Ана Бунтеска: Шах

Со години играме шах
Една иста партија
Во која веќе немаме задоволство
Ама ете
Ниту ти се откажуваш
Ниту јас попуштам
Ниту било кој од нас реми нуди
Та пазиме на секој потег
За да не го повториме три пати
И да не заврши оваа агонија
Во која перверзно уживаме
Како да не знаеме дека може и поинаку
Дека мора да има и друг начин освен овој
Со години седиме еден наспроти друг
На истата маса
Со истите фигури
Ти со бели
Јас со црни
Се надмудруваме во мислите
Иако знаеме
Потсвесно знаеме дека никаде не стасуваме
И секоја година губиме по една фигура
Која ја фрламе на земја
Од срам
Од страв
Од суета
И еве нè после скоро еден цел живот минат
Со задниците заковани на истите места
Уморни и бледи
Со темни кругови под очите
Ти со бел пион
Јас со црн
На средината на шаховската табла
Кои тажно стојат како нас
Еден наспроти друг
И немаат повеќе каде да одат
И молчиме
Инаетливо молчиме
Џарејќи се во заедничкиот пораз
Та си помислувам како ли ќе беше
Наместо да ја играме оваа
Однапред изгубена партија за двајцата
Да стокмевме еден живот заедно
Во кој ќе си даревме љубов
Во кој немаше да се натпреваруваме
Кој е попаметен
Или кој е поглупав
Ами и двајцата умни ќе бевме
За подобро да го искористиме времето
Кое и онака скусено ни е
Ама барем....
Ете, барем во радост да го миневме
Во љубов да го поминевме
Надвор од сите црно-бели коцки
Во кои душите си ги изгубивме
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска