Дуа Липа блеска во дизајн со македонски потпис: Уметник од Македонија изработи веганска јакна за светската ѕвезда
Светски познатата пејачка Дуа Липа неодамна беше изненадена со рачно насликана јакна, изработена од македонскиот уметник Сатја Грабулоски во неговото студио во Скопје - „SWithaDot“. Уникатното парче ѝ беше врачено на фестивалот „Sunny Hill“ во Приштина, каде што Дуа настапи, а специјалната чест да ѝ ја предаде ја имаше нејзиниот татко Дуги Липа, долгогодишен пријател и соработник на Грабулоски.
Говорејќи за инспирацијата зад јакната на Дуа Липа, Сатја открива:
„Дизајнот е инспириран од омотот на нејзиниот албум „Radical Optimism“, а доминираат боите на зајдисонцето што се поврзани со нејзиниот фестивал Sunny Hill. Јакната е изработена од 100% вегански материјали. Целиот процес – од идеја до реализација – го водеше Лира Грабул, а проектот на некој начин претставува момент на почит и уметничка соработка меѓу семејствата Грабул и Липа, бидејќи Дуги беше активно вклучен, а токму тој ѝ ја предаде пред настапот.“
Ова е само уште едно продолжение на соработката меѓу Сатја и Дуа Липа. На почетокот на нејзината кариера, тој ѝ создаде*рачно насликани патики за еден од нејзините први видеоспотови, а неколку години подоцна пејачката повторно доби нов пар со негов потпис.
Сатја е основач и креативен директор на „SWithaDot Studios“, првото македонско студио посветено на облека што ги спојува уметноста, модата и современиот дизајн. Потписот на Сатја започна прво на обични бели патики, а потоа својот тален го пренесе и на патики кои наменски ги црташе за одредени познати лица - фудбалери, пејачи, диџеји.
Со овој најнов проект, Сатја Грабулоски уште еднаш ја потврдува својата репутација како уметник што од Македонија создава уметност со светски сјај, спојувајќи страст, автентичност и иновативност во секое свое дело.