Бог не води таму каде што душата најмногу се отвора: Репортажа на Татјана Томовска за Светото патување во древниот Египет кај Офи

Добивај вести на Viber

Велат дека некои патувања ги правиме со нозете, а некои – со душата. Патувањето на Татјана Томовска во Египет е токму такво: свето, длабоко, нежно и незаборавно. Не е само туристичка авантура низ древни камења и историја – туку духовна средба со времето, со себе, и со една посебна личност која и го отвори ова магично поглавје: нејзината пријателка Офи. Ова патување за неа е благослов, подарок, животна лекција. Патувањето низ пирамидите, храмовите, црквите и улиците на Каиро – рака под рака со една душа што светли –и го разбуди чувството на длабока благодарност. Во тие моменти, не гледала само со очи – туку чувствувавла со срцето.

„Оваа сторија е мој скромен обид да ја задржам магијата на тие денови, да ја споделам светлината што ја почувствував таму – и да ѝ оддадам чест на онаа која ни беше водич, домаќин, и духовна искра – Офелија Гаџевска Садек, вели Томовска на почетокот од нашиот разговор и додава дека реагирала спротивно од флоскулата  "железото се кове дури е жешко".

-Ете, ми требаше малку време да стивне вулканот од неискажаните импресии и впечатоци, што се разбуди при седумдневниот престој во Каиро, Египет. Инаку, ова Свето патување за мене како што го нареков е дотолку посебно, затоа што беше изненадување подготвено од близок член од моето семејство и мојата  уникатна пријателка Офи - Офелија Гаџевска Садек. Имено, Офи со сета своја енергија и жар,  мене и на мојата кума Жанета, која ми се приклучи на патувањето, ни ја укажа честа да бидеме гостинки во нејзиниот дом и на нејзиното прекрасно семејство. Отсекогаш посакував да одам на Пирамидите, но искрено не знаев кои ќе бидат првите од трите можни - Пирамидите во Гиза, Босанските во Високо или на Р'тањ во Сокобања. Но, ете БОГ сакал како што е редот - во Египет од каде се почнало!Пред да започнам со сторијата да кажам, со Офи ме врзува едно искрено и неоптоварено пријателство уште од детските денови, потоа нашите мајки заедно работеа, а нашите живеалишта беа во физичка близина. Нашата дружба ја красеа многу заеднички патувања низ земјата и Европа, поминати преку пеењето во женскиот хор кај Запро Запров и фолкрорната пејачка група „ Сирма“ – открива Томовска, која Офи ја опишува како една ретка душа која не се доловува со зборови.

 Фото: Сирма Холтен Холандија, јули 1985

- Нејзиниот визионерски дух не познава граници. Таа ве воздига, ве учи, ве води, ве спојува и остава восхитен. Всушност, Офи отсекогаш беше една љубопитна, умна и дружељубива девојка, неколку години помала од мене, која низ годините се претвори во прекрасна и успешна жена на приватен и професионален план, како посветена сопруга на египетскиот пилот Капетан Џон Садек, како мајка - лавица на двете добро воспитани ќерки Емили и Грејс. Нејзините квалитети и сестрани знаења го надминуваат просекот, и нејзината кариера ја пратат повеќе професии, како поранешна стјуардеса на Палер, како предавач на Светска историја на еден од колеџите во Каиро, како лајф коуч тренер на студенти, како наш активен новинар - дописник за македонските медиуми, нека ме исправи ако грешам, а најмногу од се како туристички водич која со пиетет говори за Древниот Египет. Нејзината моќна меморија и сестрани знаења во повеќе сфери на животот, ве држи постојано фокусирани да го запомните она што го говори.  Затоа, јас неретко ја нарекувам наш емисар во Египет и модерна Клеопатра, која на најсуптилен начин ги поврзува компаративните предности на двете земји - Египет и Македонија – вели Тања.

Клучен момент со кој се возобновило нивното пријателство  на  обострано задоволство, е учеството на нашата ракометна репрезентација за време на пандемијата 2021 во Каиро, каде започнала љубовта кон овој спорт. Оттогаш, до денес таа и Офелија и нејзиното семејство како и египетска пријателка Сахар, станалеверни фанови на нашата ракометна репрезентација. Таа неретко може да се види како страствен навивач на нашите трибини, како и на првенствата на ракомет – европски или светски , заедно со пријателите кои ги стекна. 

По овој нужен вовед во Сторијата за Древен Египет, Татјана се навраќа на сето она што го виделе .Текстот ви го пренесуваме интегрално, за да се долови секој миг од ова свето патешествие.

Под водство на нашата домаќинка Офи , уште пред да слетаме во Каиро ни беше направена Агендата на патеката на движење за посета на клучните места. Од Скопје тргнавме на 03.09.2025 на аеродромот во Солун, од каде летавме за Атина - Каиро. Нашето Патешествие хронолошки отприлика изгедаше вака:

Посета на Пирамидите во Гиза и Најголемиот Музеј на светот ГЕМ (2024) кој официјално ќе се отвори на 1 Ноември годинава

-На 04.09.2025 в зори, на огромниот аеродром не пречека шоферот Ашраф и безбедно не однесе во станот за гости, во една преубаво уредена населба. Малку отспавме и веќе во 11 часот, бевме в кола со традиционалниот појадок - сендвичите - сендвичите фалафел и фулза да не губиме време

Како што ни беше речено, навистина не држеа цел ден сити. Беа направени од нивно специјално лепче како палачинка, исполнето со зеленчук, намаз од црвен грав, леќа и зачини. Јадевме и слушавме што ни покажува Офи попатно, додека возевме кон Пирамидите. Од далечина веќе се наѕираа Пирамидите, иако многумина мислат дека се некаде далеку во пустината. Возбудата беше голема, затоа што првпат се соочив со толку големо и грандиозно здание, за кое дотогаш само читав и гледав фотографии. Откога обезбедивме карти за влез во просторот околу Пирамидите и Свингите (новина од поново време поради контрола и заштита на посетителите од неприлики), карти за автобусот Хоп он-Хоп оф и Новиот ГЕМ Музеј со артефакти од Древниот Египет, тргнавме прво кон Пирамидите Гиза, Кеопс и Кефрен, најмалата.

Не заплиска топло ветре со пријатна влажност, која во комбинација со чудесната енергија што зрачеше од Пирамидите, не правеше прозрачни на фотографиите. Лицата ни беа опсипани во благотворна бела светлина која ја чувствуваме на телата.

По направена фотосесија од страна на локалните аниматори, следеше качување на камилите и фоткање со нив. Беше малку страшно качувањето и спуштањето од неа, бидејќи е прилично високо суштество. Но, куртуливме.

Следуваше чинот да се допрат Пирамидите и да се влезе во една од нив  - кој нема клаустрофобија.

-Околу нас лебдеше чудесна енергија - Фонтаната на животот за која дотогаш само читав, а сега ја доживував во себе. Бевме пресреќни, што се гледаше од нашите озарени лица и досетките на локалците со цел да заработат некое евро или долар. Инаку, запомнете - бакшишот е обавезен каде и да ви дадат услуга! 

Сеуште понесени од емоциите, автобусот сопре крај една од  свингите и се сликавме оддалеку. Брзавме оти допрва следеше  посета на Најголемиот Музеј на светот - ГЕМ .

Најголемиот Музеј на светот ГЕМ , имаше софт отворање во Март 2024 Набргу бевме таму. Огромно здание, нарачано од египетското министерство за култура кое се протега на 90.000 м2 и во него се сместени над 100.000 артефакти од древниот Египет. Меѓу нив се и антиквитетите од гробницата на кралот Тутанкамон, коишто за првпат беа тука изложени во целост по 1992. Фасцинантна е и 3.200 години старата скулптура на Рамзес Втори.

По оваа првична тура, полни со импресии и со по некое уникатно парче купено во продавницата во музејот, нашата домаќинка  Офи не однесе на вечера во еден кинески ресторан. Видно вознесени, со голем апетит уживавме во богатата трпеза, а потоа не оставија дома со план за утрешниот ден.

Текстот продолжува на следната страна...

Следна страна