Многу е важно да научиш да прифатиш пораз и да останеш скромен после победа: Разговор со Еди Шерифовски

Добивај вести на Viber

Еди Шерифовски е едно од најсветлите имиња на младата македонска спортска сцена – џудист чија дисциплина, упорност и талент веќе го поставија на меѓународната мапа со освоени златни медали на престижни натпревари. 

Како спортист кој само на прв поглед изгледа тивок и скромен, а во суштина носи огромна сила, зрелина и јасна визија, Еди претставува вистински спортски амбасадор на Македонија. 

Неговите успеси не се само лични триумфи, туку и пример за генерацијата која доаѓа – дека макотрпната работа, посветеноста и верата во себе можат да отворат врати и надвор од границите на земјата.

Во ова видео интервју разговараме за тоа како изгледа светот низ очите на млад спортист кој веќе искусил и подиуми, и разочарувања; како победата може да инспирира, а поразот да научи. 

Еди искрено зборува за моментите кога морал да ја надмине сопствената слабост, кога ја почувствувал тежината на очекувањата, но и еуфоријата на успехот што го потврдува целиот труд. 

Го отвораме прашањето како спортот го гради карактерот – што значи да научиш да се справиш со поразот без да се обесхрабриш, и да ја прифатиш победата без да изгубиш скромност.

Го допираме и темата за реалноста на македонскиот спорт: кои се можностите, кои се предизвиците, и дали младите спортисти добиваат доволно простор, поддршка и мотивација.