„Затворениците од Идризово ми велат - Ти си ни и татко и мајка“: Сведоштво на воспитувачот Ковиловски за тоа дали во затвор може да настанат и корисни граѓани за општеството

Добивај вести на Viber

Александар Ковиловски е воспитувач во КЗУ Идризово веќе 15 години. Во својата долгогодишна работа со затворениците се соочил со низа предизвици. 

Вели дека неговата работа е неблагодарна зошто никогаш не се знае, дали трудот кој го вложуваат во ресоцијализацијата ќе биде ефективен. 

Од друга страна присутен е и етичкиот парадокс, дали луѓето кои направиле страшни злосторства, треба да бидат перманентно казнувани за своето дело, како би се задоволила космичката правда, или сепак треба да им се даде втора шанса. 

Дали, пак, по втора шанса, вреди да се даде и трета, тоа е навистина тешко прашање, но Ковиловски вели дека во темелот на нивната работа стои дека треба да се работи на секундарната социјализација на осудените лица и да се обезбеди хуман пристап и човечко разбирање. 

Некогаш тоа е борба со ветерници, во страниците на биографијата на осудените лица, често стои дека примарната социјализација навистина откажала, а тука се вбројуваат семејството, училиштето, врсничката група и други случки кои го профилирале осуденикот на издржување на затворска казна. 

Вели дека од осудениците со кои работи често слуша дека тој им е и мајка и татко, раме за утреха и врата кон слободниот свет каде важат нормални општествени правила. Но, за успешна ресоцијализација потребно е многу повеќе од добар воспитувач, а тоа се услови кои во моментот државата ги нема, пред сѐ кадровски решенија кои ќе овозможат повеќе време на секој воспитувач да се вложи и да ја работи посветено својата работа, прилагодувајќи се на индивидуалните потреби на затворениците. 


Прилогот го подготви: Магдалена Стојмановиќ - Константинов