Во Италија нашата Виолета го прави највкусното тирамису: Таа е доказ дека секој сон е возможен

Добивај вести на Viber

Пред две децении, Виолета Захариева одлучила да направи чекор што ѝ го променил животот од корен. Замина во Италија, а таму љубовта кон храната и желбата од нејзино хоби стане професија. Денес, со семејството живее во живописниот град Сен Винсент (Saint-Vincent), во регионот Вале д’Аоста, и работи во познатиот ресторан La Cave des Amis, кој за неа станал втор дом.


„Секогаш ја сакав кујната и готвењето, уште од дете“, открива Виолета, која успеала во земјата со најстроги гастрономски стандарди да се вгради во срцето на италијанската кулинарска традиција. Почетоците не биле лесни – Италијанците, вели таа, многу ја ценат прецизноста и страста кон храната. „На почетокот беше голем предизвик, но со многу труд и љубов успеав да се вклопам и да најдам свое место овде во Италија.“



Трудот, сепак, не поминал незабележано. Пред неколку месеци, ресторанот каде што работи објави фотографија со нејзиниот десерт и натписот: „Неговото Височество – TIRAMISU“.

„Кога го видов тој пост, се почувствував гордо и емотивно. Тоа беше потврда дека љубовта и посветеноста се препознаваат“, раскажува Виолета.

Нејзиниот тајен рецепт за совршен тирамису не е во сложени техники, туку во рамнотежата – „меѓу кремот, кафето и какаото“ а нејзина мала тајна како што ни откри се висококвалитетно еспресо и свежи состојки. Се смее кога додава: „Најважната состојка е љубовта кон тоа што го правиш“.



Иако живее во Италија, Виолета во своите јадења секогаш внесува и нешто македонско. „Додавам македонски дух, топлина и, се разбира, љубов кон храната“, вели таа низ насмевка.

Работниот ден во ресторанот, ни раскажува дека ѝ започнува рано. 

Тимот во La Cave des Amis е сплотен, а менијата се менуваат секој ден. Работат исклучиво со свежи производи и подготвуваат традиционални италијански јадења и десерти, но не забораваат да внесат и нешто модерно. 


„Сепак, тирамисуто секогаш има посебно место“, открива Виолета.

И по дваесет години во Италија, Македонија ѝ недостасува. 

„Најмногу ми недостасуваат мирисот на домашниот леб од фурна, ајварот и семејните ручеци. Вкусовите од детството секогаш ќе бидат дел од мене.“


За младите жени кои сонуваат за живот и кариера во странство, има едноставна порака:
„Да веруваат во себе и никогаш да не се плашат да започнат нешто ново. Секој почеток е тежок, но со љубов, труд и трпение – сè е возможно.“

Виолета денес е жив доказ дека со срце, посветеност и верба, еден сон може да прерасне во професија – и дека парче тирамису, направено со љубов, навистина може да го освои светот.


Ирена Ставрова

ФОТО: Приватна архива


*Забрането преземање авторска содржина од Женски магазин