Ана Бунтеска: Куќата на моето срце
Две куќи имам
Два дома и две засолништа
Во едната телото ми се одмора
Спастрена по терк на душава
Топло и меко
Удобно и тивко
Со светла кои греат како сонце
Мирис на стари книги и заспано дете
Ноти од музика во која се губам
Нишки од арома на цимет и ѓумбир
Таму ја собувам кожата
Таму своја сум и на своето стојам
Ширум отворам пенџериња
И седам на лулашка која тивко пее
Таму си ја гушкам сенката
Во која ја наоѓам и онаа од ќерка ми
За да биде сè токму онака
Како што ми треба за да сум среќна
Другата дома ми е срцево
Кое е колку тупаница од дете
Ама во кое сиот свет го собира
Таму ми спијат мирисите на моите луѓе
Нивната смеа која гргори
Муабетите кои жуборат
Стисоците за рака кои утеха се
Сите ноќи непреспани од танцување
Сите испиени вина со оние кои драги ми се
Таму сум подеднакво ЈАС
Како што сум кога се гледам во огледало
И знам дека добро е
Дека добро ќе е и тогаш кога не е
И во таа другата дома
Во моето мало срце во кое љубов збира
Има една празна соба
Која е секогаш под клуч
Кој го оставам на чудни места
Со ниет да заборавам каде е
И да не ми падне на ум внатре да влезам
Дали од љубопитност или болка, сеедно
И во широк лак ја заобиколувам
Иако низ клучалката некојпат ѕиркам
И како што сум улава, знам и да вдишам
Та ми се враќаат спомени
Кои ги гледам како низ замаглено стакло
Ама доволно јасно за да заболат
Таму си ти
Таму сум јас
Или барем онаа која што бев дур заедно бевме
И пред очи ми се појавуваат слики
Од едно време кое не се враќа
Од една јас која повеќе ја нема
Од еден ти кој одамна не е тука
Ете таму
Во таа мала и полна спомени соба
Ги заклучив сите мисли за тебе
И заклучив една Ана која знаеше да љуби
Та си велам дека еден ден
Навистина еден ден храброст ќе зберам
И внатре со сигурен чекор ќе влезам
Џамови ќе отворам
Малку ќе зачистам
И клучот ќе го фрлам најдалеку што можам
Од таа мала, а толку голема соба
Во која никој веќе не преспива
А најмалку ти и најмалку јас
Еден ден храм на љубовта ќе сторам
За Женски магазин, Ана Бунтеска