„Балетот ме направи човек, ме научи на скромност и животни лекции кои ме изградија како личност“: За дневните рутини на нега и убавина со балерината Стефанија Гаштарска

Добивај вести на Viber

Таа е првата Македонка што зачекори на сцената на Бољшој — и го направи тоа на само 16 години.  Стефанија Гаштарска не само што беше дел од респектираниот руски балетски свет, туку и се најде на листата на рускиот „Форбс“ како една од осумте балерини кои ја претставуваат иднината на оваа уметност.

Родена во балетско семејство и школувана во Русија од нејзината 14-та година, зад Стефанија стои искуство од најелитните балетски училишта и театри. Но, зад сценската елеганција и дисциплина, постои цел еден свет од ритуали, грижа за телото и умот, и секојдневна посветеност кон себе.

Во интервју за Женски магазин, Стефанија открива како изгледаат нејзините ритуали на нега – надворешна и внатрешна – и што ѝ помага да остане силна, фокусирана и уметнички инспирирана во свет полн со притисоци и совршенство. Отворено и лично зборува за убавината како дел од професијата, за малите навики што прават голема разлика, и за внатрешниот мир кој е подеднакво важен како и секој совршено изведен потег.

ЖМ: Балерините се симбол на грациозност – колку време дневно посветуваш на нега на телото и кожата?

-Можеби ќе се изненадите, но искрено би кажала дека сум прилично „нова“ во сево ова. Да ми го поставевте прашањето пред една година, немаше да знам што да ви одговорам. Ми требаше долго време да сфатам колку е важна негата на телото и кожата. На почетокот целосно бев посветена на тренинзите и настапите, па ретко одвојував време за себе.

Пред околу една година почнав повеќе да се освестувам, да созревам и да размислувам во тој правец. Почнав да истражувам, да испробувам разни козметики и брендови, затоа што не знаев што навистина ѝ одговара на мојата кожа и тело. Денес тоа е неизоставен дел од мојот ритуал – наутро и навечер им посветувам внимание. За мене тоа не е само рутина, туку начин да се чувствувам добро и внатрешно и надворешно.

Сепак, јас не сум личност која ќе помине час пред огледало со десетици серуми и креми. Немам време за тоа. Мојата рутина е брза, но квалитетна – токму она што ми е потребно за да се чувствувам подготвена за сцената и секојдневието.

ЖМ: Кои се твоите „must-have“ производи за нега после напорен тренинг или настап?

-По напорен тренинг или настап, моите „must-have“ производи се оние кои ми помагаат да се чувствувам обновено и свежо. Најважно ми е да ја хидрирам кожата – за тело користам млеко со церамиди од Clochee, а за лице не можам да ја замислам рутината без маслото за миење Smoothing Cleansing Oil и маслениот серум со витамин Ц, исто од Clochee.

Понекогаш користам и смирувачки креми или масла за мускулите, особено по долги настапи или проби. Многу ја сакам морската сол во комбинација со магнезиум, а исто така и кремата со алое вера од FOREVER Aloe Vera Gelly, која има неверојатен разладувачки ефект.

Како што приметувате, обожувам органска и природна козметика – таа ми овозможува да се грижам за телото и кожата на природен и ефикасен начин.

ЖМ: Како ја одржуваш кожата во форма кога си под сценско светло и шминка со часови?

-Ги користам моите омилени производи за хидратација и нега. Дополнително, кога чувствувам дека кожата ми е пресушена по часови шминка и сценско светло, пред спиење нанесувам вазелин со невен и пантенол, кој ја смирува и обновува кожата. Исто така, секогаш добро ја хидрирам кожата пред да се шминкам, за да биде заштитена и подготвена за тешката сценска шминка.

ЖМ: Дали имаш некој „бјути трик“ или домашен ритуал што ти го има пренесено некоја повозрасна колешка балерина?

-Првиот и главен трик за здрава кожа кој го научив е да не експериментирам со производи кои се извикани и имаат добра реклама. Тоа не значи дека истите се добри и дека ќе и одговараат на мојата кожа. Јас не послушав, купував, пробував се, за на крај да сфатам дека советот и не бил така погрешен. Овој ‘’трик’’ ми го пренесе повозрасна колешка балерина тоест мајка ми, која исто ми го препорача и вазелинот со невен кој го користам пред спиење кога кожата ми е исушена или уморна, и навистина ја смирува и обновува. Порано, пак, имав проблеми со акни, и ми препорачаа една природна бугарска крема ‘’Здраве’’ која малкумина ја знаат. Чини пет пари, а е многу ефикасна за воспалена кожа. Топло ја препорачувам.

ЖМ: Како се грижиш за стапалата – делот од телото кој најмногу страда кај балерините?

-Точно е дека, стапалата доста страдаат кај нас балерините. Користам морска сол за нега и релаксација. Доколку се појават плускавци, применувам хиперманган, јод и Бивацин. Природно, едноставно и ефикасно.

ЖМ: Балетот бара перфекција – како се справуваш со притисокот и очекувањата?

-Балетот навистина бара перфекција, но со текот на годините научив дека најважно е да се прифати сопствената несовршеност и да се работи со љубов и посветеност. Секогаш се стремам да станам подобра од самата себе, а не да се споредувам со други. Притисокот и очекувањата се неизбежни, но ги гледам како енергија што ме поттикнува, а не како товар што ме обесхрабрува. На сцената се обидувам да се поврзам со музиката, да го почувствувам моментот и да уживам во движењето, без да се оптоварувам дали сум „совршена“. Тоа ми помага да бидам присутна, смирена и да ја вложам целата своја страст во настапот.

Најважниот совет кој го добив и кој тотално ми го смени начинот на кој размислувам ми го даде мојот педагог во Русија. Пет минути пред почетокот на претставата дојде кон мене и ми шепна: „Никому не се докажувај.“ Таа вечер беше една од моите најуспешни претстави што сум ги изиграла – и овој совет отсекогаш ми остана како водилка во работата и сценскиот живот.

ЖМ: Дали имаш лична рутина или техника за грижа за менталното здравје – медитација, терапија, трчање?

-Јас уживам во боењето. Тоа за мене е вистинска терапија и момент кога можам целосно да се фокусирам, да се ослободам од мислите и да создадам нешто убаво. Исто така обожавам да гледам тенис. Овој спорт толку ме инспирира и мотивира дури и за мојата професија. Тоа ми е начин да се опуштам, да уживам и бар на некое време да се оттрганам од балетот.

Исто така, една од моите „медитации“ е одењето сама по нови ресторани и кафулиња.

Сакам да поминувам и време во природа, каде што можам да се релаксирам и да се наполнам со енергија. Читање книга во природа — за мене тоа е нешто неверојатно. Редовната масажа исто така е важен дел од мојата рутина, бидејќи ми помага да се опуштам, да го смирам телото и умот и да се подготвам за следните настапи и проби.

ЖМ: Како го балансираш интензивниот распоред со време за себе и опуштање?

-По интензивните тренинзи и настапи, вечерта е мојот момент за опуштање. Тоа е едниствен период од денот кога сум сама со себе. 

Исто така единствениот (еден) слободен ден, го користам за активности кои ми носат радост и мир – прошетки низ природа, боење, се што набројав погоре. Токму овие моменти ми помагаат да го одржувам балансот помеѓу интензивната професионална работа и личната благосостојба.

ЖМ: Имаш ли денови кога едноставно не ти е ден – и како се справуваш со тоа?

-Да, секако дека имам денови кога едноставно не ми е ден и моменти кога не ми се прави буквално ништо – кога се чувствувам изморено, фрустрирано или кога ништо не ми оди како што сакам. Во таквите денови се обидувам да бидам трпелива и да се прифатам себеси таква каква што сум, без критика и без дополнителен притисок. (Многу се трудам, ама не секогаш успевам). Му давам простор на телото и умот да се одморат, правам мали работи кои ме исполнуваат и ми враќаат енергија.

Верувам дека токму овие денови нè учат на трпеливост и самоприфаќање. Се трудиме да ги промениме во нешто позитивно, да ги претвориме во шанса за самоосвестување и подготовка за следниот предизвик. Кога ќе се справиме со себе во такви моменти, се чувствуваме посилни и посвесни, и можеме да го дадеме најдоброто од себе на сцената и општо во животот.

ЖМ: Колку е важна поддршката од семејството, пријателите и колегите во твојата професија?

-Поддршката од саканите и блиските е неизмерно важна во оваа професија и во било која друга. Балетот е напорен и често бара многу време, енергија и емоционален напор, па секогаш ми дава голема сила кога знам дека имам луѓе околу себе кои ме поддржуваат, веруваат во мене и ме охрабруваат. Мојата мајка, бабите, брат ми, моето семејство, моите пријатели и поискусните колеги се тие кои ме инспирираат, ми даваат насоки и ми помагаат да се движам напред дури и кога работите стануваат тешки. Не знам што би правела без таа поддршка.

ЖМ: Како изгледа еден твој типичен ден – од утро до вечер?

-Работниот ден ми почнува во 11 часот наутро, но пред тоа секогаш имам квалитетен доручек. Обично тоа е овесна каша со протеин, овошје, путер од бадеми, цимет и мед – комбинација која постојано ја менувам затоа што сакам да експериментирам со состојките. Во 11ч започнува балетскиот час или ‘’загревање’’ за пробите што следат. Веќе во 12 часот почнуваат пробите – некогаш имам две, некогаш три, а има денови и со четири проби, секоја по саат и пол до два.

Измеѓу нив правам кратки паузи за одмор, ручек, брза масажа или терапија, зависно од тоа што ми е потребно. Работното време трае до 22 часот навечер, но некогаш останувам и подолго за да поработам на одредени корекции или детали. Останатото време ми е резервирано за рехабилитација и одмор. Легнувам околу полноќ – не е идеално, но со оглед на тоа дека дома стигнувам во околу 23 часот, да заспијам порано е скоро невозможно.

ЖМ: Што е најубавото, а што најтешкото нешто во животот на една балерина?

-Најтешкото е дефинитивно дисциплината. Секој ден е ист – стануваш, одиш во сала, повторуваш исто движење стотици пати, трпиш болки во мускулите, плускавци, понекогаш и повреди што се неизбежен дел од оваа уметност. Телото многу често ни е преморено, а умот мора да остане силен и фокусиран секој ден од наутро до навечер. Тоа е неверојатно борба со сам себе, огромна макотрпна работа која понекогаш изгледа како да нема крај. Има мигови кога си помислуваш: а вреди ли сево ова?

Вреди. Најмагчниот момент за нас уметниците е моментот кога си на сцена. Кога гледаш задоволни лица во публиката, искрени насмевки,. И секако аплаузот. Во тие неколку моменти сфаќаш дека секоја болка, капка пот и секоја жртва и те како вредат. Тоа е чувство што не може да се спореди со ништо друго – да знаеш дека преку твојот танц си успеал да допреш до некого, да му подариш емоција што ќе ја памети… и дека на некого си му ја разубавил вечерта. 

ЖМ: Кои вредности или животни лекции ги научи преку балетот?

-Балетот ме направи човек. Преку него научив што значи дисциплина, трпение и истрајност. Ме научи дека успехот никогаш не доаѓа преку ноќ и дека за да успееш во било што не само во балетот, потребни се години труд, жртви и безброј повторувања. Дека нема секогаш се да оди како подмачкано. Животот е полн со подеми и падови. Но, исто така ме научи и на скромност – дека колку и да успееш, секогаш има простор за раст. Секогаш може подобро. Балетот ми покажа што значи да ја надминеш сопствената граница, да се бориш со болка, но и да ја почувствуваш најчистата радост кога преку танц ќе успееш да ја пренесеш својата емоција на другите. Тоа не се само уметнички лекции – тоа се животни лекции кои ме изградиле како личност.

ЖМ: Дали балетот ти помогна да ја изградиш самодовербата и чувството на женственост?

-Дефинитивно! Кога танцувам, се чувствувам некако целосно и уверено. Преку контролата на телото и грациозноста во движењата научив дека женственоста не е само во изгледот, туку во енергијата што ја носиш, во харизмата, во начините на кои се изразуваш и во довербата во себе.

Габриела Додевска Глигоровска