Св. Никола како аманет и семејна светлина: Маја Андоновска Илијевски со емотивна празнична порака
Актерката Маја Андоновска Илијевски вчера го одбележа големиот христијански празник Св. Николај Чудотворец со длабоко лична и емотивна порака, споделувајќи моменти од семејната прослава во својот дом. Преку статус на социјалните мрежи, таа откри дека Св. Никола не е само слава, туку животен аманет кој го носи уште од детството.
Како што напиша Маја, славата ја презела од своите баба и дедо по мајка, исто со презимето Илијевски, пред точно 20 години – во период кога штотуку го започнувала својот професионален пат. „На баба ми ѝ реков: од денес Св. Никола е моја слава“, напиша актерката, објаснувајќи дека најубавите и најрадосни спомени ѝ се врзани токму за овој празник.
На фотографиите што ги сподели, се гледа топла, семејна атмосфера – свечено уреден дом, богата празнична трпеза и насмеани лица. На првата фотографија Маја позира со својот сопруг и нивниот син Николај, кој го носи името на светецот и, како што вели таа, расте воспитуван со истите вредности: скромност, милосрдие и правда. Останатите фотографии ја прикажуваат проширената фамилија собрана околу трпезата, во духот на заедништво и благодарност.
Во статусот, Андоновска Илијевски го цитира и животното мото на својата баба – „да не знае левата рака што прави десната“ – кое денес е водилка и за нејзиното семејство. Таа му се заблагодари на Св. Николај за „сите светлини и патишта“ што ѝ ги отворил и за заштитата над нејзините најблиски.
Празникот, како што покажуваат фотографиите и зборовите, кај Маја не е формалност, туку жива традиција што се пренесува со љубов – од генерација на генерација.
РЖМ/ИС - ФОТО: Официјален Фејсбук профил Маја Андоновска Илијевски