„Планината ме научи дека тишината може да зборува најмногу – само треба да ја слушнеш“: Маја Дукова, вљубеник во природата - меѓу планинските врвови и здрвата храна

Добивај вести на Viber

Маја Дукова е личност која веднаш ќе ви го привлече вниманието со својата искрена страст кон природата, планинарењето и сè што е поврзано со активен и здрав живот. Иако е лиценциран туристички водич, таа вели дека моментално не ја практикува професијата во класична смисла, но преку својот Инстаграм профил сепак наоѓа начин да инспирира, да информира и да ги води луѓето – барем виртуелно – низ убавините на Македонија.

Со секоја објава, фотографија или видео, Маја не само што раскажува приказни од срцето на природата, туку и ги поттикнува своите следбеници да ѝ се приклучат во истражувањето на домашните планини, езера и скриени патеки. Дополнително, нејзината љубов кон здравата и балансирана исхрана добива посебно место преку вториот профил на кој редовно споделува брзи, лесни и нутритивно богати рецепти. Во интервју за Женски магазин, Дукова зборува за врската меѓу планинарењето и доброто здравје, за магијата на македонската природа и за тоа како хобијата можат да станат животен стил.

Љубовта на Маја Дукова кон планините не се родила одеднаш, туку природно израснала од нејзината длабока поврзаност со природата и желбата за истражување. Секое ново место за неа претставува нова приказна, а планината станала нејзиното прибежиште од секојдневниот метеж.

- Мислам дека сè започна од љубовта кон природата и различностите што ги носи секое место. Отсекогаш сум сакала да истражувам, да откривам нови предели и да доживувам нешто ново – било тоа мал град, село, скриена патека или мирен поглед од некој врв. Со текот на времето, планината како сама се внесе во моето секојдневие. Стана мој начин да се исклучам од брзината на денот и да се поврзам со она што е вистинско – со природата, со луѓето и со себе.

View this post on Instagram

A post shared by MaYa D (@maja.dukova)

Планинарењето не е само физичка активност, туку длабоко лично искуство што ја исполнува на повеќе нивоа. Таа го доживува како спој на предизвик, мир и враќање кон себе.

- Сето тоа заедно. Планинарењето е совршен баланс меѓу физичкиот предизвик и менталното смирување. Ме учи на истрајност, на почит кон сопственото тело и на тоа да го ценам моментот „тука и сега“. Не е само бегство од секојдневието, туку враќање кон суштината – кон природата и кон себе.

Секое ново искачување на планина остава свој белег, вели Маја, носејќи нови спознанија и емоции. Но, има моменти на планината кои трајно ја менуваат – и физички и емотивно.

- Секое искачување е приказна за себе и носи некоја своја промена – било тоа во начинот на кој гледам на нештата или во начинот на кој се чувствувам. Планината секогаш знае да те научи нешто ново за тебе. Но ако треба да издвојам едно, тоа би било искачувањето на Трескавец на Шар Планина. Тоа беше искуство исполнето со предизвик, тишина и многу внатрешна сила. Токму таму почувствував колку е важно да не се откажеш, дури и кога делува тешко – затоа што токму тогаш се случува најубавата промена.

Зад секое планинарење стои добра подготовка, а за Маја тоа е ритуал што започнува уште од вечерта. Од проверка на опремата до моментите на тишина пред поаѓање – сè е дел од нејзината лична рутина која ѝ овозможува да го започне денот присутно и подготвено.

- Мојата подготовка за планинарски ден започнува уште од вечерта – со проверка на временската прогноза, избор на соодветна опрема и мала организација на храната што ќе ја понесам. Сакам оброците да ми бидат практични, но хранливи – овошје, јаткасти плодови, домашна енергетска плочка или нешто со протеин. Наутро, пред да тргнам, немам навика да појадувам, но секогаш имам момент за себе – неколку минути тишина и благодарност за новиот ден и можноста повторно да бидам во природа.

Во природата таа постојано наоѓа моменти на длабок мир, но има места што оставаат особено силен впечаток. Македонија, со својата недопреност и убавина, ѝ подарува искуства кои не се раскажуваат – туку се чувствуваат.

- Македонија е непресушен извор на такви моменти – мистична, величествена и секогаш со нешто ново што те тера да застанеш и само да дишеш. Тешко е да се издвои едно место, затоа што секое парче природа носи своја тишина, своја сила и своја убавина. Но, ако морам да издвојам, можеби би го спомнала Корабскиот водопад – местото каде што звукот на водата, свежиот воздух и погледот кон планинските височини создаваат вистинска хармонија на мирот. Тоа е она чувство што не се опишува со зборови – само се доживува.

Гледана низ очите на планинар и патник, Македонија за Маја е многу повеќе од убав пејзаж – таа е душа, автентичност и длабоко доживување. Секое нејзино катче зборува на свој начин, оставајќи траги што не се бришат лесно.

- Највредното во Македонија е нејзината автентичност – тој спој на природа, луѓе и душа што ретко се среќава на друго место. Планините не се само патеки и врвови, туку живи приказни што те учат на мир, издржливост и благодарност. Езерата имаат некоја тивка мудрост, селата мирисаат на детство, а храната секогаш носи дел од срцето на оние што ја подготвуваат. Македонија има способност секогаш да те врати кон суштината – да ти покаже дека убавината не е во совршенството, туку во едноставноста и вистинското доживување.

Иако моментално не работи како туристички водич, Маја сепак наоѓа начин да ги води луѓето – преку своите објави на социјалните мрежи. За неа, најголема исполнетост е чувството дека инспирира некого да го направи првиот чекор кон природата и да ја открие магијата на Македонија.

- Иако не се занимавам професионално како туристички водич, понекогаш имам чувство дека преку содржината што ја споделувам на социјалните мрежи – всушност водам една голема, виртуелна група луѓе која патува заедно со мене. Тоа чувство, дека некаде таму има луѓе кои се инспирираат, ја откриваат природата и скриените дестинации низ земјава преку моите фотографии и зборови, е навистина посебно. Секој нов пост, фотографија или приказна за некое место носи можност некого да инспирира да тргне во откривање на природата, на убавините и на мирот што ги нуди оваа земја.

Особено ме радува кога ќе добијам пораки од странци кои, поттикнати од мојата содржина, решиле да ја посетат Македонија и бараат препораки за своето патување. Тоа е чувство што тешко се опишува – кога сфаќаш дека со љубовта кон својата земја си допрел до луѓе што дури и не ја познаваат, но сакаат да ја почувствуваат. Секој таков момент ми потврдува дека убавината треба да се споделува – затоа што токму тогаш таа најмногу живее.

За Маја, грижата за телото не завршува со последниот чекор од искачувањето. Храната е продолжение на тој баланс со природата – начин да се обнови енергијата, но и да се изрази благодарност кон сопственото тело.

- После долго искачување, најмногу ми годи нешто едноставно, но хранливо – протеин (на пример туна или јајце), свежа салата и парче интегрален леб. Телото после планина заслужува квалитетна и нутритивно богата храна, а за мене тоа е и начин да му се заблагодарам за енергијата и силата што ми ја дава.

Уживањето во храна е неразделно поврзано со местото и моментот. Иако сака локални вкусови, најмногу ужива во оброк подготвен со своја рака и споделен со природата – далеку од градската врева, со поглед што храни душа.

- Обожавам да јадам во мали, локални места каде храната е подготвена со љубов и почит кон состојките. Но најчесто најубавиот вкус го има храната што ќе ја понесам сама – оброк подготвен дома, уживан на планина, со најубав поглед. Тоа е вистинско уживање за мене.

Балансот помеѓу активниот живот и правилната исхрана не е обврска, туку природен начин на живеење. Со редовно движење и внимателен пристап кон храната, таа успева да ја одржи хармонијата што ѝ дава енергија и сила.

- Балансот за мене не е нешто што мора да се постигне, туку начин на живот. Се трудам секој ден да бидам активна – дали со прошетка, планинарење или едноставно со движење. Храната ја гледам како гориво, но и како уживање. Слушам што му треба на телото и му давам време да се одмори кога ќе побара. Тоа е вистинскиот баланс.

Планинарењето за Маја е училиште на животот каде се учат најважните лекции – за трпение, скромност и внатрешна сила. Тоа е простор каде што границите се поместуваат, а тишината добива своја говорна моќ.

- Научив дека границите постојат само во нашата глава. Планината ме научи на трпение, скромност и благодарност. Таму научив да бидам присутна, да го ценам секој здив, секој поглед и секој чекор. Научив дека тишината може да зборува најмногу – само треба да ја слушнеш.

Габриела Додевска Глигоровска