„Прифатена сум со сите мои слабости и ограничувања“: Весна Христова, социјален работник со попреченост - инспиративниот пат на инклузијата

Добивај вести на Viber

Во светот во кој трудољубивоста и човечноста се највредните особини, приказната на Весна Христова (39) е жив доказ дека љубовта кон работата и кон луѓето може да ги надмине сите граници.

Повеќе од една деценија, Весна е дел од тимот на ЈУДГ „Буба Мара“ – Скопје, Општина Аеродром, каде со голема посветеност и професионализам ја извршува својата улога како социјален работник во администрацијата на градинката. Иако е лице со попреченост, Весна совршено се вклопила во работната и колегијалната средина, каде што ужива безрезервна поддршка од директорката и своите колешки, кои во неа гледаат инспирација, пример за истрајност и позитивен дух.

По професија е социјален работник, а своето образование го надоградила како магистер по социјална работа, како и семеен и системски советник, со завршена едукација на Институтот за брак, семејство и системска пракса „Алтернатива“ во Скопје. Непоколеблива, трудољубива и исполнета со емпатија, Весна секојдневно го претвора својот професионален повик во вистинска мисија – да помогне, да поддржи, да разбере.

Надвор од своето работно место, таа активно учествува и во хуманитарни и советодавни иницијативи како дел од Здружението на граѓани „Куќа на среќата“ – Скопје, каде со својот колектив организира предавања и работилници за родители на деца со посебни потреби, нудејќи им поддршка, насоки и, пред сè, надеж.

Во разговорот за Женски магазин, Весна Христова открива како изгледа нејзиниот секојдневен пат исполнет со посветеност и љубов кон професијата, што ја мотивира да продолжи напред и како успева, со тивка сила и големо срце, да ја шири среќата околу себе.

Мотивацијата за вклучување во административната работа најчесто произлегува од желбата за општествен придонес, личен развој и можноста за непосредна помош на ранливи групи. Во случајот со Весна, поттикот за ова професионално насочување произлегол од нејзиното рано искуство со волонтерска работа и контакт со деца од социјално загрозени категории.

„Уште од моите 20 години, започнав да волонтирам во Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во Скопје. Работев на проектот „Деца на улица – улични деца“. Преку волонтирањето дојдов до сознание дека мојата конкретна работа како социјален работник ќе биде со деца … Преку тој проект сфатив дека и тие се деца како и другите деца и им треба помош и поддршка за да влезат во општествениот систем и се изградат како добри личности.“

Весна Христова, како лице со попреченост и социјален работник во детска градинка, е пример за истрајност, посветеност и љубов кон својата професија. Нејзиниот секојдневен ритам е исполнет со одговорности, непосредна работа со деца и постојана желба да придонесе во нивниот развој и благосостојба. Таа својата секојдневна рутина – и на работа и надвор од неа – ја опишува вака:

„Работна недела: Денот ми почнува од 7:30 часот кога станувам. Пуштам радио и се спремам за на работа. Работниот ден ми почнува од 08:30 часот. На работа пуштам радио, ги поздравувам со ,,Добро утро“ децата и вработените. Започнувам со планираните секојдневни работни обврски се до 15:30 часот кога ми завршува работниот ден.

Работниот ден секојдневно е различен. Според планираното или потребите, работам со деца на кои им е потребна помош и поддршка. Одам по групи каде го опсервирам однесувањето на децата и нивниот однос кон другите деца и учителките.

По потреба спремам материјал за воспитна активност со децата; подготвувам извештаи за реализираните активности и опсервации; присуствувам на состаноците на стручниот тим и Директорот на градинката; организирам Светски, Меѓународни и домашни денови со различни активности. Извршувам и други активности кои ќе се јават по потреба. После 15:30 одам дома, ручам, одмарам и го осмислувам остатокот од денот. (договарам кафиња со другарки, дружби, прошетка со моите родители, играм или учам со внукот или завршувам работни обврски online).

Викенд: Денот ми почнува слично како работен ден, но подоцна. За време на викендите го користам секој миг да излезам на подолги прошетки, кафињата траат подолго, семеен ручек со семејството на мојот брат, а исто така и телефонските разговори со драги луѓе (на Вибер или на обичен телефон).

Викендите имам активности и во Здружението на граѓани „Куќа на среќата“ Скопје, со која организираме предавања за родители на деца кои се со посебни потреби, им нудиме и различни видови на помош и поддршка.“

Професионалниот ангажман на Христова, претставува пример за одговорност, тимска работа и постојан ангажман во создавањето поттикнувачка средина за децата. Таа секојдневно вложува труд во следење на нивниот развој, организирање активности и соработка со колегите и родителите.

„Во градинката сме вработени двајца социјални работници, така што работата ни е поделена и се договараме којшто ќе работи. Јас работам со децата – го следам нивниот раст и развој и ги поттикнувам да се развиваат што е можно подобро.

Организирам и реализирам активности и работилници од различен вид со децата – но понекогаш ги вклучувам и родителите, дури и бабите и дедовците.

Исто така, сум координатор на Меѓународни проекти во кои ги вклучувам и ги координирам колешките кои сакаат да реализираат активности од тие проекти. Среќна сум бидејќи оваа година за прв пат се стекнавме со плакета и знаме „E-twinning school“ која е резултат на нашето вклучување и успешно работење во различни меѓународни проекти. И секако – The show must go on!“

Во својата работа како социјален работник, Весна покажува дека успехот во воспитно – образовниот процес зависи од заедништвото, меѓусебната поддршка и довербата меѓу сите вклучени страни. И покрај личните предизвици, таа со голема благодарност зборува за тимската соработка со колегите, воспитувачите и родителите на децата, истакнувајќи ја важноста на заедничкото делување за доброто на секое дете.

„Би сакала да споделам дека имам одлична соработка со колегите од мојата градинка, за која сум им благодарна. Заеднички реализираме различен вид на активности, споделуваме идеи, си помагаме кој – колку може, разговараме за однесување на одредено дете во групата и за тоа што може да се направи за да се надмине проблемот (ако е негативно однесување). Преземаме чекори, во поглед на тоа што е најдобро за детето и за неговиот развој и интереси. Јас најчесто со родителите се сретнувам на работилници и предавања кои ги организираме во градинката, на кои предавам и давам совети.“

Посветеноста и љубовта кон професијата често се најдобро наградени кога трудот е препознаен од колегите и средината. Христова, со голема благодарност зборува за почитта и поддршката што ја добива од својот колектив. Нејзините зборови ја одразуваат скромноста, но и гордоста што произлегува од успешно завршената работа.

„Чувствувам дека мојот придонес е препознаен, признаен и вреднуван од страна на колешките од градинката, бидејќи за секоја успешно реализирана активност или работилница ќе ми споделат: „Еј ова екстра беше“, „Многу ми се допадна како ја направи активноста“ … Посебно го почувствував тоа кога се стекнавме со плакета и знаме „E-twinning school“, бидејќи колешките мене лично ми честитаа за тој успех, иако јас мислам дека успехот е заеднички на сите.“

Работата со деца за Христова не е само професија, туку и животна мисија исполнета со љубов, трпение и посветеност. Таа искрено признава дека најголемо задоволство ѝ причинуваат токму децата и секојдневната интеракција со нив. Сепак, како лице со попреченост, Весна се соочува и со одредени предизвици – особено во комуникацијата со родителите, каде понекогаш се јавува несигурност околу тоа како ќе биде прифатена. И покрај сè, нејзиното работно опкружување ѝ пружа силна поддршка и разбирање.

„Сите вработени од градинка имаат разбирање за мене и моите ограничувања. Прифатена сум со сите мои слабости и ограничувања.“

Иако лицата со попреченост често се соочуваат со бариери во професионалната средина, искуството на Весна претставува позитивен пример за вистинска инклузија и прифаќање. Нејзината искреност и топлина се препознаени и ценети од сите во колективот, што создава работна атмосфера исполнета со поддршка, почит и разбирање.

„Во ниту еден момент не се чувствувам исклучена и недоволно разбрана. Со колешките и колегите разговарам отворено за се, што е во врска со мене и работата. Навистина имам колешки и колеги кои имаат разбирање за мене, ме вклучуваат во се и ме разбираат. Дури и велат „Весна дојде, убав и насмеан ќе е денот“. (имаме шест објекти во рамките на градинката)

Во однос на мене и моите потреби, работното место е одлично и не би променила ништо. Во иднина не знам – сè зависи од потребите.“

Христова ја доживува општествената свест за лицата со попреченост во Македонија како процес што полека, но сигурно напредува. Според неа, условите денес се значително подобрени во однос на нејзиното детство, со поголема инклузија во образованието и со поддршка за лицата со посебни потреби. Исто така, таа ја истакнува важноста младите со попреченост да бидат храбри и упорни на патот кон професионалната реализација.

„Во Македонија, полека но сигурно, општествената свест за лицата со попреченост се подигнува. Имајќи предвид откако јас се родив и растев, немаше никаква свест за потребите на лицата со попреченост, сега истите се вклучени во редовниот образовен процес, имаат образовни асистенти кои цело време се со нив и многу им помагаат во учењето. Веќе има пристапни рампи, школувањето и лекувањето е бесплатно …

Младите да не се плашат од својата состојба, да бидат упорни, да ги следат своите соништа, да учат, да работат на себе, да бидат вредни, да вложуваат во себе за да дојде се на свое место.“

На патот кон професионалната и личната реализација, секогаш постојат личности кои нè инспирираат и ни даваат пример како да се носиме со предизвиците на животот. За Весна Христова, лице со попреченост кое работи како социјален работник во градинка, најголемо влијание има семејството.

„Да. Дефинитивно тоа се моите родители и брат ми. Од нив научив како да пристапувам во животот (со какви ставови), дека е убаво да се биде вреден и трудољубив за да си успешен, а најважно од се да знаеш да се бориш и да се докажуваш.“

Како социјален работник и личност со попреченост, не само што се посветува на професионалниот развој, туку има и јасни лични цели и желби кои ја инспирираат да продолжи да напредува. Таа верува дека животот е убав и вреди да се живее целосно, и го гледа секој ден како можност за раст и постигнување на нови успеси.

„Професионален план – уште многу успешно реализирани меѓународни проекти, работилници и воведување на новини во градинката. Личен план – среќна и успешна млада жена која на сите кои се во нејзината околина им покажува и докажува дека животот е убав, само треба да знаеш да го живееш. Ќе продолжам со лична надградба и суб-специјализација со цел да бидам уште поуспешна. Барем еднаш во животот да одам во Охајо или Њујорк во посета на моите братучеди кои многу ги сакам и ми фалат.“

Габриела Додевска Глигоровска