Ана Бунтеска: Има места и има луѓе со кои свој си

Добивај вести на Viber

Има места на кои свој си

Како сите коцки наместени да се

Што во душата, што во главата

Каде што си како дома

Без да ти ѕенѕа во утробата

Ами само спокој имаш

Небаре сè таман ти е

Има места на кои дишеш

Со полни гради и без болка

Со лица околу тебе

Кои секој чекор ти го пазат

И знаеш дека тука се

Дека за тебе секогаш тука ќе бидат

Колку и да ти е сè кинисано удолу

Колку и да тонеш во жив песок

Има места на кои кога во огледало ќе се опулиш

Себеси се гледаш без страв

Без маски кои ти го вкочануваат ликот

Без лажна насмевка од која вилицата те дроби

Туку ете

Само си она што навистина си

И некако лесно и убаво ти е

Кога ти го љубат лицето кое е одраз на ТИ

Без да сакаат да те стокмат по свој терк

Или под око да те гледаат како нетокму да си

Има места

Има такви места полни со твои луѓе

Покрај кои знаеш дека сè ќе биде во ред

И тогаш кога ништо не е како што сакаш да е

Та телото ти е толку опуштено

Како во омиленото ќебе да си завиткан

Со шоља чај и колачиња со цимет пред тебе

И тогаш на Универзумот тивко му велиш “сполај ти”

Оти знаеш, во себе знаеш

Колку е ретко да си најдеш свое место

Исполнето со твои, блиски лица

Во кои утеха наоѓаш

И во себе топло огниште потпалуваш

За коските да си ги стоплиш

Има места

И не само што ги има

Ами благослов е кога знаеш, ете знаеш

Дека на тие места се сите кои ги љубиш

И за кои раката во оган ќе ја ставиш

Без зборови

Без фалење

Без помпа

Без драма и патетика

Оти твои се и душата ти ги сака

Оти нивна светлина си и те сакаат

Токму таков каков што си

Со сите рани и лузни

Со сите несовршености кои неважни стануваат

И молчиш со почит кон судбината

Што милост имала кон тебе

Да си најдеш и да си ги најдеш

Твоите луѓе на твоето место


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска