Две одбројувања и журка до зори: Овој европски град знае како се дочекува Нова година
Ако сакате дочек што не запира на полноќ, туку трае до утрото, една европска престолнина нуди сосема поинакво искуство. Две одбројувања, улични забави, клубови и традиции стари повеќе од еден век го прават најдоброто место за влез во 2026 година, тврди „Тајм аут“.
Доколку не сте одлучиле каде ќе ја прославите Новата година, крајно време е да направите план.
За малку повеќе од две недели влегуваме во 2026 година, а изборот на дестинација може да направи разлика помеѓу незаборавна ноќ и прием што ќе сакате да го заборавите што е можно поскоро.
Новата година е еден од ретките празници што се слави низ целиот свет, од спектакуларни огномети во големите метрополи до улични прослави во најмалите градови.
Сепак, не сите прослави се исти, и секој од нас барем еднаш доживеал прослава што не го оправдала мамурлакот на 1 јануари.
Затоа „Тајм аут“ се консултираше со својата авторка за патувања Дана Камилери Кларк, која го помина 31 декември во дури десет европски градови. Нејзината препорака за најдобрa забава во Европа е - Мадрид.
Шпанската престолнина ги сфаќа своите прослави многу сериозно, а Новата година не е исклучок.
Полноќ, како што вели Кларк, е само „загревање“ за забавата што трае до раните утрински часови. Посебен куриозитет е второто одбројување до еден час по полноќ, кога Канарските Острови „стигнуваат“ до остатокот од Шпанија, што дава можност за уште една мини-прослава.
Главното место за средба е познатиот плоштад Пуерта дел Сол, но речиси сите ресторани, барови и клубови низ градот организираат свои новогодишни забави, па затоа нема недостаток на избор.
Сепак, приемот во Мадрид не е само забава.
Постојат и традиции што гостите со задоволство ги прифаќаат. Најпозната е „las doce uvas de la suerte“ - обичај стар повеќе од сто години, според кој на полноќ се јадат 12 зрна грозје, по едно за секое отчукување на часовникот, за среќа во претстојната година. Не е лесно да се следи темпото, но тука лежи забавата.
Советот на искусните патници е да купуваат грозје на време, бидејќи во пресрет на Новата година, продавниците брзо се празни.
На листата на најдобри дестинации за дочек на 2026 година, Берлин беше веднаш зад Мадрид, додека Милано го освои третото место, со малку помирна атмосфера и помалку клупска музика, но со свој посебен шарм.
РЖМ/ИС -EUpravo zato/timeout.com / Фото: Фејсбук