Ова е првата раперка во самостојна Македонија: „Царевата ќерка“ беше симбол на деведесеттите

Добивај вести на Viber

Ако го спомнеме името Елена Домазетовска, многумина можеби нема веднаш да се сетат за кого станува збор. Но, доколку се каже уметничкото име Ена Веко, генерациите од деведесеттите веднаш ја препознаваат првата македонска раперка во самостојна Македонија.


Ена Веко зад себе има низа хитови кои станаа препознатливи за тој период: „Царевата ќерка“, „До кога вака?“, „Келнерот“, „Љубомора“, „Мачо мен“, „Не приоѓај ми“, „Во чија си прегратка?“, „Земјани луѓе“ и други. На сцената се одвојуваше по својата слобода, автентичност и смела модна експресија – од оверсaјз палта и кратки панталони, до тексас, кожени јакни и корсети со впечатливи светкави материјали, типични за модата на деведесеттите.


Познавачите на македонската музичка историја често истакнуваат дека нејзината појава на естрадата е тесно поврзана со работата на композиторот и продуцент Тоше Поп Симонов. На комеморацијата одржана оваа година во негова чест, Ена Веко се обрати со емотивно видео-порака во која се наврати на заедничките моменти и неговото влијание врз нејзината кариера.


„Тоше беше целина – појава, однесување, интелигенција; сталожен и мудар, и тоа се одразуваше во неговата музичка професија. Знаеше да процени што ѝ треба на публиката и за што е спремна во одредено време. Соработката со него секогаш беше интересна, проследена со мудрости и хумор. Беше великодушен, ме прифати во неговото музичко друштво со широко срце. Се грижеше за мене како за свое дете – за мене беше учител, музичар и вујко“, истакна Веко во својата порака.

Ена Веко се прослави како првата македонска раперка и остави силен белег на домашната сцена во деведесеттите. Денес живее во Австралија, далеку од светлината на сцената и со поинаков живот од времето кога речиси секоја нејзина песна стануваше хит. По завршувањето на средното образование, таа се пресели во Сиднеј, каде што и денес го има својот дом.

РЖМ 
Фото:  ВБУ Музички регистар