Љубовта кон животните мотив за креативност: Јана Маркова создаде тренд што го засакаа многумина
Понекогаш најубавите приказни не се планираат, едноставно се случуваат. Токму така започнала и приказната на Јана Маркова (27) дипломирана правничка, која сосема случајно го открила светот на креативноста. Денес, нејзините рачно изработени алки и огрлици не се само накит. Тие се мали лични приказни, симбол на поврзаност и радост.
-Првичната инспирација не беше да направам нешто за некој друг. Кога се подготвував за излегување и ставав некој погабаритен или помал накит, секогаш погледот ми беше насочен кон тоа што би можело да се додаде или одземе од некое парче. Потоа почнав сама да си изработувам накит, само за себе, рекреативно. Тоа го сфатив како хоби кое ме релаксира, за на крај да прерасне во нешто поголемо - вели Јана и дополнува дека секогаш ја следи интуицијата. Не планира строго, не црта однапред. Сѐ препушта на мигот.

-Најчесто ме инспирира моменталното расположение, некоја боја која во моментот ме внесува во одреден мод или самиот материјал, како што се монистрите што ги имам на располагање. Секогаш се водам од инспирацијата која произлегува од креативноста што ја имам во моментот и таа ме води. Досега не сум погрешила- вели таа.
Јана отсекогаш сакала животни. Првичната идеја била да има matching алка за неа и огрлица за своето куче Скај. Денес, таа создава уникатни парчиња што ги поврзуваат сопствениците со нивните миленици, мал знак на љубов кој буди насмевки каде и да се појави.

-Беше лето и додека се шетавме сите нè гледаа. Моите другарки изразија желба да направам и за нив и за нивните миленици. Така се роди идејата да го правам тоа, за сите што сакаат да бидат во тренд со своите миленици. Се покажа како одлична идеја и искрено, повеќе нарачки имам за тоа - открива таа.
Работата со монистри за Јана е бегство, издувен вентил и израз. Некогаш има наплив на инспирација и експериментира. Некогаш има конкретна нарачка од клиент со точно одредена боја или дезен.


-Но, често се случува да направам по мое видување што најмногу би им прилегало и за каква намена е. Искрено, по краток муабет можам точно да одредам што најдобро му прилега на некого, според стилот и според сензибилитетот- посочува Маркова
Иако започнала случајно, креативната приказна на Јана веќе доби своја прва јавна потврда.



-Среќна сум што за прв пат имав мое јавно изложување на креативната работа, од кое сум премногу задоволна од одзивот на базарот. Тоа беше на некој начин одобрување и позитивен фидбек за целата моја досегашна работа. Како заслужен аплауз за мојата креативност, која наиде на голем интерес на мое огромно изненадување, затоа што сепак целата приказна започна сосема случајно и прерасна во нешто што ме исполнува, а и ги прави среќни мене и моите клиенти. Насмевката на лицата на секој што застана да си купи за себе, за своето дете, за некој близок или за своето милениче, мене ми го исполнува срцето со радост дека сум направила нешто убаво. Средствата беа наменети за хумани цели и тоа е она што ме прави дополнително среќна - открива Јана која верува дека секој човек носи креативност. Само понекогаш треба нешто мало да ја разбуди.




-Би им порачала на сите кои некогаш не знаат што со себе и кога чувствуваат дека нешто не им оди во животот, да почнат да прават нешто што ќе ја извади нивната креативна страна на површина. Никогаш не се знае каде може да ве одведе сето тоа и што може да создадете, за себе или за другите. Може една идеја да прерасне во одличен бизнис. Во мојот случај е лично за себе и за сите оние што можам да ги направам среќни. Кога ќе ви дојде некоја идеја, пробајте ја. Не се плашете и не очајувајте. Се греши еднаш, двапати, и потоа ако не се откажете, се успева - заклучува таа.
Соња Алексоска Неделковска