Во најсреќниот град во Европа и кралицата оди на работа со велосипед, а за преселување таму размислуваат и Македонците
Зошто Копенхаген ги тера луѓето сериозно да размислат за преселба – и што од тоа може да научи Македонија
Данската престолнина со години се наоѓа на врвот на европските и светските листи за квалитет на живот, а начинот на кој функционира привлекува внимание далеку надвор од Скандинавија. Копенхаген не се обидува да ве воодушеви на прв поглед, но полека и сигурно ви се вовлекува под кожа. На хартија изгледа уреден, мирен и воздржан град, но зад таа слика се крие метропола полна со слобода, храбри идеи и паметни контрасти.
Ова не е класичен туристички водич, туку обид да се објасни зошто Копенхаген важи за еден од најпријатните градови за живот во Европа – и зошто многумина, по посетата, почнуваат да се прашуваат како би изгледал нивниот живот доколку живеат во ваков град.
Копенхаген со години е меѓу најсреќните градови во светот, но таму тоа не се доживува како титула, туку како секојдневие. Градот нема нервоза, брзина без смисла и постојан притисок. Причината не е една голема реформа, туку низа мали, доследни одлуки – функционален јавен превоз, достапни квартови и чувство дека градот им помага на луѓето, а не им создава пречки.

Особено впечатлив е сообраќајот: во Копенхаген има околу пет пати повеќе велосипеди отколку автомобили и над 400 километри велосипедски патеки. Луѓе од сите генерации одат на работа, на училиште или во продавница со велосипед, а според локалните медиуми, дури и данската кралица секојдневно користи велосипед – без тоа да предизвика сензација. За разлика од тоа, во Македонија велосипедот сè уште често се доживува како рекреација, а не како рамноправно превозно средство, со ограничена инфраструктура и небезбедни услови за возење.
Во центарот на Копенхаген се наоѓа и CopenHill – еколошка постројка за согорување отпад за отпад која произведува енергија за илјадници домаќинства, а на нејзиниот покрив има скијачка патека, пешачки зони и ѕид за качување. Инфраструктурата тука не се крие, туку се претвора во јавен простор. Во Македонија, пак, отпадот и натаму е еден од најголемите урбани проблеми, а вакви примери на креативно и одржливо управување сè уште се реткост.
Копенхаген е и дом на Christiania – автономен кварт познат како „држава во држава“, кој функционира по сопствени правила и претставува редок пример на толеранција и алтернативен урбан живот во срцето на европска престолнина.
Hygge – данската филозофија на удобност и рамнотежа – во Копенхаген не е тренд, туку реалност. Луѓето се капат во градските канали, користат јавни простори, живеат побавно и поквалитетно. Токму тука лежи главната разлика со Македонија: не во богатството, туку во приоритетите, планирањето и односот кон секојдневниот живот.
Копенхаген покажува дека среќен град не се создава преку спектакл, туку преку грижа за луѓето. И тоа е лекција од која може многу да се научи.
РЖМ/ИС - ФОТО: unsplash - Febiyan