Ана Бунтеска: Кога молкот зборува

Добивај вести на Viber

Човек треба да знае кога да замолчи

Устата со срмен конец да ја зашие

Без да тагува и без да се премислува

Без ниет да ја отшие

За пак истите зборови да ги блаботи

Стотина или илјадници пати

Како навиена играчка

Од чиј звук главата ти прска

Човек треба да знае и да научи

Кога е време со молк да зборува

Оти некојпат само така кажува

Некојпат само така е сослушан

Кога тишината своето ќе го зборни

И во неа ќе одекне сè

Што зборовите само ќе го прикријат

Чунки доволни не се и не биле

Човек треба да знае

Ах, колку само треба да научи

Непотребно да не се мачи

И да не се убедува со никој

Оти вака или онака требало да биде

Вака или онака треба да биде

Та она што на душа му лежи

Не со збор, ами со поглед да го покаже

И еве ме како учам

Полека и болно како прв чекор на дете

Кое се тетерави и потклекнува

Како зборовите в земја да ги испикам

И врз нив озгора да плукнам

Оти ниту имам кажано нешто

И ниту ти имаш слушнато било што

За да не ме дробиш, да не те дробам

Еве ме како срмен конец в рака земам

Знаеш, боли само првиот бод

А потем е сè навика која се учи

И устава ја зашивам, силно и посветено

Како којзнае што важно да правам

Со густ бод од кој не ќе избега некој збор

За не дај Боже да сакам да се вратиш

Или да те замолам повторно да ме примиш

Требаше...

Знам дека требаше од поодамна да замолчам

Ама пусто, срцево поинаку си бараше

Та кажав и тоа што треба

А уште повеќе тоа што не треба

И знам дека доцна е за мене

А можеби и за тебе одмина времето

Или како и да се нарекува тоа меѓу нас што боли

Кога молкот зборува

Се раскажуваат најубавите приказни

Кога молкот зборува

Се пишуваат најтешките песни

Кога молкот зборува

Тогаш сиот свет оглувува

Кога молкот зборува

Постоиш ти, постојам јас, но не и ние

Кога молкот зборува

Знам дека е време за збогум

Кога молкот зборува...

Ах, молкот кога зборува

Љубовта за навек онемува

За Женски Магазин, поетесата Ана Бунтеска