семејство во кое живеат и се почитуваат различни вери, обичаи, традиција и култура. Дора е родена во Скопје, а пораснала во Струмица. Завршила природно математичкa насока гимназија, а сега студираа деловна економија и оргазициони науки. Завршила основно музичко училиште, 4 години свирела виолина и 10-тина години свири гитара. Сега е дел од безброј сценски настапи од секаков вид. Нејзин мајчин јазик е македонскиот, но од раѓање во нејзиниот дом колку што се зборува македонски се зборува и турски.
За многумина, учеството во филм е професионален предизвик, но и можност за лично растење. За некои, пак, тоа претставува незаборавно прво искуство, обележано со емоции, нови пријателства и важни лекции. Така беше и за Дора (Аја) која токму преку „Диџеј Ахмет“ првпат застана пред камера – и тоа во тим кој, според неа, ќе остане во срцето засекогаш.
„„Диџеј Ахмет“ ми е прво искуство пред камера, се чувствувам многу среќно и убаво, што бев дел од таква екипа и проект. Во екипата, режисерот, партнерите и сите останати, имаше целосна хармонија и сè уште има многу убаво пријателство. Сите се прекрасни и имам само позитивни емоции. Голема среќа е да се биде дел од таква екипа.
Понекогаш најубавите животни пресврти доаѓаат сосема ненадејно – токму кога најмалку ги очекуваме. Така започнува и приказната на Дора со филмот „Диџеј Ахмет“, каде случајното учество на кастинг во училиште прераснува во нејзината прва филмска улога – и тоа главна.
„До првиот кастинг стигнав целосно случајно, беше во училиштето, ниту имав некакви очекувања ниту пак знаев за што се работи. По неколку месеци ми се јавија и од 300 девојчиња бевме избрани 8 од кои финално требаше да се изберат 4 и да се додели улогата – другарките на Аја. Но после тој кастинг ме известија дека сакат повторна средба и дека сум соодветна за да ја глумам улогата на Аја. Тоа за мене беше нешто неверојатно и преголема возбуда“.
Подготовките за филм се повеќе од техничка рутина – тие се вовед во светот на ликовите, приказната и тимската енергија. За дел од актерската екипа на „Диџеј Ахмет“, тоа значело интензивни часови, нови искуства и запознавање со сосема нов начин на работа. Целиот процес – од првите проби до вистинското снимање – бил исполнет со предизвици, но и со можности за раст.
„Прво почна процесот на подготовка, неколку дена бевме на часови по хип-хоп, имавме make-up и костим проби, имавме средби со режисерот околу улогите. Почна снимањето и почнаа предизвиците. Научив многу на актерски и личен аспект“.
Една од највредните димензии на уметноста и филмот е што нè носи во светови кои понекогаш се наоѓаат поблизу до нас отколку што мислиме – но сме ги заборавиле или никогаш не сме ги запознале доволно. За Дора учеството во „Диџеј Ахмет“ не било само актерско искуство, туку и вовед во една длабока и богата културна традиција која ѝ била непозната, иако ѝ е географски блиска.
„Иако живеам толку блиску, јас прв пат дознав за Али Коч и Коџалија благодарение на проектот. Информациите кои ги добивав околу Јуручката традиција ме фасцинираше, јас порано не сум била сведок на таков различен и убав свет. Мислам дека најтежок момент при снимањето ми беа сцените на мотор, затоа што беше преладно. Можам да кажам дека имавме многу интересни и забавни моменти, но на сцената кога бевме во тракторот, многу се брзавме затоа што сонцето ни беше пред заоѓање, а ние со Ариф не можевме да престанеме да се смееме, на секој збор ни доаѓаше да се смееме, а не знаевме зошто“.
Гледањето себе си на големото платно за прв пат е момент што засекогаш останува во срцето – мешавина од возбуда, гордост и благодарност. За Дора, првата проекција на „Диџеј Ахмет“ на Сараевскиот филмски фестивал била токму тоа: магично искуство исполнето со емоции.
„Прв пат филмот го гледав на „Сараево Филм фест“. За мене тоа беше нешто волшебно, нешто неописливо, бура од секакви емоции. Иако на „Браќа Манаки“ не ми беше прва проекција сепак возбудата беше многу поголема и владееа многу поразлични чувства особено кога видов дека е многу добро примен пред македонската публика. Овој проект ми е инспирација и сакам да продолжам со наредни проекти“.
Понекогаш улогата која ја толкуваш ти носи не само професионален предизвик, туку и лична инспирација. За Дора, ликот на Аја бил токму таков – храбар, слободоумен и полн со енергија, што ја допрел длабоко и ѝ ја рефлектирал нејзината сопствена личност. Овој однос помеѓу актерката и ликот ја исполнувал со радост и гордост, која таа ја споделува и со своите најблиски.
„Ликот Аја уште на прв поглед многу ми се допадна, нејзината храброст, бунтовност, секако, во неа гледав дел од себе. А најважна особина која според мене и двете ја поседуваме е тоа што и Аја и Дора имаат слободен дух, имаат свои мислења, живеат по свои правила и вредности. На тие проекции колку што бев радосна јас беа и моите најблиски, имаше солзи-радосници, голема подршка и гордост во нивните очи“.
„Диџеј Ахмет“ не само што освои широка публика, туку и импресионираше стручни жирија низ светот. На престижниот фестивал „Сандејс“ го понесе признанието од публиката во категоријата Светска филмска драма, како и специјална награда од жирито за креативна визија. Следуваа и големите победи на Филмскиот фестивал во Херцег Нови, каде ја освои Големата златна мимоза, и на Сараевскиот филмски фестивал, каде доби дури три награди, вклучувајќи ја и Наградата на публиката Уникредит.
Филмот својата македонска премиера ја имаше во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“, каде уште еднаш беше пречекан со овации.
Габриела Додевска Глигоровска