Ана Бунтеска: Јас немам каде да се вратам
Јас немам каде да се вратам
Зад себе оставам спомени и мириси
Но не и трошки среќа
По кои ќе го најдам патот за назад
Дома...
Или кај тебе, сеедно
И чекорам, гледаш ли дека чекорам?
Не по своја желба
И не дека така одбрав
Туку дека така требало да биде
Како чкртнато уште пред да се родам
А и која сум јас за да се спротивставам
На нешто што одамна пишано било
Та молкум само одам
Некогаш броејќи...еден, два, три
За потем умов некаде да ми забега
И да се сепнам за да почнам отпочеток
Еден, два, три...
А не стасувам повеќе од десет
Јас немам...
Навистина немам каде да се вратам
И не оти знам од каде тргнав
И не дека многу ми е јасно на каде одам
А и којзнае дали е важно сето ова
Колку што е важно да не застанам
Оти дури тогаш мака ќе си имам
Заглавена во мигот
Кој не е СЕГА и ОВДЕ, иако така ќе личи
Кој нема врска со минатото
Нема вкус на иднината
А некако се уморив од оваа бесцелна прошетка
Која ме враќа на места на кои сум била
И кои не се она што ми треба
И ме носи на места кои нови ми се
Ама како и таму да не припаѓам
И си се чудам на умов
Посакувајќи на OFF да го ставам
За да здивнам од него
А и тој од мене да одмори
И никако да се договориме
(како возрасни, што би се рекло)
Дека мора пријатели да сме
За да не си наштетиме повеќе
Отколку што секој од нас може да издржи
А знам, не дека не знам
Оти еден ден сета оваа болка
Бесмислена и смешна ќе биде
Нестварна и малку патетична
Ама дотогаш ќе чекорам, упорно, инаетливо
Оти јас навистина....
Навистина немам каде да се вратам