Марио Мицковски, момчето со Даунов синдром кое докажува како со упорност и поддршка, бариерите се рушат – а соништата стануваат реалност

Добивај вести на Viber

Марио Мицковски е пример дека силата на духот и љубовта кон животот можат да го надминат секој предизвик. Дваесет и петгодишниот Марио, момче со Даунов синдром, е дел од општинската администрација во Бутел, но и страстен спортист кој со својата упорност и позитивна енергија ги руши сите бариери. Во 2023 година беше дел од Специјалната олимпијада во Берлин, каде освои бронзен медал на 100 метри слободно пливање, потврдувајќи дека трудот и вербата секогаш носат резултати.

Во разговор за Женски магазин, Марио ни открива како изгледа неговото секојдневие во општина Бутел, колку му значи поддршката од семејството и пријателите, како и што најмногу сака да прави во слободното време. Но, највпечатлив дел од неговата приказна е пораката што ја испраќа – дека животот е борба, и секој треба да се избори за своето место под сонцето.

„На сите им препорачувам да се трудат да ги остварат своите желби, да се дружат, да спортуваат, да не се откажуваат и да се борат за победи,“ вели Марио – со искреност што инспирира и мотивира.

Иако е само една година дел од административната служба во Општина Бутел, Марио Мицковски со својата ведрина и посветеност стана омилен меѓу колегите. Работното место за него не е само обврска, туку и место каде секојдневно шири позитивна енергија и покажува дека љубовта кон работата и луѓето околу него е клучот за успех. Марио открива како изгледа едно негово утро во општината и што најмногу му значи во работниот ден.

- Многу сакам да одам на работа и да работам. Одам наутро во 8 часот, а си одам од работа во 16 часот. Наутро ако стигнам прв, отворам прозорци за да влезе чист воздух. Потоа одам кај колегите во архива исто и во финансии за да ги поздравам. Со колешките од канцеларија Вале и Фатмире пиеме кафе или чај, а потоа ми даваат работни задачи за во текот на денот.

Покрај неговата позитивна енергија и трудољубивост, Марио е дел од секторот за спорт во Општина Бутел, каде секојдневно извршува различни задачи и активно учествува во организацијата на настани. Со одговорност и дисциплина, тој се грижи работата во секторот да функционира беспрекорно и секогаш е подготвен да помогне на своите колеги.

-Најчесто носам документи од нашиот сектор за потпис, а потоа и за заверка во архива, копирам документи, правам списоци за училиштата, за стипендии за спортисти и друго. Одам со колегите на настани кои се организираат во училиштата на нашата општина, водам евиденција на учениците кои доаѓаат на пракса во Општина Бутел и сè друго што ќе ми дадат.

Марио вели дека ужива во својата работа и убаво се чувствува кога знае дека е продуктивен. Исто така од сите колеги е добро прифатен и има многу пријатели помеѓу колегите.

Работењето на лица со Даунов синдром во јавните институции сè почесто се покажува како позитивен пример за инклузија и еднакви можности. Еден од тие примери е и Марио кој испраќа силна порака за прифаќање и разбирање.

- Верувам дека е така и се надевам дека примерот на нашата општина ќе биде пример и за другите општини.

По големиот успех и освоениот медал на Специјалната олимпијада во Берлин, Марио веднаш започна и ново поглавје во својата професионална кариера – вработување во општината. И покрај новите обврски, спортот и натаму останува важен дел од неговото секојдневие.

- Јас и после вработувањето продолжив редовно со тренинзите за пливање преку Специјална Олимпијада на Македонија. Го сакам пливањето. Неколку месеци паузираме поради неработење на базенот во „Борис Трајковски“.

По бројните успеси и признанија, Марио не застанува тука. Иако веќе има богато спортско искуство и освоени медали, тој продолжува да размислува за нови цели и идни натпревари. Следни предизвици за него се Светските Олимписки игри и Специјалната олимпијада кои се одржуваат на секои четири години, наредната е во 2027 година, но дотогаш вели има уште време. Она што би сакал да го научи Марио од спортови е кикбоксот.

И надвор од работното место, тој има активно и исполнето секојдневие. Слободното време го користи за дружење, спорт, музика и активности кои му носат радост и нови пријателства.

- После работа се возам со мојот трицикл и со него одам до игралиште каде има многу деца, а понекогаш бранам на гол кога се игра фудбал, сакам да играм игри на телефон, понекогаш одам во блиската теретана да вежбам.

Во текот на неделата имам и други активности. Подолго време одам на танц во „Еурека“ и сакам многу да танцувам. Исто така, во нашето здружение за лица со Даунов синдром „Трисомија 21“, имаме хор каде со Билјана учиме народни и забавни мелодии, а имаме и часови по фолклор со Роберт и учиме народни ора. Јас сакам и да пеам и да играм. На крајот од минатата година имавме концерт со здружението во Дом на културата Беличанец. Многу сакам да се дружам со другарите, да пиеме заедно кафе, да одиме на пица …

На сите тие натпревари, како и секојдневни активности најголемата поддршка Марио ја добива од неговата мајка Јамболка, за која Марио вели дека таа е секогаш со него.

Таа пак ни раскажа за Марио каков бил како дете, колку е горда на големите успеси на својот син, предизвиците низ кои поминале заедно, но и како е да се биде родител на дете со Даун.

- Марио беше мирно дете кое често беше насмеано, уживаше во храната. Не се противеше на ниедно барање за да постапи или направи нешто, може нема да успее, но секогаш се трудеше. Не се откажуваше. Ги прифаќаше обврските и беше исполнителен.

И денес е ненаметлив, дружељубив, исполнителен. Уреден е и секогаш навреме го спрема ранецот за на пливање, танц, тренинг. Наутро сам се буди и се подготвува за на работа. Како стана повозрасен и благодарение на сите активности и на својата работна околина спознавањата му се сè поголеми, почна да има ставови за повеќе работи и во тој поглед па може да биде и тврдоглав.

Да се биде родител секогаш носи со себе бројни предизвици, но кога станува збор за родителство на дете со Даунов синдром, тие предизвици добиваат една поинаква, подлабока димензија. Ова е пат исполнет со љубов, трпение и огромна посветеност, каде секој мал успех претставува голема победа. Како што вели родителот Јамболка „Кога имате дете со посебни потреби веднаш знаете дека нема да биде исто како другите и дека треба цел живот да вложувате многу труд, пари и одрекувања, а за сето тоа немате никаква гаранција, ви останува само надежта.“

- Прво се соочувате со проблемот да прооди, да прозбори, па потоа работа на говорот – ова беше долг процес, вклучување во градинка, основно, средно училиште. Ние ете може имавме повеќе среќа што во тој период почна полека да се зборува и практикува инклузијата, некаде за нешто ќе ве одбијат, но на друго место ќе ве прифатат. Заврши редовно основно училиште, а средно во спортската гимназија. Тогаш немаше асистенти и мораше сам да учи да се движи низ градот односно до училиште. Среќа што на досегашниот пат наидувавме на добри луѓе, луѓе со емпатија така што немавме некои поголеми трауми. Секако ова е резултат и на неговата природа што беше мирен, приспособлив и социјализиран.

Јамболка е горда на нејзиниот син Марио, како мајка вели дека кај него секогаш ја восхитува неговата смиреност, приспособливост и истрајност.

Во семејството Марио е поголемиот брат, додека Лео е неговиот помал брат. Поразлични во секој поглед, но сепак заедно и поддршка еден за друг.

- Лео беше темпераментно дете, а Марио мирен, тие се надополнуваа и немало меѓу нив расправии. Одеа заедно на училиште, Лео му беше пример и коректор од кој учеше и го копираше.

Да се изгради рамнотежа меѓу љубовта и вниманието кон децата е предизвик за секој родител, особено кога секое дете има различни потреби и барања. Родителството бара постојана присутност, разбирање и способност да се препознае кога и на кого му е потребна поголема поддршка. Како што вели Јамболка: „Љубовта е еднаква, но како родител проценувате од своето време на кое дете кога и колку ќе му посветите внимание.“

- Ако се свртам назад во времето можам да кажам дека беше напорно. Одите на работа со полно работно време и после работа сте ангажирани на сите активности што треба да ги направите околу децата кои се со една година разлика, но и тогаш и сега тоа не го доживував како товар. Љубовта е еднаква, но како родител проценувате од своето време на кое дете кога и колку ќе му посветите внимание. Тоа не значи дека правилно сте постапиле. Ако го прашате Лео може ќе каже дека на Марио сум му посветила поголемо внимание и поддршка, но јас во секој момент давав максимум од тоа што можев и умеев и на двајцата.

Искуството на родителите на деца со Даунов синдром е полно со предизвици, но и со многу љубов, упорност и вера во можностите на своето дете. Тие најдобро знаат дека напредокот не доаѓа преку ноќ, туку преку постојан труд, трпение и поддршка. Затоа нивната порака до другите родители е искрена и охрабрувачка.

- Не губете време и надеж, вложувајте во вашето дете, ако не научи да чита на 8 години може да научи на 16, ваше е да се обидувате и да се трудите. Не чекајте државата дека сето тоа ќе ви го организира, таа се движи многу бавно, а децата раснат брзо.

Не ги поштедувајте, не ги разгалувајте и обидувајте се да ги научите дека сите желби не може да им се исполнат, затоа што утре во градинка и во училиште никој нема да им ги исполнува. Работете на нивната социјализација, на нивното однесување.

Не очекувајте дека сите вас и вашето дете ќе ве разберат и ќе го прифатат само затоа што е „посебно“. Разберете ги и вие нив. Така помалку ќе се разочарувате.

Од мое искуство голем дел од луѓето се добри и со емпатија, но за жал ги има и другите.

Габриела Додевска Глигоровска