Слобдата е кислородот на секоја креативност: Сопственикот на највлијателниот медиум во Македонија проговори за уредничката филозофија која е формула за успехот
Гостин во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески е м-р Александар Манев, главен извршен директор на „Кроација осигурување“ АД и член на УО на Стопанската комора.
Но, покрај водењето на една од најуспешните осигурителни компании во земјава, Манев е и сопственик на „Фактор медиа груп“ – една од највлијателните медиумски куќи во Македонија, која ги обединува порталите Faktor.mk, Zenskimagazin.mk и Maskimagazin.mk.
Во поткастот Манев зборува за својата филозофија на водење – дека слободата е предуслов за професионализам, а токму од таа слобода се раѓаат успешни медиумски приказни. „Како и во секој бизнис, така и во медиумите треба да се ангажираат најдобрите луѓе и да им се остави простор самите да ја вршат својата работа“, истакна тој.
Иако професионално е длабоко вкоренет во финансискиот и осигурителниот сектор, Манев верува дека вистинската сила на секој систем – било компанија или медиум – лежи во луѓето, визијата и вредностите. Под негово водство, „Кроација осигурување“ бележи исклучителен раст, но, како што нагласува, вредноста не се мери само во бројки, туку и во духот на тимот и во довербата што се гради со јавноста.
Покрај бизнисот, Манев е активен и во академската заедница како претседател на АЛУМНИ асоцијацијата на Економскиот факултет при УКИМ, а слободното време го посветува на планинарење и читање книги од светски познати бизнис-лидери.