„Лупште е мојата душа и рај - селото и природата нѐ поврзуваат со семејството“: Сара Мејс за животот на село далеку од урбаниот ритам
Во време кога урбаниот ритам сè почесто нè носи далеку од природата, пејачката Сара Мејс со искрена емоција нè враќа таму каде што срцето тивко се смирува - на село. Во ова интервју, таа открива дел од својата најдлабока носталгија и љубов кон местото од кое потекнува нејзиниот татко, а кое денес претставува вистински семеен рај и неисцрпна музичка инспирација. „Лупште е мојата душа,“ вели Сара, опишувајќи го селото како сцена што магично се менува со секое годишно време, а сепак останува еднакво волшебна.
Токму таму, нејзините деца Илина и Кирил ги имаат своите најубави откритија — учат, истражуваат и растат опкружени со природата која за нив е нов и возбудлив свет. За Сара, секоја минута помината во Лупште е лек за духот: од крцкањето на сувите есенски лисја, преку мирисот на зелените ливади во пролет и лето, до тивкиот зимски спокој набљудуван низ прозор додека огнот нежно пуцка во заднина.

Со топлина и искрена приврзаност, таа ни ја пренесува убавината на деновите и викендите поминати во село — моменти што не само што ги зближуваат како семејство, туку ги потсетуваат на вистинските вредности. Во продолжение следува разговор кој ќе ве натера и вие да посакате барем за миг да се преселите во идилата на Лупште.
⁃Лупште е мојата душа и мојот рај, од кога паметам за себе било така … Лупште е селото на мојот татко, односно дедо, односно прадедо … Некако чудесно сум била приврзана за тоа место, отсекогаш, што секој пат кога имам неудобности на душава, одам таму за да ми се избистри сè. Инаку Лупште се наоѓа во општина Македонски Брод, Самоковско, на околу 1000 метри надморска височина.

Сара со нежна насмевка се навраќа на детството, отворајќи врата кон спомените кои ја обликувале нејзината поврзаност со Лупште. За неа, селото не е само место, туку жива приказна составена од мириси, звуци и моменти што се паметат цел живот.
⁃ Уште од мала многу често ме носеле таму. Имам многу спомени со моите братучеди, игри низ ливади, со кози, магаренца, хранење животни во плевни, лизгање на снег по ливадите со најлон под пантолоните (се смее) и ред други преубави спомени … Не е баш традиција, ама така се погодува, во последно време, заедно со Димитар, Илина и Кирил, а често и заедно со чичко ми, стрина ми, братучед ми, снаа ми и внуците, гледаме Велигден да си го поминеме таму.

Сара со восхит зборува за магијата на секое годишно време во Лупште, опишувајќи ја природата со страст што веднаш те пренесува таму. Во нејзините зборови се чувствува смиреноста на семејните викенди и бескрајната убавина што селото ја нуди во различни периоди од годината.
⁃ Знаеме да имаме и подолги паузи, а знаеме и да заредиме секој викенд … зависи од обврските кои ги имаме во дадениот период … Охх, не можам да издвојам годишно време, навистина сите се преепрепреубави … на пролет ливадите се како од бајка, не можам да ви опишам, цвеќенца бели, розеви, виолетови на сите страни. Есента пак нуди една широка палета на бои, кои мене лично можеби и најмногу ми импонираат, планината изгледа подобро од дело на Ван Гог … жолто, златно, црвено џиш дури има, портокалово, зелено, кафено, бордо … Да не зборувам какви сè плодови не нуди планината … Костените се главното обележје на Лупште. Сите одат по костени, шумите нудат еден тон костенови дрвја … Тоа е ете можеби еден вид на традиција која ја има целото село. Собирање костени … освен костени секако се собираат ореви, капини, шипинки … Убавина … Зима како што Ви напомнав горе има еден тон детски игри, греењето на дрва и пуцкањето на печката дава еден навистина посебен шмек … Раното лето нуди диви јаготки, чајчиња … Летно време обично одат Илина и Кирил повеќе со татко ми, им мести базен на дување во дворчето и си уживаат (се смее).

Сара открива дека престојот во Лупште не е само бегство од градската динамика, туку искуство што го исполнува секој дел од денот со смисла и едноставна радост. Со топлина зборува за малите ритуали, за заедничките активности и за чувството дека времето таму тече поинаку — поспокојно.
- Таму кога си, денот ти трае многу. Некако и цело време ти е убаво и се чувствуваш исполнето … Прошетки, собирање плодови и собирање ѓубре, задолжително. Секое одење ја чистиме планината, Димитар цепи дрва пример, ги реди, си средуваме и внатре, сè си правиме … (се смее) одиме по роднини.

Темата за децата и природата, природно ја отвора прашањето колку е важно најмладите да излезат од градскиот ритам и да ја почувствуваат вистинската страна на животот — онаа што мириса на шума, земја и слобода.
⁃ Најважно! Сметам дека многу правилно постапуваме и убаво придонесуваме со тоа што ги учиме да ја сакаат планината, да го почувствуваат вистинскиот порив за опстанок, да се мешаат со домашните животни, да учат дека за да јадеш, треба да си собереш што дава природата на пример … И најинтересно од сè е што на децата им е сто пати поинтересно на планина од колку пред таблет. Мислам дека сите деца сакаат да имаат задача и се чувствуваат корисно кога ја извршуваат, особено ако работата ја вршат заедно со родителите, задоволството е уште поголемо … и обострано.

Сара со леснотија нè враќа во нејзините детски години, отворајќи ново поглавје исполнето со спомени од селски средини што оставиле длабока трага во нејзиниот живот.
⁃За Лупште Ви раскажав веќе сè во неколку наврати за моите спомени, а освен Лупште одевме со брат ми и баба ми и дедо ми од на мајка ми страната во Црноштица, Босилеградско, Србија … Тоа е исто една посебна магија од село. Посебно куќата на баба ми, беше над Црноштица практично, сама куќа, на врв на планина, без комшии. Филм … Хајди … Наредното село, е на околу 4,5 километри … Ама тоа е друга тема, инаку и од таму еден тон спомени … Имам спиено во штала со две јаренца. (се смее).

Кога се на село, сè прават заедно и вели тоа е најзабавниот и најскапоцениот дел, едноставно селото ги поврзува уште повеќе. Но исто така мотив и инспирација за нови музички проекти. Токму таму се роди и нејзиното последно музичко остварување „Нека трепка“. Ова е песна која е сериозна конкуренција на „Елко, елко“.

⁃ Лупште е дел од мене и присутен во целата моја аура. Преголема инспирација, многу теми ми имаат дојдено таму. „Нека трепка“ е една од нив. Ме инспирира да пишувам песни кои лачат поврзување, топлина, заедничко славење … Во конкретниов случај на еден од најубавите празнични периоди кои следат, Божиќ, Бадник и Нова година.
Во моменти
кога јавниот живот знае да стане преинтензивен, Сара признава дека токму бегствата
во природа им даваат можност вистински да се поврзат како семејство и да се
вратат кон најважните нешта. Со голема искреност објаснува како престојот во
Лупште им помага да го исчистат умот и да го почувствуваат животот
поедноставно, поискрено и поисполнето.
⁃ Не постои нешто подобро. Нааајискрено. Сто пати кажав, ама навистина е така. Планината, селото, и по примитивниот начин на живот, не учат на многу вредни и скапоцени работи. Не потсетуваат кои сме и зошто сме тука. Дека да се сакаме и да правиме едноставни работи заедно, е дупло поголема среќа од колку да трчаме низ градот … по што трчаме? И дали вреди? Ете тоа нè тера да се запрашаме.

Сара со особена топлина зборува за значењето на враќањето кон природата, потсетувајќи дека токму таму се крие мирот што често го бараме меѓу градските улици. Нејзината препорака не е само совет — таа е покана до сите семејства да го пронајдат она што таа и нејзиното семејство го наоѓаат во Лупште: поврзаност и вистински заеднички семејни моменти.
⁃Препорачувам што почесто посетување на планина, село … враќање кон суштината, кон корените. Скапоцено е, зошто ни ја одмара душата. Го успорува брзото темпо на живот и не враќа на вистинското место и емоционално, а богами и физички. Прави неверојатно „поврзување“ во семејството. Ги учи идните поколенија дека не се само технологиите на светов. Не потсетува од што сме дел. Ние сме дел од природата. Не смееме да го заборавиме тоа.
Габриела Додевска Глигоровска